Во 2023-та се случија многу значајни меѓународни активности посветени на глобалната и на регионалната безбедност. Се случија многу значајни форуми посветени на актуелната геополитичка и безбедносна состојба во која се најде светот, но пред сè Европа и регионот на Западен Балкан. Се одржа Глобалниот безбедносен форум во Братислава, Вториот самит на Европската политичка заедница во Молдавија, два состаноци на НАТО во Осло и Брисел. Паралелно, во Сингапур се одржа годишен безбедносен самит на земјите од Азијско пацифичкиот регион. Се одржаа и неколку самит на ЕУ и на НАТО, вели во интервјуто за ЦИВИЛ МЕДИА, професор д-р Трајан Гоцевски, член на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Гоцевски потсети дека во рамките на НАТО и ЕУ, Република Северна Македонија успешно придонесува во регионалните мисии на мирот. Во Вашингтон го потпишавме протоколот за воената соработка и модернизацијата на АРСМ за наредните дресет години. Се одбележа и 20. годишнината од Самитот на ЕУ со земјите од Западен Балакан во Солун.
Сепак, и Гоцевски заклучува дека ЕУ и понатаму е заглавена со процесот на проширување, а тоа нас како држава посебено не засега.
ЦИВИЛ МЕДИА: Професор Гоцевски, да се потсетиме на тоа што беше планирано и ветено и што се случува две децении по Солунскиот самит?
ТРАЈАН ГОЦЕВСКИ: Со заклучоците на ЕУ во Солун се даде трајно ветување на земјите од Западен Балкан, дека нивното место е во семејството на европските народи. На овој историски настан, ЕУ се обврза дека европската перспектива на Западен Балкан е нејзин приоритет.
Но од друга страна, државите од регионот се обврзаа дека заедничките вредности на кои почива ЕУ какви што се демократијата, владеењето на правото, почитувањето на човековите и малцинските права, добрососедските односи, солидарноста, пазарната економија и слично, стануваат нивен приоритет.
Во заедничката изјава беше кажано дека заклучоците од самитот остануваат трајно ветување кон земјите од Западен Балкан со примарна цел за нивно асоцирање во ЕУ.
На овој самит ЕУ даде надеж дека ќе настапи стабилизација на регионот. Ветија дека после бројните кризи, конфликти, па и војни, ќе настапи политичка стабилност, ќе се креира прифатлива безбеднсона средина, дека ќе настапи период на економски просперитет наместо стагнацијата која следеше по распадот на Југославија.
Едноставно, почнавме да го сонуваме сонот за европската иднина кој води до позитивни промени како поголема безбедност, зголемен просперитет на сите полиња, подобрена поврзаност и зајакнати врски меѓу луѓето од Европа.
Секако дека во изминатите две децении беше постигнато многу. Подигнато е нивото на меѓусебна соработка по сите основи. На Западен Балкан преовладува општа, но привидна стабилност. Во последните дваесет години сите земји од регионов,над 2/3 од својата економска активност ја поврзаа со ЕУ.
Слична е состијбата и со директните странски инвестиции при што ЕУ е убедливо најголемиот донатор и инвеститор. Згора, земјите од Западен Балакн ги уживаат придобивките од безвизниот режим. Целиот регионот постига одреден економски напредок. Тоа покажа и докажа дека ЕУ и Западен Балкан природно гравитираат еден кон друг. Декас ЕУ без државите од регионот не е целосен мировен и развоен проект промовиран пред седум децении. Но,за жал,ветеното проширувањето се уште не се случи.
ЦИВИЛ МЕДИА: Сепак, и покрај овие резултати од процесот на проширување на ЕУ, европската иднина постепено ја губи поддршката на јавното мислење, каде ги лоцирате причините?
ГОЦЕВСКИ: Поради забавувањето на процесот на проширување можеме да заклучиме дека почетниот ентузијазам за зачленување во ЕУ, а особено за реформи во државите од Западен Балкан во текот на двете децении, за жал, постепено стагнира, дури и се намалува. Тоа го покажуваат сите анкети на јавното мислење што отвара врата на други актери кои имаат свои интереси за регионот. И тоа е најзагрижувачкото.
