Преговорите меѓу Израел и Хамас изгледаат сè повеќе заглавени, иако претставници на Хамас вчера се сретнаа со египетските претставници во Каиро за да разговараат за начините за надминување на ќор-сокакот во разговорите за примирје во Газа.
Претседателот Бајден треба да ја напушти функцијата на 20 јануари, со што се зголемува веројатноста дека неговиот мандат ќе заврши пред да се постигне договор, пишува ЊуЈорк Тајмс.
Во израелски воздушен напад вчера беа убиени Махмуд Салах, водачот на полициските сили во Газа и Хусам Шахван, главен помошник, според владината медиумска канцеларија на Хамас. Израелската војска ја презеде одговорноста за убиството на Шахван, но не ја коментираше смртта на Салах. Службата за итни случаи за цивилна одбрана на Газа соопшти дека „неколку“ луѓе биле убиени или ранети во нападот, вклучително и деца.
Дополнително, Израел се движи кон забрана на УНРВА, агенцијата на ОН која беше столбот на испораката на помош во Газа, поради обвинувањата дека ги штитела милитантите на Хамас. Официјални претставници на ОН се подготвуваат да ги затворат операциите на УНРВА, бидејќи експертите предупредуваат на глад што им се заканува на делови од територијата.
Д. Мишев