• Latest
Source : Service d'information du Gouvernement

Генеза на новата европска криза: Пад на Владата во Франција

December 8, 2024

Изборна хроника: Експерименти, вилаети, Халкидики, Дубаи и Холандски парк меѓу ветувањата за инклузивност, градинки и противпожарни станици

October 7, 2025
Снимка од украински војници како држат знаме во Сичњеве, Днипропетровската област, Украина. Снимки објавени на 7 октомври 2025 година. Фото: 141-ва механизирана бригада/Телеграм

„Ја ослободуваме нашата земја, чекор по чекор“ – Украина известува за успешен контранапад во Днипропетровскaта област

October 7, 2025
Фото: Министерство за финансии

Две лица лишени од слобода под сомненија за нехуман третман по претресите во домови за стари лица во Скопје

October 7, 2025
Фото: Скриншот од видео на TalkTV

Заменик-лидерот на британската Зелена партија ги брани своите коментари за рабинот од Лидс кого го нарече „животно“

October 7, 2025
Фото: Скриншот од видео на ТВ21/Фејсбук

ЈО: Првичните индиции не упатуваат на политички мотиви зад оружениот инцидент во Куманово

October 7, 2025
Фото: Фејсбук

Над 200 руски војници осудени за воени злосторства во Украина

October 7, 2025
Фото: Скриншот од видео на
WION

Генерал именуван за премиер на Мадагаскар за да ги смири протестите, Генерацијата Z не го прифаќа

October 7, 2025

Во Куманово пукано во Зекирија Шахини, носител на листата на НАИ во Липково

October 7, 2025
Фото:Wikimedia Commons

Поранешниот премиер Едуар Филип: Макрон треба да свика предвремени претседателски избори

October 7, 2025
Фото: Скриншот од видео на
Al Jazeera English

Водачoт на суданската милиција, Али Кушајб осуден за воени злосторства за време на војната во Дарфур

October 7, 2025
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home СЛОБОДНА ЗОНА

Генеза на новата европска криза: Пад на Владата во Франција

Интерпелацијата на Владата на Мишел Барние е логична последица на длабокиот раскол на француската политичка сцена, но и на француското општество воопшто.

December 8, 2024 08:53
in АНАЛИЗИ, СВЕТ, СЛОБОДНА ЗОНА, ТОП 5
Source : Service d'information du Gouvernement

Source : Service d'information du Gouvernement

Share on FacebookShare on Twitter

 

ТАЊА КАРМЗОВА

Анамнеза на еден пад 

Претседателот Макрон летоска го распушти Собранието после поразот што го доживеа неговата политичка партија и неофицијалната коалиција со левиот и десниот центар на европските парламентарни избори. Бруталната кампања водена од екстремите резултираше со изгласано мнозинство пратеници од редовите на партијата на Марин Ле Пен и Жордан Бардела. Емануел Макрон уште пред објавувањето на дефинитивните резултати реши “да го врати клучот на демократијата кај граѓаните”, веројатно очекувајќи нов собраниски состав со постабилно мнозинство за неговата политичка партија. Бруталното опаѓање на популарноста на левичарските движења што се во принцип длабоко вкоренети во француската политичка култура автоматски донесоа раст на популарноста за екстремната десница. Сликата во француското собрание е и по дефиниција слика на француското општество. Така, француското гласачко тело покажа еден нов, висок степен на идеолошка поделеност. Крајната поларизација на политичката и општествената сцена создадоа јаз во којшто се затворени прогресивните сили што засега безуспешно бараат простор за компромис. Ризикот што недвосмислено го носи една ваква комплексна конструкција е всушност нефункционални институции од кои не може да произлезе функционална држава. На предвремените парламентарни избори по распуштањето на Собранието одржани на 30 јуни и 7 јули годинава, ниту една политичка партија не доби мнозинство, дури ни релативно, што го отежна именувањето на Премиер од страна на Претседателот Макрон, оти кој и да беше неговиот избор, очигледно ќе се соочеше со поднесена интерпелација. После Олимписките игри во Париз, на жешкото столче седна Мишел Барниер, чијашто десничарска политичка ориентација ги разлути левичарите, но создаде еден вид мораториум кај централниот и десниот блок. Сепак, предизвикот да се гласа годишен буџет со толкава хетерогеност во Домот на народот беше преголем залак, една огромна кнедла што тивкиот договор меѓу макронистите и десничарите не успеа да ја голтне. Така, минатата среда, преку една сосем неприродна алијанса, екстремната левица и екстремната десница го кутнаа Премиерот од фотељата, заеднички гласајќи ја интерпелацијата предложена од партијата на Меланшон (радикална левица), како одговор на усвојувањето на буџетот за фондот за здравствено осигурување без истиот да се стави на гласање, затоа што “беше извесно дека ќе биде одбиен” без барем релативно мнозинство.