Македонија која се прокламира како модерна проевропска држава, веднаш по осамостојувањето членството во ЕУ го постави како основна стратегиска цел на својата надворешна и безбедносно одбранбена политика. До денеска ние остануваме цврст поддржувач на процесот на проширување на ЕУ и на секој можен начин преземаме неопходни чекори за подршка на процесите поврзани со проширувањето. Но за видливи резултати во реформи на низа области не можеме многу да зборуваме. Сепак, не сме во негатива. Го започнавме и успешно го завршивма скрининг процесот. Но и по 18 години кандидатски статус и по успешниот скрининг и во новата 2024 годинан се уште не сме почнале со вистинските преговори.
Несомнено многу можности неповратно се пропуштени. Не секогаш по наша вина. Но помоќните секогаш се „во право“. Затоа денеска членството во ЕУ изгледа подалеку отколку што се надевавме дека ќе биде. Справувајќи се со сопствените предизвици ЕУ проширувањето не ни беше секогаш приоритет. Сега, поради видоизменетата геополитичка и безбедносна средина со војните во Украина и на Блискиот исток, ЕУ процесот на проширување го издигна на ниво на стратешко прашање но проширувањето на ЕУ се уште не е на повидок. Затоа, јавното мислење кон процесот на проширување се намалува. Тоа не е добра порака за сите. Ниту за ЕУ, ниту за земјите кандидати како што е Македонија.
ЦИВИЛ МЕДИА: Денес, 20-години од Самитот ЕУ – Западен Балкан во Солун ред е да се запрашаме до каде сме и каде не води таквото темпо на процесот на проширување?
ГОЦЕВСКИ: Како резултат на долгото чекање на проширувањето кај земјите од Западен Балкан, состојбите од време на време, повторно се радикализиаа, демоктатските процеси назадуваат, правните системи се уште се во невидени лавиринти, човековите права и слободи се под закана, медиумската слобода е загрозена, слободната пазарна еконимија се поддржавува, милитаризицијата продолжува, а скептицизмот кон европските и евроатланските интеграции се повеќе добива на сила. А тоа зошто наместо европеизацијата јакне ,,Балканизацијата“, одговорот би бил затоа што нема храбри политички одлуки од лидерството на ЕУ и во земјите кандидати. Разбирливо е што ЕУ сега мора да се справува со последиците од војните во Украина и на Блискиот исток, со последиците од здравствената криза, енергетската криза, финансиската криза и сл. Но се надевам дека овие кризи доведоа и до поинакво размислување за пристапот кон процесот на проширување на ЕУ кој во основа стана стратешки избор, а не техничка работа. Натамошното проширување мора да се забрза и да ја следи основната визија за европската интеграција како стартешки, но и како глобален проект кој ќе донесе стабилност и безбедност како предуслов за просперитет и економски напредок и на државите кандидати како што е и Македонија, но и на самата ЕУ. Се друго би било непродуктивно, демотивирачко и оставање простор за продор на други актери што би било несфатливо во овие изменети геополитички односи во Европа и пошироко.
ЦИВИЛ МЕДИА: Професоре Гоцевски, а кој е вашиот впечатокот за моменталната состојба по прашањето на забрзување на проширувањето на ЕУ?
ГОЦЕВСКИ: Несомнено војната во Украина го врати фокусот на геополитиката и геополитичкиот начин на размислување стана доминантен во Европската Унија како по однос на сите стратешки прашања така и по однос на прашањето на проширувањето.Таков барем е официјалниот став. Ако војната во Украина е поводот Европската Унија да го врати интересот за проширувањето кон регионот Западен Балкан, тогаш тоа е добро но прашањето е што ќе се случи со динамиката на проширување со Украина, Молдавија и Грузија. Дали сега ЕУ има доволен капацитет за проширување? Дали тоа нема да го забави процесот со присоединувањето на Западен Балкан кон ЕУ кој чека повеќе од две децении? Кога војната во Украина ќе заврши што сите го посакуваме, дали ќе се вратиме на вообичаеното, на она помало внимание за Западниот Балкан како регион и не само во однос на проширувањето?
Спред моето длабоко убедување, војната несмее да биде аргумент за проширувањето туку поттик за забрзување и за финиширање на процесот во разумен рок по ред и се разбира според исполнети критериуми. Секое одлагање на процесот на интеграција на сите земји од Западен Балкан во ЕУ станува реална закана за демократските процеи и за мирот и стабилноста на целиот регион на Југоисточна Европа. Досегашната практика покажа дека преговарачкиот процес ги унапредува демократските процеси во земјите кандидати и неповратно ги забрзува реформите кои се тешки, но се нужни. Затоа, предолгото чекање за членство во ЕУ може да доведе до барање на алтернативи, намалување на поддршката за членство во унијата и слободен простор за други актери од други региони и континенти што на терен и се случува. Оттука, членството во ЕУ е единствена брана против тоа. Преку демократска, политичка, економска, безбедносна, одбранбена, технолошка и секаква друга интеграција на расположивите ресурси на заедницата како целина.
