Израел во вторник соопшти дека ги примил останките од Итај Чен, последниот американско-израелски заложник држен во Газа, како дел од договорот за прекин на огнот постигнат со посредство на САД, кој стапи на сила минатиот месец, пренесува Си-ен-ен.
Израел соопшти дека примил ковчег со останките преку Црвениот крст во Газа, а подоцна го транспортирал во националната лабораторија за форензика на Израел, каде што бил идентификуван.
Потврдата на идентитетот на останките значи дека во Газа останале само седум починати заложници.
Чен, водник кој служел во Оклопниот корпус, бил стациониран на границата со Газа на 7 октомври. Неговите останки биле однесени во Газа откако бил убиен, соопштија израелските одбранбени сили.
М. Д.












