Дефект на еден од радарите на Меѓународниот аеродром во Скопје предизвика политички препукувања меѓу власта и опозицијата. Додека СДСМ обвинува за партизација и загрозување на безбедноста, од М-НАВ уверуваат дека воздушниот сообраќај се одвива безбедно и непречено, а ВМРО-ДПМНЕ тврди дека СДСМ крева „лажна паника“.
Обвинувања од СДСМ
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на прес-конференција изјави дека расипаниот радар е резултат на „насилното вдомување на партиски кадри во една од најважните институции за безбедноста“.
„Ова не е само технички дефект, ова е последица на партизацијата која секојдневно ја спроведува ВМРО-ДПМНЕ. Наместо професионалци, таму се вработуваат луѓе по партиска линија и затоа гледаме хаос и импровизација. И македонското небо е под ризик“, рече Кузеска.
Таа потсети дека контролорите претходно предупредувале за дотраена опрема и обвини дека новото раководство не го исполнило ветувањето за нов систем.
Реакција од М-НАВ
Од М-НАВ, пак, за МИА информираа дека се работи за дефект на една од трите радарски глави и оти проблемот е веќе детектиран.
„Овие технички дефекти се нормални појави во авијацијата. Се применуваат соодветни безбедносни процедури и нема никакво безбедносно влијание врз авио-сообраќајот. Единствена промена е регулацијата на бројот на авиони што можат да се опслужат на еден час, мерка која ќе трае додека трае отстранувањето на дефектот“, изјави директорот на М-НАВ, Владимир Ристески.
Тој додаде дека производителот на опремата е директно вклучен во процесот на дијагностика и поправка, а домашните стручни служби работат на што побрзо враќање на радарот во функција.
ВМРО-ДПМНЕ: „СДСМ крева лажна паника“
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа со тврдење дека СДСМ намерно шири страв кај граѓаните.
„Расипување на радар може да се случи на било кој аеродром во светот. Работата на аеродромот продолжува по протокол, без никакво нарушување на безбедноста. Ниту една авиокомпанија нема изразено забелешки или откажала летови“, стои во соопштението.
Во реакцијата се потсетува и на, како што велат, случаи на партизираност и во време на претходната власт, вклучувајќи вработувања на кадри блиски до СДСМ и ДУИ.
Д. Т.