ЦИВИЛ МЕДИА: Професоре Гоцевски, на темава што е најактуелно во моментов?
ГОЦЕВСКИ: Руската инвазија врз Украина која предизвика големи геополитички тензии трае две веќе две години. Наводно Москва е подготвена за дипломатско решение но според нивни услови, а Киев решение ќе бара по воената победа и по целосно повлекување на руските трупи од Украина. Но воените дејствија продолжуваат и стануваат се поинтензивни. Се случуваа тензии во самата Русија и во Украина, а сето поради големите човечки и матријални загуби. Украина како нападната држава има право на одбрана, добива многу западно оружје и тоа се помодерно, а започнаа и обуки на Украинската армија вклучувајќи и на пилоти за најсовремени борбени авиони што упатува на продолжување на војната. Започна и се уште трае долгоочекуваната контраофанзива против руските сили но без поголеми резултати што е можно дополнително да ги усложни состојбите и тоа мора да загрижува. Загрижува и реториката на темата за можна употреба на нуклеарно оружје и планот на Русија за распоредување тактичко нуклеарно оружје во Белорусија. Загрижуваат и изјавите на лидерите на европските држави и на САД дека војната во Украина не смее да заврши како замрзнат конфликт и дека таа ќе трае додека за тоа има потреба. Притоа, никој не кажува до кога ќе има потреба за тоа.
Едновремено трае и војната на Блискиот Исток со потенцијал за проширување на целиот регион па, и според овие настани состојбите може да биде многу непредвидлива. Затоа помислата за некаков нов мирен почеток и на оваа 2024 година, за жал, е нереална. На самиот почетокот на оваа година, сликите со војните во Украина и Блискиот Исток не се менуваат. Нместо да стивнуваат, воените операции се интензивираат. Тензиите и судирите се засилуваат до тој степен што не даваат шанса за некаков обид за постигнување најпотребниот траен мир.
И Блискиот Исток се најде во состојба на зовриен котел со можност за проширување на конфликтите и со други воени групации кои ги има многу и кои се многу радикални. На последниот самит во декември самит 2023-та, ЕУ донесе одлука за започнување на преговори за членство со Украина, Молдавија и Грузија. Земјите од Западен Балкан повторно не беа ,,наградени“ со одлука за почеток на преговорите. Барем не со јасна политичка одлука. Во таа насока можеме да ја толкуваме и изјавата на белгискиот премиер Де Кро како претседавач на ЕУ во наредните 6 месеци. Тој изјави дека пред да станеме поголеми, ќе мора да станеме подобри и затоа ЕУ ќе мора да се реформира пред да биде подготвена за проширување и за прием на нови членки. И со ова и натмау остануваат нејасни ставовите на ЕУ за проширувањето кон Западен Балкан, а нели, како стратешки приоритет на ЕУ.
ЦИВИЛ МЕДИА: Професоре, а што пак на глобален план се случува сега?
ГОЦЕВСКИ: Од безбедносен агол на гледање на глобален план имаме судир на три процеса:
Прво, на идеолошки план се случува судир помеѓу демократијата и либералниот модел на управување, а наспроти афторитарниот модел. Судирот се изостри и поради светската криза предизвикана од финансиската криза, пандемијата, климатските промени, стратешката стабилност и слично како и со приодите во нејзиното справување и со дилемите за тоа ој модел е поуспешен.
Второ, на геополитички план тоа е судирот за тоа каков свет сакаме да проектираме: униполарен, биполарен, мултиполарен. Од тоа ќе зависат идните глобални движења па, би рекол, и идниот меѓународен поредок.
Трето, на глобален економски план прашањето е дали сакаме да успее слободниот светски глобален пазар како идеја или пак ќе промовираме неколку паралени економски групации како САД, Кина, ЕУ, Евроазиска економска зона, Индо пацифичката економска рамка и слично.
Судирот по сите основи е силен, без пардон, со употреба на сета расположива моќ на актерите, но најнеприфатливо беше работите да се расчистуваат со војни на кои не им се гледа крајот. Тоа треба да не загрижува сите. Според мене, светот, вклучително и Европа, влегоа во нова ера во која што сегашната економска политичка и безбедносна архитектура е разнишата во самата основа па се соочуваме и со голем безбедносен предизвик. Оваа состојба е подеднакво бесмислена и опасна за безбедносниот поредок денес исто толку колку што била и пред речиси еден век.
