„Не постои унифициран, меѓуресорски пристап за препознавање, документирање и следење на децата и младите во ризик. Различни ранливи групи се дефинираат различно, зависно од институцијата. Многу малку се бележат податоци, дури и во институции кои имаат електронска база на податоци, како што се Министерството за здравство и Министерството за труд и социјална политика, во нивните системи не се бележат конзистентно податоци“, вели Ивица Цековски од граѓанската организација „ХОПС – Опции за здрав живот“, во разговор за ЦИВИЛ Медиа. Организацијата ХОПС, денеска ги промовираше наодите од истражувањето „Децата и младите во ризик во Република Македонија – рамноправни членови на социјалната држава или категорија за креирање фиктивни политики?“.
„Како последица од различното следење на децата во ризик, не може да се следат активностите кои се спроведуваат со овие деца, не може да се дознае точна бројка на деца и млади од овие категории, а тоа значи дека не можат да се дефинираат политики кои ќе одговорат на нивните потреби. Има стратегии, но не можат да се следат дали се спроведуваат“, смета Цековски.
Како што информираат од ХОПС, целта на истражувањето е да се анализираат актуелните политики и сервиси кои постојат за деца и млади од ризик. Групите кои беа опфатени со ова истражување се деца без родители, Роми, деца и млади во конфликт со законот, деца на улица, деца кои користат дроги, деца од семејства со историја на употреба на дроги или семејства кои се во конфликт со законот. Податоците со кои располага ХОПС се добиени со испраќање на повеќе од 400 барања за информации од јавен карактер, испратени до институциите кои работат со овие категории на деца и млади.
Истражувањето е меѓу првите активности на регионалната Мрежа за социјално зајакнување на млади во ризик (ARYSEN – At Risk Youth Social Empowerment Network) која е составена од организации од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Косово, Албанија и Македонија со поддршка на Европската унија.
М. Теговска