Европските и блискоисточните лидери го поздравија мировниот план на САД за Газа, откако претседателот Доналд Трамп го предупреди Хамас да го прифати, пренесува Би-би-си.
Во заедничка изјава, министрите за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија, Катар, Египет, Јордан, Турција, Индонезија и Пакистан рекоа дека го поздравуваат „лидерството на Трамп и неговите искрени напори за ставање крај на војната во Газа“.
Тие рекоа дека се подготвени да се вклучат со САД за финализирање и спроведување на договорот, за кој рекоа дека треба да доведе до „решение за две држави, според кое Газа е целосно интегрирана со Западниот Брег во палестинска држава“.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, рече дека е „охрабрен од позитивниот одговор на премиерот Нетанјаху“ на предлогот. Тој додаде дека „сите страни мора да го искористат овој момент за да му дадат вистинска шанса на мирот“.
Планот, договорен од Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, предлага моментален прекин на борбите, ослободување во рок од 72 часа на 20 живи израелски заложници што ги држи Хамас, како и на останките од повеќе од дваесет заложници за кои се верува дека се мртви – во замена за стотици притворени жители на Газа.
Палестински извор изјави за Би-Би-Си дека на претставници на Хамас им е даден планот од 20 точки.
Планот, исто така, вели дека Хамас нема да има никаква улога во управувањето со Газа и ја остава вратата отворена за евентуална палестинска држава – но Нетанјаху подоцна повторно го отфрли ова.
Зборувајќи на прес-конференцијата во понеделник во Белата куќа, Трамп го нарече планот „историски ден за мирот“.
Но, тој рече дека Нетанјаху ќе има поддршка од САД за да „ја заврши работата за уништување на заканата од Хамас“ ако Хамас не се согласи со планот.
Потоа Нетанјаху рече дека го поддржува планот на САД, но додаде дека Израел „ќе ја заврши работата“ ако Хамас го отфрли планот или не го спроведе.
Во видео изјава кратко потоа, Нетанјаху го повтори своето долгогодишно противење на палестинска држава.
„Тоа не е напишано во договорот. Рековме дека силно ќе се спротивставиме на палестинска држава“, рече тој.
Тој исто така рече дека мировниот план ќе им овозможи на Израелските одбранбени сили (ИДФ) да останат во Газа – спротивно на текстот на предлогот објавен од Белата куќа.
Д. Мишев