ЦИВИЛ МЕДИА: Поконкретно за ЕУ и воопшто за нашиот континент, каде се наоѓаме во тој турбулентен процес?
ГОЦЕВСКИ: Според мене добро е што ЕУ се обедини околу решеавањето на заедничките кризи како што се здравствената, енергетската, финансиската, а сега и со војните во Украина и на Блискиот Исток. ЕУ мора да си ја задржи својата европска стратешка автономија во сите домени вклучувајќи ја и заедничката надворешна безбедносна и одбранбена политика. Европската унија со над 500 милиони луѓе треба постепено да ја зголемува својата вкупна европската моќ на глобален план. Силниот одговор на ЕУ, на обединетиот Запад и САД против војната на Русија во Украина, го потврдува тоа. Но за да може вистински да ја постигне својата стратешка автономија и да го зачува својот кредитбилитет ЕУ, и покрај некои нејзини несовршености, ќе мора да се посвети на брзо решевање на три круцијални безбедносни прашања, а тоа се:
Прво, според мене и најважно за кредибилитетот на ЕУ, е проширувањето и забрзан прием на земјите од Западен Балкан во ЕУ, посебно не ставајќи го тој процес во релација со новите ЕУ позиции на Украина, Грузија и Молдавија и така да ја стабилизира Југоисточна Европа.
Второ, да се одговори на прашањето кој е најдобриот одговор за колективна безбедност и одбрана на земјите членки на ЕУ, а тоа е преку мисијата на НАТО или преку реализацијата на идејата за зедничка евопска одбрана со армија на ЕУ.
Трето, се разбира, да се одлучат како ќе ја определат крајната стратегиска потпора на својата безбедност и одбрана политика. Врз нуклеарниот потенцијал на Франција или врз нуклеарниот потенцијал на САД.
Овие три прашања се тешки, бараат смели и брзи политички одлуки со цел земјите од Југоисточна Европа да бидат заштитени од влијание на надворешни актери кои не ги делат европските вредности, а ЕУ да ја постигне посакувана стабилизација. Геополитичките состојби тоа го бараат од лидерите на ЕУ.
ЦИВИЛ МЕДИА: Дојдовме до позициите на Република Северна Македонија во овие нови геополитички односи. Какви се нашите реални шанси за членство во ЕУ?
ГОЦЕВСКИ: Поминаа 20 години од Самитот ЕУ-Западен Бaлкан и 18 години од добивањето на кандидатскиот статус, а ние се уште не сме ги започнале вистинските преговори за членство во ЕУ. По многуте ветувања од ЕУ за безусловно започнување на преговорите, особено по потпишувањето на Преспанскиот договор, ние пак сме ставени пред искушение. Станува јасно дека Европската Унија го условува отворање на првите кластери со усвојување на уставните измени. Овој предуслов ни е поставен и ние го прифативме. Не е реално да се верува дека може повторно да се преговара околу овој договор, а уште поголема илузија е да се верува дека она што било договорено минатата година со францускиот предлог, може да се репреговара за да се дојде до некаков подобар договор.
Македонија повторно треба да испорача нешто што е условено од нашиот источен сосед, прифатено од ЕУ и прифатено од нас. Поради политичките состојби во земјата тоа не е лесно да се случи пред изборите. Се` додека македонското собрание не успее да ги донесе уставните измени, тоа би значело дека не сме подготвени да се движиме напред на европскиот пат. Тоа е нашата реалност. Ако Македонија не успее да се обедини околу оваа стартешка цел, никој не знае што ќе се случи понатаму имајќи ја во вид непредвидливоста на војната во Украина. Исто така, не се знае во која насока ќе тргне развојот на војанта на Блискиот Исток и што понатаму ќе се случува во тој невралгичен регион.
Доколку Македонија не ги исполни барањата и оваа 2024 година не ги отвори кластерите и не ги започне претпристапните преговори, тогаш патот на земјата кон ЕУ повторно ќе стане неизвесн. А продолжување на статусот на земја кандидат ќе има трајни последици во сите домени на македонското општество. Таквиот статус негативно ќе влијае на политичката стабилност во државата, меѓуетничките односи, економскиот развој и, се разбира, на внатрешната безбедност во државата. Тоа нас како држава треба да не загрижи, а нашето општество и политичката елита уште повеќе бидејќи најголем дел од македонските граѓани се определија за европските вредности и се обврзаа дека истите институционално ќе ги браниме.
