Хуманитарен концерт за поддршка на музичарите, на кои неодамна им изгоре студиото и музичката опрема во зградата на „Макотекс“ во Скопје ќе се одржи денеска (26-ти февруари), во МКЦ, со почеток од 20 часот. Организатор на овој настан е иницијативата Friends2Friends (Пријателите за пријателите), со поддршка на граѓанската иницијатива Мрдни со прст / Lëviz me gisht.
За оваа иницијатива изјава за нас даде Гога Поп-Георгиевски: „Иницијативата започна неколку дена по пожарот во ‘Макотекс’, сосема спонтано, со цел да им помогнеме на нашите пријатели – музичари. Првиот концерт го направивме во ‘Маракана’. По свирката во ‘Маракана’ се согласивме дека ни треба поголем простор за да се обидеме да направиме нешто поголемо. За среќа, во МКЦ веднаш се согласија да ни го отстапат просторот“, вели Поп-Георгиевски.
За поддршката од колегите, Поп-Георгиевски вели дека воопшто немале проблем да најдат бендови кои ќе се согласат да свират на концертот.
На концертот ќе настапат бендовите „Темпера“, „Мугер Фугер“, „Фолтин“, „Сетстат“, „Алтер Виво“, „Милко“, „Јаничари“ и „Конкверинг Лајон“. Билетите во претпродажба чинат 100 денари, а цената на билетот на самиот влез ќе биде 200 денари.
„Покрај средствата кои ќе се соберат од продажбата на билетите, во долниот дел на МКЦ ќе има и изненадување за публиката – продажба на интересни предмети, како дел од акцијата на ‘Мрдни со прст’“, открива Поп-Георгиевски.
„Дојдете да се забавуваме, да слушаме квалитетна македонска музика и заедно да направиме нешто со што ќе помогнеме истата да живее и да се создава“, стои во поканата за настанот.