Анатомија на вкрстени одговорности

Одлуката на Претседателот Макрон да го распушти Собранието беше непобитно ризичен потег. Овој маневар во којшто некои видоа политичка храброст, а други буквално лудило, денес го плаќа со политичка изолација, вклучително и во сопствените редови. Емануел Макрон е должен да сноси политичка одговорност за начинот на којшто еволуираше француската политиката, но истата мора да биде поделена со народните избраници од сите табори и секако, од избирачкото тело. Ако целта на Претседателот Макрон беше да ги научи народните избраници на контрактуална политичка култура и на правење компромиси преку коалиции на околности, очигледно е дека промаши. Франција нема политичката култура на коалицирање како историски репер, а ако овој потег е резултат на наивност и на утопизам, можеме слободно да ги квалификуваме како аматеризам. Дотолку повеќе што консензус за ваква радикална одлука немаше ниту меѓу неговите, а потегот беше осуден од сериозен број специјалисти и интелектуалци што го нарекоа „пиромански“. Заткулисните игри за време на трката за пратенички мандат од сите политички сили во Франција, пак, посочуваат и на сериозен степен на одговорност кај тогашните кандидати за народни избраници. Во суштина, секој се бореше против секого, ама никој или речиси никој со разумно оружје за подобрување на општата благосостојба на народот што ги гласа. Ниту една политичка програма не беше барем изводлива или логична, но затоа ниските удари кон политичките конкуренти беа вешто и прецизно зададени, за подоцна, за време на вториот круг, повеќе да не ни зборуваат за нивните политички залагања, туку да се напаѓаат главно ad hominem. Следствено, француските граѓани се најдоа во стапица и не само што гласаа против даден кандидат без притоа да се пронајдат во програмата на оној за којшто гласаа по дифолт, туку ги зафати и една политичка апатија во еден политички момент за којшто таа летаргичност беше луксуз што не можеа и не смееја да си го дозволат. Она сосем млитаво mea culpa што Макрон го испушти во завчерашното обраќање не беше затоа што се чувствува одговорен за актуелнава политичка криза од големи размери, туку затоа што одлуката за распуштањето на Собранието „не била разбрана од мнозинството граѓани“. Апсолутно беше неопходно да укаже на одговорноста на политичарите, особено на оние што доаѓаат од екстремите, зашто нивната улога во поларизацијата на јавниот дискурс не остава простор за сомнеж. Неминовно беше да ги потенцира заслугите и поразите на политичките субјекти, без притоа да ги поштеди граѓаните, иако десетминутната демагогија беше прилично долга за слушање и за варење. Но, проблемот на ова обраќање е во тоа што, освен светите зборови дека „осознал“, ништо конкретно не најави, што е чист апсурд, бидејќи падот на Владата беше извесен неколку дена пред изгласувањето на интерпелацијата. Значи, поделена одговорност – секако, но во какви пропорции?

Радиографија на политичкиот момент

Политичката нестабилност на Франција е, всушност, многу повеќе од интерен проблем што го ремети секојдневието на Петтата Република и нејзините 67 милиони граѓани. Екстремната десница зема сè поголем замав на европско ниво и ги храни реториките со порастот на јавниот долг, притоа образложувајќи го неговиот вртоглав пораст во досега недостигнати височини со скапите политики на ЕУ, со поддршката што ѝ се дава на Украина во нејзината борба за зачувување на територијалниот интегритет наспроти огромниот апетит на Кремљ, со лакунарното менаџирање на демографската криза произлезена од неконтролираната миграција на жители на земји надвор од ЕУ… Она што неизбежно се исцртува е ништо повеќе и ништо помалку од еден бесрамен обид за искористување на општата политичка нестабилност од страна на политички субјекти што уживаат во најмала рака симпатии, а без големо изненадување и други видови на поддршка (логистичка, финансиска, политичка) од страна на опонентите на силна и обединета ЕУ. Ќец на десетка е француската политичка криза за ваквите амбиции, оти Франција и Германија се мотори на ЕЗ. Внатрешното губење на политички кредибилитет и легитимност на Франција е in extenso автогол, и тоа троа потпомогнат, за Унијата. Во неизвесноста на полето на меѓународната безбедност, со отворени фронтови во Украина, во Израел, Газа и Сирија, со нерешени горливи спорови во Ерменија, внатрешни конфликти во Грузија, тензии и нешто подалеку, во Јужна Кореја и секако, со лабилен мир на Балканот, Франција не смееше да си дозволи ваква невозможна ситуација во којашто станува нем набљудувач на сопствената судбина, а истовремено има врзани раце на меѓународната политичка сцена. Актуелната политичка фрагилност на Франција е сериозен хендикеп за ЕУ што сака да ја зачува својата улога на мировен посредник, на дипломат par excellence и на политички фактор на светската, политичка, шаховска табла. Дополнително, тесната поврзаност меѓу француската политичка криза и антиевропското расположение кај дел од нејзините граѓани и политички фактори е солидна причина за грижа кон оние што сè уште веруваат во силна Европа. Имено, усвојувањето на европските норми во француското законодавство од областа на земјоделието веќе беше причина за масовни протести на земјоделците годинава. Падот на Владата, а со тоа и отсуството на нов буџет за 2025 година и неможноста да се изгласаат веќе договорени закони ја пролонгира агонијата на аграрниот сектор, чија лутина зуе и се спрема за ерупција. Слична е и ситуацијата во областа на здравството, со отфрлањето на буџетот за ФЗО и сè послабата заштита на осигурениците. Јавниот сектор воопшто, на чело со просветителите, се наоѓа длабоко засегнат од оваа политичка парализа, што не ги одминува ни пензионерите, ни студентите.

