Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека се надева дека ќе објави ослободување на заложниците што се држат во Газа „во наредните денови“, пренесува Би-би-си.
„Хамас ќе биде разоружан, а Газа ќе биде демилитаризирана – или на лесниот или на тешкиот начин, но тоа ќе се постигне“, додаде тој во телевизиската изјава.
Коментарите дојдоа откако Хамас објави соопштение во петокот во кое се согласи да ги ослободи заложниците според мировниот план на САД, но не спомена разоружување и побара преговори за други прашања.
Хамас изјави во саботата дека Израел продолжува да врши „масакри“, откако нападите ја погодија Газа наутро, и повика на глобален притисок врз Израел.
Индиректните разговори за прекин на огнот меѓу страните треба да започнат во Египет во понеделник.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека „нема да толерира одложување“ од Хамас за склучување договор.
„Хамас мора да дејствува брзо, инаку сите облози ќе бидат поништени… Ајде да го завршиме ова, БРЗО“, објави Трамп на неговата платформа Truth Social.
Подоцна тој објави дека Израел „се согласил со почетната линија на повлекување“, што се чини дека се однесува на различни линии за повлекување на израелските трупи објавени заедно со американскиот план.
Планот од 20 точки предлага моментален крај на борбите и ослободување на 20 живи израелски заложници што ги држи Хамас – како и останките од оние за кои се смета дека се мртви – во замена за стотици притворени жители на Газа.
Д. Мишев