„Срамната макијавелистичка манипулација со волјата на гласачите, се заканува да ја детонира ситуацијата во Македонија и да ја наруши кревката стабилност на целиот балкански регион“, соопшти денеска руското Министерство за внатрешни работи.
По вчерашна средба на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски со амбасадорот на Руската Федерација, Олег Шчербак, на која дискутирале за актуелната политичка ситуација во Македонија и во Русија и на која рускиот амбасадор се осврнал на македонската Шарената револуција „истакнувајќи ја штетата која таа ја предизвикала на економски план, внесувајќи нестабилност и неизвесност во државата, а со тоа и влијаејќи негативно на интересот на заинтересираните инвеститори“, денеска, и руското МНР испрати соопштение во кое го обвини Запад дека политичката криза во Македонија се влошува, дека Македонија е под надворешно влијание и дека Запад сака да расчисти со македонските политичари кои не му се омилени и „покрај јасно изразената волја на граѓаните на изборите во полза на коалицијата ‘За подобра Македонија’ на чело со Никола Груевски и ДУИ на Али Ахмети.
Официјален став на руската дипломатија е дека „вештачки предизвиканите, вонредни парламентарни избори што се одржаа на 11 декември 2016 година не придонесоа за решавање на ситуацијата во Македонија“ и дека „под псевдодемократски слогани, продолжува длабокото надворешно влијание врз политичките сили во Македонија“.
Од руското МНР истакнуваат дека „особен немир предизвикува фактот што во мултиетничка и мултикултурна Македонија, каде имаше тежок меѓунационален конфликт, политичарите од една етничка заедница, врз основа на надворешно диктирани, ултимативни барања, фактички решаваат кој од блоковите на другата заедница да влезе во составот на идната владина коалиција“.
Во соопштението на руското МНР се изразува убеденост дека „само со целосно отфлање на штетните надворешни влијанија и со фокусирање на вистинската демократија, и самостојно решавање на внатрешните проблеми се создава основа за зацврстување на довербата меѓу народите кои живеат тука и формирање регионална клима за безбедност“.