Иако го најави за годинава, Владата сепак одлучи да го пролонгира враќањето на прогресивниот данок на личен доход. Во собраниска процедура е Законот за екстра профит кој предвидува сите фирми со добивка над 10 милиони евра, а на кои просечниот профит изминатите четири години им надминува 20%, за разликата да платат данок од 30 отсто. Планот е овој закон да се воведе еднократно, а анализите покажале дека по овој основ во државната каса ќе се слеат дополнителни 90 милиони евра.
-Во однос на даночната реформа, се базира на Стратегија за даночни реформи која е донесена во декември 2020 година и усвоена од страна на Владата, имаше период на јавна расправа долг период и се направи Предлог за оваа фаза со кои даноци ќе одиме, главно беше проширување на даночната база, зголемување на даночни стапки, а притоа се работи и на стратегија за сивата економија, а воедно да се направи поголема праведност во даночниот систем, тоа е во собраниска процедура и е дел од пакетот на даночните реформи што беше презентиран и како таков тој треба да го поддржи растот, да даде порамномерни даночни оптоварувања, а притоа да придонесе и кон фискалната консолидација, вели министерот за финансии Фатмир Бесими.
Тој додава дека ако споредуваме со земјите од ЕУ ние сме далеку од тоа колку се даночните приходи како процент од БДП, а од друга страна пак даноците значат и финансирање на јавните услуги и инфраструктура што се исклучително битни за бизнис климата во едно време и на конкурентноста на економијата и животниот стандард на граѓаните.
-Прогресивното оданочување го имавме и на јавна дебата изминатиот период, и според сите консултации во оваа фаза бидејќи имаше различни ставови, и со оглед на економската и енергетската криза, по дискусиите со економската заедница се сметаше во оваа фаза тоа да се укине како законско решение. Дополнително во следна фаза ќе се отоври како тема не директно само за овој данок туку и за зелените даночни политики како што е во ЕУ, но тоа не значи дека ќе биде следна година, тоа ќе следи широка консултација со деловната заедница и чинители на општеството ќе се оди и со други решенија, но тоа ќе биде во некој иден мандат на некоја идна владата, вели тој.
Соња Танеска