Затоа е потребно аспирациите кон ЕУ да продолжат, македонското општество целосно да се посвети на оваа цел, да ги донесе уставните измени на соответен начин, на начин кој со ништо несмее да им наштети на нашите државни и национални интереси. Друго решение не гледам. Во тој контекст можеме да ја анализираме Македонија. И ние сме во изборна година. Македонија има многу предизвици на патот на зачленување во ЕУ. Имаме големи поделби во општеството, имаме политичка нестабилност, се соочуваме со проблемите на владеењето на правото, со недоволно справување со криминалот и корупцијата и, се разбира, и со економско социјални проблеми кои можат само да се продлабочуваат.
Значи, влегуваме во изборна година. Граѓаните од новото парламентарно мнозинство ќе бараат да им се испорача економски развој, владеење на правото, почитување на човековите права, борба против корупцијата и продолжување на интегративниот процес кој Македонија ќе ја зачлени во ЕУ. Впрочем, во сите анкети така граѓаните ги опишуваат своите очекувања. Не сакаат да ја видат земјата изолирана, не сакаат да се промени проевропската ориентација, не сакаат да се нарушат меѓуетничките односи и не сакааст македонското општество да се подели на темата на својата веќе утврдена проевропска и проамериканска стратешка определба.
Затоа сега, по успешниот скрининг процес, потребна ни е недвосмислена, јасна и енергична потврда за перспективите на Македонија со брзо членство во ЕУ и колку тоа и да изгледа нереално, сепак е можно доколку се држиме до нашите долгорочни државни интереси. Нејасен или разводнет став по евроинтегративниот процес, на сите порадикални структури во регионот им дава разни можности и тоа на сметка на демократските сили. Но, во оваа време на војна во Европа и на Блискиот Исток, тоа не е добро. Погледнете ги односите на релација Белград – Подгорица, Загреб – Белград, Сараево – Бања Лука и Приштина – Белград. Тука се и недоразбирањата помеѓу Софија и Скопје околу почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ кои се надвор од Копенхашките критериуми ама кои не` кочат во процесот, нè истоштуваат. Гледано воено-политички и воено стратешки, САД, ЕУ и НАТО, сето оваа мора сериозно да го стават на маса, да го анализираат детално и да им дадат брз јасен и ефикасен одговор на сите кои го кочат интегративниот процес.
На прво место мора да се заштитат основните вредности на кои почива ООН, обединета Европа и вредностите на кои почива НАТО. Мора ефикасно да се елиминира подемот на евро скептицизмот кој сè позачестено може да се види во сите земјите од Западен Балкан и кој веќе негативно влијае врз мирот и стабилноста во регионот. Не случајно неодамна и претседателот на САД регионов го посочи како закана и за националната безбеднсот на САД. Дали воопшто некој се прашува што значи тоа?
Црвената сијаличкка е вклучена. Ние како македонско општество и македонска држава треба да покажаеме дека сме созреани за согледување на нашите долгорочни стратешки национални и државни интереси и истите да продолжиме на ги оставруваме. Се разбира, сето со нашите земји сојузнички, пријателски и стратешки партенери. Една од тие цели, е членството во ЕУ. За нејзиното остварување сега нам ни е потребно национално и државно обединување со цел да донесуваме стратешки и на долгорочна основа клучни одлуки за иднината на нашата држава. Да направиме обединување околу нашите долгорочни стратегиски цели и интереси и тогаш успехот би бил далеку поизвесен. Во спротивно ќе се движиме во спротивна насока од новонастанатите геополитички и воено стратегиски односи, а тоа ќе ги разниша нашите меѓународни позиции и позициите кон нашите сојузници и стратешки партнери кои сега безусловно нè подржуваат.
Затоа, сега и веднаш, во оваа нова 2024-та година потребна ни е политичка стабилизација и обединување на целото општество кон остварувањето на зацртаните долгорочни стратешки цели, а една од нив е и членството во ЕУ. Забавувањето на Евроинтегративниот процес, изолиција на земјата или промена на нејзината стратегиска ориентација, во никој случај не смее да биде наша опција. Тоа за нас, за стабилноста на македонското општество, за неговата кохезивност и се разбира за нашата национална безбедност, може да биде фактор од висок ризик.