Ризик за контаминација од „Болниот човек на Европа“?

Викендов свечено се отвара Катедралата Нотр Дам во Париз, после пет години интензивна реставрација и реновирање за да се санираат штетите од пожарот што ја зафати. Во името на една „света унија“, владее глува тишина, дополнително засилена од најавеното присуство на светската политичка елита: Доналд Трамп, Џил Бајден, Принцот Вилијам, но и Зеленски. Домаќинот на настанот и најголем политички поддржувач на овој огромен проект, Емануел Макрон, сепак ќе се појави пред своите хомолози со Влада во оставка. Вака ситуираната политичка слабост е или генијален потег, или обид за политичко самоубиство во рамките на француската и европската политика. Генијален потег, ако Макрон успее да покаже пред светот дека и покрај расклатената претседателска фотеља, тој останува господар на Времето. Безброј пати побараната оставка од страна на екстремната левица здружена во еден заеднички лев фронт со социјалистите и екологистите од парламентарните избори па наваму покажува нагон за расцепување, а добро познатите макронистички стратегии во стилот на „раздели, па владеј“ изгледа повторно испливуваат на површина со еден дискретен ултиматум адресиран до социјалистите. Социјалистичката партија ја гласаше интерпелацијата, но нејзиниот генерален секретар Оливие Фор рече дека не е против доближување на левиот и централниот блок во Собранието. Оттука, излезот од кризата би можел да се исцрта преку една ваква несомнено кршлива коалиција што би дозволила влегување во Владата на социјалистите од коишто самиот Макрон е изнедрен. Но, доколку и овие проекции паднат во вода, ситуацијата ќе се доближи до степенот на неиздржливост и неодржливост, со уште една координата што ја отежнува: неможноста да се распушти Собранието минимум една година од последното распуштање, како што налага Уставот на Петтата Република. Со тоа, всушност, ниту една француска дипломатска стратегија не може да биде легитимна пред ЕУ, па еден од двата мотори на Унијата ќе врти напразно и неговата улога во решавањето на социополитичките, економските и безбедносните јазли ќе биде сведена на нешто што потсетува на чист фигуратизам. За сметка на тоа, пак, ЕУ ќеси ја зацврсти сликата на една конфликтуозна заедница во којашто секој сака да ја наметне сопствената хегемонија. И тука веќе ќе се отвори простор за преземање на геостратешката улога во целост од сили надвор од европските граници, на пример САД. Или накратко: слаба Франција неизбежно води до слаба ЕУ. Дотолку повеќе што јавниот дефицит на Франција е алармантен, со што нејзината економска стабилност и компетитивноста на светскиот пазар се во сериозна опасност, а за да се зачува минимум функција државата ќе зависи од инјектирање на надворешен капитал, значи нови задолжувања, што несомнено ќе биде проследен со притисок врз француската политичка агенда. И тука веќе можеме да зборуваме за она што јас одбрав да го наречам “култура на политичко-економско насилство” како резултат на интерни кризи што неизбежно се шират кон главниот политички субјект – ЕУ.

Како Макрон ќе се извлече од ова останува да се види, но овој пад на Владата е искушение не само за француската јавност, туку и за Европа.


Авторката е магистрант на катедрата за централно – европски студии, Сорбона, Париз. Текстот е личен став на Авторката.
Print Friendly, PDF & Email
Tags: Макронполитичка кризаФранција
Share33Tweet21Send

НАЈЧИТАНИ 5

  • Крвава кампања во Виница: Кандидат за советник брутално претепан за да се откаже од листата на ВМРО-ДПМНЕ

    153 shares
    Share 61 Tweet 38
  • Говор на омраза и сексизам кон кандидатка за советничка на ВМРО-ДПМНЕ, ЦИВИЛ со осуда

    146 shares
    Share 58 Tweet 37
  • (ВИДЕО) Еди Рама пред Макрон и Алиев му се потсмева на Трамп: Треба да ни честитате, тој го заврши конфликтот меѓу нас

    109 shares
    Share 44 Tweet 27
  • Украински дронови нападнаа повеќе воени и индустриски објекти низ Русија далеку од фронтот, експлозии во една од најголемите фабрики за експлозиви

    90 shares
    Share 36 Tweet 23
  • Украински дронови го погодија најголемиот нафтен терминал во окупираниот Крим, предизвикувајќи огромен пожар

    90 shares
    Share 36 Tweet 23
CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДЕЗИНФО
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