Иницијативата Friends2Friends (Пријателите за пријателите), со поддршка на граѓанската иницијатива Мрдни со прст / Lëviz me gisht , организира хуманитарен концерт за поддршка на музичарите, на кои неодамна им изгоре студиото и музичката опрема во зградата на „Макотекс“ во Скопје.
Настанот ќе се одржи на 26 февруари во МКЦ, со почеток од 20 часот. За оваа иницијатива Гога Поп-Георгиевски, за Фридом изјави:
„Иницијативата започна неколку дена по пожарот во ‘Макотекс’, сосема спонтано, со цел да им помогнеме на нашите пријатели – музичари. Првиот концерт го направивме во ‘Маракана’. По свирката во ‘Маракана’ се согласивме дека ни треба поголем простор за да се обидеме да направиме нешто поголемо. За среќа, во МКЦ веднаш се согласија да ни го отстапат просторот“, вели Поп-Георгиевски.
За поддршката од колегите, Поп-Георгиевски вели дека воопшто немале проблем да најдат бендови кои ќе се согласат да свират на концертот.
„Имавме многу бендови кои се согласија, дури има неколку бендови кои ненамерно ги изоставивме. Бевме во дилема дали да направиме концерт со многу бендови кои ќе свират по 10 минути, или помалку бендови кои ќе истераат цел концерт. На крајот, се решивме за втората варијанта“, рече Поп-Георгиевски.
На концертот ќе настапат бендовите „Темпера“, „Мугер Фугер“, „Фолтин“, „Сетстат“, „Алтер Виво“, „Милко“, „Јаничари“ и „Конкверинг Лајон“. Билетите во претпродажба чинат 100 денари, а цената на билетот на самиот влез ќе биде 200 денари.
„Покрај средствата кои ќе се соберат од продажбата на билетите, во долниот дел на МКЦ ќе има и изненадување за публиката – продажба на интересни предмети, како дел од акцијата на ‘Мрдни со прст’“, открива Поп-Георгиевски.
„Дојдете да се забавуваме, да слушаме квалитетна македонска музика и заедно да направиме нешто со што ќе помогнеме истата да живее и да се создава“, стои во поканата за настанот.
Маја Ивановска