ЦИВИЛ Медиа разговараше со Елмедина Абдулахи, претставничка на иницијативата „Подобро за Тетово“ и членка на Советот на Општина Тетово.
ЦИВИЛ Медиа: Ќе разговараме малку со вас за состојбите со почитувањето на различностите и мултикултурализмот во Општина Тетово воопшто, но и да ни кажете нешто и за состојбите во институцијата
Абдулахи: Почитувањето помеѓу заедниците во институцијата Општина Тетово постои и мислам дека и ние како членови на советот, но и администрацијата внимава и ги почитува различностите. Тоа што сакам да нагласам е дека во име на почитувањето на различностите и мултикултурализмот, не треба да се прават злоупотреби, тоа што всушност треба да се почитува е вредноста и професионализмот на личноста, и потоа, следствено и мултикултурализмот. Едноставно, не треба во име на мултикултурализмот непрофесионалци да добиваат одредени позиции.
ЦИВИЛ Медиа: Дали со ова посочувате дека можно е да има дискриминација во оваа форма?
Абдулахи: Апсолутно мислам дека има длабока дискриминација и интеретнички и интраетнички, повеќе на партиска основа, повеќе на основа на придобивка отколку на национална. Знаеме дека Македонија е мултикултурна земја, но се уште не сме го постигнале посакуваното ниво, имаме потреба за понатамошна интеграција, ние како народ, како и сите други помали заедници што се жители на Македонија, и оваа иницијатива не треба да остане само на хартија, треба да се спроведува и во секојдневието, посебно во институциите. Повторно ќе нагласам дека квалитетот треба да биде на прво место.
ЦИВИЛ Медиа: За да стигнеме таму каде што се стремиме, Европските вредности, иако ги имаме, Владата ја започна Стратегијата „Едно општество за сите“. Дали сте запознаени со Стратегијата, дали се работи доволно на неа, имате ли препораки?
Абдулахи: На пример, во име на „Едно општество за сите“ се отвораат нови работни места, како и во име на Охридскиот рамковен договор исто се отвораат работни места со различни проценти за различни националности, и за да се пополнат квотите, се вработуваат луѓе е во институции во кои нема ниту физичка можност за работен простор, тоа се повеќе маргинализирани луѓе, отколку прифатени во заедниците. Ова е нешто што во име на заедничко општество, всушност повеќе ни прави штета, нам, Албанците.
Во име на Стратегијата „Едно општество за сите“ не треба да се отвораат фиктивни работни места, а луѓето да се чувствуваат неспособни, да немаат простор за работење, простор за делување.
ЦИВИЛ Медиа: Сакате да кажете дека има непропорционалност или дискриминација кон една или повеќе етнички заедници?
Абдулахи: Сакам да верувам дека е непропорционалност, дека не е дискриминација, но имам длабоки сомнежи.
Разговорот го водеше Дијана Тахири
Камера: Дехран Муратов
Монтажа: Ариан Мехмети
Оваа содржина е дел од иницијативите и проектите на ЦИВИЛ за промоција на мултикултурализмот и европските вредности, со поддршка од Министерството за надворешни работи и европски прашања на Големото Војводство Луксембург. Ставовите и мислењата изнесени во овие содржини се на самите Автор(к)и и не нужно ги отсликуваат официјалните ставови на донаторите.