ТЕМА НА ДЕНОТ
Ковачевски, Заев и Ахмети разговарале за стратегијата за настап на изборите
Премиерот Димитар Ковачевски и актуелен лидер на СДСМ, лидерот на ДУИ Али Ахмети и поранешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев на синоќешната заедничка средба во Скопје, разговарале за дефинирање на стратегијата за настап на изборите и за сите опции на европскиот фронт.
ЦИВИЛ МЕДИА побара изјави од аналитичари, професори, уредници за средбите и настаните со национално, регионално и меѓународно значење во овој период кој го означуваат почетокот на политичката разврска што ќе почне уште со изборот на техничката влада.
„Мислам дека средбата оди во прилог на евроатлантските интеграции. Може да се очекува дека ова е победнички фронт на претстојните избори“, изјави Исмет Рамадани.
*
„Средбата Ковачевски – Заев – Ахмети ја толкувам како обид да за оформување на тој Европски фронт. Мислам дека не е голема тајна дека меѓународната заедница сака да го види Балканот на неповратен пат кон ЕУ. Тоа кај нас е поврзано со уставните измени и нестабилност во политичката ситуација ви за ви изборите. Во таа смисла средбата Ковачевски-Ахмети-Заев е обид да се зацврсти европскиот фронт, можеби да се направи и предизборна коалиција меѓу СДСМ, ДУИ и Алијанса, во обид таа коалиција ја состави наредната Влада“, вели Петар Арсовски, политички аналитичар и почесниот конзул на Големото Војводство Луксембург.
*
„Сите овие настани го означуваат поставувањето на политичките елементи на мизансценот пред разврската што ќе почне да се одвива уште со изборот на техничката влада. Разговорите на Зечевиќ и Маричиќ со колегите од Самоопределување во Приштина е едно од поспецифичните политички изненадувања во последно време. Има повеќе прашалници отколку одговори зошто дојде до оваа средба и што се разговарало на неа“, констатира Љупчо Поповски, главниот уредник на Независен.мк.
*
„Сите средби меѓу политичките лидери/партии кои се случуваат, не само пред избори, туку воопшто, во кои се разговара и се прават напори да се изнајде решение за уставните измени и продолжување на патот кон ЕУ е благонаклонето и корисно и такви средби треба да се случуваат. Но, не очекувам дека ќе се направи меѓупартиски консензус пред избори, но исто така можно е да нема консензус и по изборите. Коалицијата која е за ЕУ ако победи на избори ќе мора да бара консензус од опозицијата за уставните измени, и обратно, доколку победи ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да бара консензус од опозицијата“, вели Ерол Ризаов.
*
„Во превод, продолжетокот на Европскиот пат да не зависи повеќе од ВМРО-ДПМНЕ. Ова може да се нарече и „операционализација“ на проценката на Џејмс О’Брајан за некупувањето ни автомобил од такви луѓе. Се разбира, ДУИ (но и другите партии со етнички предзнак) ќе треба да се од збор и со гаранција, како што и досега се покажаа, како на пример во брзиот одговор на блефот на ВМРО-ДПМНЕ за влегување во Влада со цел да се спроведат потребните Уставни измени – „без ДУИ“ – „Важи, без ДУИ!“, истакана Емилија Целакоска, универзитетската професорка и колумнистка.
ИЗЈАВИ НА ДЕНОТ
„Местата кои со закон и следуваат на опозицијата во техничката влада да останат празни додека ВМРО-ДПМНЕ не даде глас за таа влада. Идниот мандатар Талат Џафери да направи влада во која министерските и дополнителните заменички министерски места ќе останат празни, а кога ВМРО-ДПМНЕ ќе одлучи да ја поддржи техничката влада, тогаш да се вметнат нивните министри“, истакна премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ЗАПАДЕН БАЛКАН На 21 и 22 јануари во Скопје ќ се одржи состанок на иницијативата „Западен Балкан и ЕУ“ и лидерската средба за Планот за раст за Западен Балкан.
ПАСОШИ Индекс за рангирање на пасошите: Северна Македонија е на 45-то место во светот, пред Албанија, БиХ и Црна Гора
СВЕТ Европската народна партија (ЕПП) сака промена во ресорот за надворешни работи и одбрана во следниот состав на Европската комисија, предлагајќи укинување на сегашната функција висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Функционери на НАТО: Кијив постигнува значајни резултати на бојното поле, Украина ќе биде приоритет на самитот на НАТО во Вашингтон.
АЛ-ПРЕС
Во косовските медиуми денеска една од најчитаните содржини е веста за посетата на српскиот адвокат Чедомир Стојковиќ, на гробот на седумгодишното девојче Блерина Јашари ( од семејството на Адем Јашари) во меморијалниот комплекс во Преказ.
Косовската централна банка донесе одлука за укинување на српскиот динар во Косово, валута која се употребува на северот на Косово.
Ова се дел од денешниот редакциски избор на ЦИВИЛ Медиа, на темите од албанските медиуми во регионот за денешното издание на АЛ-Прес.
ИНТЕРВЈУ
Гоцевски за ЦИВИЛ МЕДИА: 20 години по Самитот ЕУ – Западен Балкан: Геополитиката, ЕУ интеграциите и Република Северна Македонија
Во 2023-та се случија многу значајни меѓународни активности посветени на глобалната и на регионалната безбедност. Се случија многу значајни форуми посветени на актуелната геополитичка и безбедносна состојба во која се најде светот, но пред сè Европа и регионот на Западен Балкан. Се одржа Глобалниот безбедносен форум во Братислава, Вториот самит на Европската политичка заедница во Молдавија, два состаноци на НАТО во Осло и Брисел. Паралелно, во Сингапур се одржа годишен безбедносен самит на земјите од Азијско пацифичкиот регион. Се одржаа и неколку самит на ЕУ и на НАТО, вели во интервјуто за ЦИВИЛ МЕДИА, професор д-р Трајан Гоцевски, член на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Д. Муратов