Водната криза што изминатите денови го потресе Гостивар добива и кривично-правна димензија. Основното јавно обвинителство Гостивар отвори истражна постапка против тројца одговорни лица од Јавното претпријатие „Комуналец“, кои се сомничат дека со своите постапки овозможиле загадена вода да навлезе во системот за водоснабдување, со што ја довеле во опасност здравствената безбедност на илјадници граѓани.
Осомничени се вршителката на должност директор на ЈП „Комуналец“ Артана Асани, техничкиот раководител на Секторот за технички работи Леон Нуредини и раководителот на Одделението за водовод, канализација и градежни работи Вадедин Дервиши. Тие се товарат за кривично дело „Тешки дела против животната средина и природата“.
Според истрагата, на 25 јуни тројцата дале налог на вработени во претпријатието да постават три потопни пумпи во канал со површинска вода, непосредно до преливната комора на системот за водоснабдување. Образложението било дека се тестира притисокот на водата, но истражителите утврдиле дека преку тие пумпи вода од отворениот канал се префрлала во затворениот систем за вода за пиење.
При увидот извршен на 16 јули, инспекциските служби затекнале две од пумпите сè уште во функција. Тие, преку потисни црева поставени низ преливниот отвор, пренесувале вода од каналот во комората од која се снабдува главниот водоводен систем. На тој начин дошло до мешање на контаминирана вода со водата за пиење.
Лабораториските анализи на Институтот за јавно здравје ја потврдуваат сериозноста на загадувањето. Во примероците од каналот се измерени 2.419,6 cfu/100 мл колиформни бактерии, речиси 50 пати повеќе од максимално дозволената вредност од 50 cfu/100 мл.
Загадување е констатирано и во водата од каптираниот извор. Наместо нула, колку што дозволуваат стандардите за вода за пиење, анализите покажале 39 cfu/100 мл колиформни бактерии, како и зголемен број аеробни мезофилни бактериски колонии.
Дополнителните анализи на вода земена од чешма на улицата ЈНА во Гостивар покажале и висока концентрација на резидуален хлор – 1,1 мг/л, што е повеќе од двојно над максимално дозволената вредност од 0,5 мг/л. Според надлежните, станува збор за последица од засилената дезинфекција на системот по откривањето на загадувањето.
Последиците веќе се видливи и кај населението. Повеќе од 3.100 граѓани побарале лекарска помош поради симптоми што се поврзуваат со користење на контаминираната вода. Поради тоа, Агенцијата за храна и ветеринарство и понатаму ја задржува забраната за употреба на водата за пиење и подготовка на храна, сè додека Институтот за јавно здравје не потврди дека системот повторно е безбеден.
Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за храна и ветеринарство, Министерството за животна средина и другите надлежни институции продолжуваат со увидите и собирањето докази. Министерот за животна средина Муамет Хоџа оцени дека станува збор за исклучително сериозен инцидент кој бара утврдување и на кривична и на институционална одговорност.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство предупредија дека инспекциските служби работат непрекинато, а сите угостителски објекти и други субјекти кои нема да ги почитуваат забраните и ќе користат небезбедна вода ќе се соочат со санкции.
Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство продолжува со истражните дејствија за целосно расчистување на случајот. Тројцата осомничени се лишени од слобода, а обвинител ќе одлучи какви мерки ќе предложи до судот за нивно обезбедување.
Случајот отвори и пошироки прашања за начинот на управување со критичната водоснабдителна инфраструктура, надзорот врз јавните претпријатија и институционалната одговорност за заштита на јавното здравје. Додека трае истрагата, жителите на Гостивар остануваат во неизвесност, очекувајќи официјална потврда дека водата повторно е безбедна за употреба.
ЦИВИЛ Медиа Деск












