Косовската претседателка Вjоса Османи разговараше со командантот на КФОР Озкан Улуташ за отварањето на мостот на Ибар, при што оцени дека заедно со сојузниците се постигнува „долгорочен и одржлив успех“ и дека отворањето на мостот е „во интерес на сите граѓани“, пренесува N1.
„Отворањето на мостот како чин на нормализација и интеграција е во интерес на сите граѓани, без разлика на националноста. Секогаш заедно со сојузниците се постигнува долгорочен и одржлив успех“, напиша Османи на својот Фејсбук профил.
Иако неколкупати се најавуваше отворање на мостот на Ибар, ниту косовскиот премиер Албин Курти, ниту другите косовски претставници не споменаа попрецизен датум кога тоа би можело да се случи.
Владата на Косово претходно најави дека на отворањето на мостот ќе претходат технички процедури за кои ќе биде потребно „многу време“, од тестирање на инфраструктурната стабилност до ревитализација на одредени делови од мостот.
Минатата недела беше проценета стабилноста на мостот и според крајните информации тој ги исполнува условите за сообраќај на моторни возила.
Владата на Косово најави дека претстојат разговори со граѓани и здруженија и „сеопфатна кампања за придобивките и целите“ од отворањето на мостот, а една таква средба се одржа минатата недела во Собранието на општина Северна Митровица.
На отворањето на мостот на Ибар се противат претставниците на САД, земјите од големата петорка, ЕУ и КФОР, кои бараат да се постигне договор за ова во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина во Брисел.
Подгови: Д. Мишев