Претседателот Доналд Трамп се пофали на социјалната мрежа Truth Social дека американската војска, ппо негова наредба уништила наводен венецуелски брод за дрога што пловел во меѓународни води на пат кон САД.
Како што пренесува Би-би-си, Трамп во понеделник изјави дека тројца мажи биле убиени во нападот врз „насилни картели за трговија со дрога“. Тој не даде докази дека бродот носел дрога.
Непосредно претходно, неговиот венецуелски колега Николас Мадуро изјави дека Каракас ќе се брани од „агресијата“ на САД, нарекувајќи го американскиот највисок дипломат Марко Рубио „господар на смртта и војната“.
Тензиите меѓу двете земји ескалираа откако САД распоредија воени бродови во јужниот дел на Карибите за она што официјалните лица го нарекоа операции против наркотици, извршувајќи напад во кој загинаа 11 лица.
„Утрово, по моја наредба, американските воени сили спроведоа втор кинетички напад врз позитивно идентификувани, исклучително насилни картели за трговија со дрога и наркотерористи“, рече Трамп на Truth Social.
„Овие екстремно насилни картели за трговија со дрога претставуваат закана за националната безбедност на САД“.
Д. Мишев