ДРАГАН МИШЕВ
„Македонија по седум години национално понижување и ограбување од политичари кои за среќа сега се минато, овие 13-14 месеци доживува и економска и национална ренесанса, порача премиерот Христијан Мицкоски од Албанија, во обраќањето на Македонскиот фолклорен фестивал Преспа во Општина Пустец.
Откако неговиот претходник Груевски ни го продаде Барокот, сега неговиот наследник, Мицкоски, се навраќа на ренесансата. Ем го продолжува делото на неговиот ментор, ем со изборот на епохата како да сака да каже дека тој е веќе пред него.
Исто како кога на „парапетчето“ на Грујо на Охридско езеро, Мицкоски (со помош на Николовски) одговори со поместување на цела планина на патот до Охрид.
Барокот на Грујо не чинеше како „свети петар кајгана“, и уште го отплаќаме, за ренесансава на Мицкоски допрва ќе следи наплатата. Ќе плати народот, се разбира.
Следствено на изборот на епохите на Грујо и Мицко, на Македонија, по ренесансата и барокот ѝ следува епохата на рококо, односно навлегува во 18 век. Останатиот дел од Европа и светот веќе е длабоко навлезен во 21 век.
А зошто Мицкоски ја одбра соседна Албанија за да го соопшти епохалното достигнување на неговата влада. Очигледно полесно е да продаваш ветер и магла за дома од странство, дома демантите на манипилациите и лагите се гладаат на секој чекор. И барем е сигурен дека таму никој од публиката нема да извика дека не му е покачена платата наспроти дивеењето на цените.
Македонска ренесанса со минимална плата од 395 евра. Може да се сликаме – масло на платно.