Еден палестински новинар беше убиен во понеделникот, а девет други беа ранети, од кои некои критично, кога израелски воздушен напад погоди шатор што го користат локалните медиуми во јужниот дел на Газа, соопштија медицинските лица и локалниот синдикат на новинари, пренесува Ројтерс.
Снимките покажуваат луѓе кои се обидуваат да го изгаснат пламенот во шаторот, во комплексот на болницата Насер во Кан Јунис, во раните утрински часови во понеделникот.
Ројтерс успеа да го потврди видеото од позицијата, распоредот и дизајнот на блиските згради и шатори. Датумот може да се потврди со медиумски извештаи и потврдени видеа.
Други снимки објавени на социјалните мрежи, но не потврдени од Ројтерс, се чини дека покажуваат дека шаторот е изгорен до темел, заедно со мебелот и опремата во него.
Сликите на кои се гледа како новинар е во пламен, и друго лице се обидува да го спаси, беа широко споделени.
Израелската војска во соопштението објави дека го погодила Хасан Аслих, кого го опишаа како „терорист, кој дејствува под маската на новинар“ и член на бригадата Кан Јунис на Хамас.
Аслих, познат палестински новинар во Газа, со стотици илјади следбеници на платформите на социјалните мрежи, беше тешко ранет во нападот, рекоа медицинските лица.
Израел рече дека Аслих учествувал во упадот со кој започна војната на 7 октомври 2023 година.
„За време на масакрот, тој документирал и поставил снимки од грабежи, палење и убиства на социјалните мрежи“, соопшти војската.
Исмаил ал-Тавабта, директор на владината канцеларија за медиуми во Газа, управувана од Хамас, рече дека обвинувањата на Израел против Аслих се „лажни“, додавајќи дека Аслих нема политичка определба.
„Тврдењето на окупацијата дека Аслих преминал во окупираната земја и учествувал во инцидентите на 7 октомври е дел од политиката за дискредитирање и фабрикување што окупацијата ја прифаќа за да ги оправда нападите врз новинарите и медиумскиот персонал“, изјави Тавабта за Ројтерс.
Во нападот загина и втор Палестинец, соопштија медицинските лица од Газа.
Д. Мишев