Русија намерно ги одолговлекува мировните преговори за Украина за да заземе повеќе територии и да ја зајакне својата преговарачка позиција со САД, објави независниот Москва тајмс на 24 март, цитирајќи неименувани извори.
Руски дипломатски извор за „Москва тајмс“ изјави дека времето сега игра во полза на Русија, а Кремљ сака „да го искористи тоа максимално“.
Написот следи по неодамнешните разговори на американскиот претседател Доналд Трамп со рускиот претседател Владимир Путин и претседателот Володимир Зеленски. По неговиот разговор со Трамп, Путин тврдеше дека наредил 30-дневна пауза на нападите против енергетската инфраструктура на Украина. Кијив го поддржа взаемното запирање на нападите, но ја обвини Русија за продолжување на нападите врз цивилни цели.
Вашингтон и Кијив претходно го поддржаа поширокиот 30-дневен прекин на огнот кој исто така ќе ги запре копнените операции, но Москва го отфрли предлогот освен ако не вклучи суспензија на странската воена поддршка за Украина и други услови кои ќе ја ослабат одбраната на Кијив.
Руски функционер изјави за Moscow Times дека Кремљ се надева дека Вашингтон или ќе толерира понатамошни руски офанзиви или ќе изврши притисок врз Украина да се повлече од делумно окупираните региони, вклучувајќи ги и областите Херсон и Запарижја.
Москва тврди дека регионите Донецк, Луханск, Запарижја и Херсон се руска територија, иако ниту една од нив не е под целосна контрола на руската војска. Русија е решена да обезбеди контрола врз овие територии по секоја цена, бидејќи Путин политички не може да си дозволи да ги загуби откако нивниот статус беше втемелен во уставот, изјави функционер близок до Кремљ.
Алтернативно, Русија може да се обиде да заземе дел од друг украински регион, на пример, Днипропетровск или Суми, а потоа да понуди размена за Херсон и Запарижја, вели соговорникот.
Зеленски на 12 март рече дека Кијив нема да признае ниту еден окупиран регион како дел од Русија во потенцијалниот иден мировен договор со Москва.
Нова рунда американско-руски разговори за прекин на огнот во Украина започна во Ријад на 24 март. Состанокот, одржан еден ден по преговорите меѓу САД и Украина, се очекува да биде фокусиран на прекин на огнот во Црното Море и пошироки преговори за примирје, пишува Ројтерс.
Според портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, „не треба да се очекува дека разговорите ќе доведат до пробив“, а работата се одвива во „неколку правци“, ја цитира нејзината изјава продржавниот медиум Комерсант.
Се очекува САД и Украина да одржат уште една рунда разговори по разговорите меѓу САД и Русија. Преговорите доаѓаат во време на тековните напори на Трамп да посредува за прекин на огнот и поширок мировен договор во Украина.
М. Д.