Утрото, 20 јули, на доручек со моите германски колеги, Волфганг и Мика, ја коментираме црвената боја на интерактивната мапа на Украина. Претходната ноќ, речиси цела Украина беше покриена со црвена боја што означува воздушна тревога. Волфганг на сето тоа тивко додаде: „Ние сме во окото на ураганот“.
Да, Луцк е тоа око. Немаше тревога во градот. Овој дел од земјата е релативно мирен. Што не значи дека алармот не може да пламне секој миг.
Агресорот ги напаѓа украинските градови со балистички ракети. Тие се меѓу најтешките цели за пресретнување. Системите „Патриот“ покажаа дека можат да ги соборат и руските ракети „Кинжал“, но тоа не е непробоен штит. Системите се малку, пресретнувачите се ограничени, а времето за реакција понекогаш се мери во минути.
Тревогата често доаѓа со задоцнување. Или, во подобар случај, само некоја минута пред нападот. Ноќе. Кога луѓето спијат. И кога е предоцна да се оди во скривница. Притоа, кога ќе кажеме скривница, тоа не значи дека таа е тука некаде блиску. Кијив е голем град. До скривница се стигнува за пола саат или повеќе. Во меѓувреме, секој чекор на улиците може да значи смрт или тешка повреда. Подрумите на зградите не се гаранција дека ќе преживеете.
21-ви век, Европа. Ракети со огромно експлозивно полнење, наменети за уништување на силно утврдени воени цели, се користат против луѓе, цивили. Злосторство. Монструозно, колку што е и апсурдно.
Разговараме со нашиот домаќин, Володимир Даналиук, новинарски ветеран, главен уредник на „Волинска газета“ (Волинська газета). И воен ветеран. Војната го променила. За време на воената служба се стекнал со чин потполковник. „Војната ги менува сите луѓе”, рече тој во еден момент.
Луѓето го препознаваат на улица. Го поздравуваат. Тој е скромен и веројатно никогаш нема да го признае тоа, но во очите на луѓето што го запираа на улица, можев да видам дека тој за нив е херој. Учествувал во Битката за Бахмут.
Оксана Рохаќ која преведуваше за нас од рано наутро до доцна попладне за себе вели дека е учителка. Инаку е универзитетска професорка. Ништо не пропушта. Цел ден се грижеше за нас, не само да го разбереме тоа што ни го кажуваат нашите соговорници, туку и да ја изодиме тешката дневна агенда. Да го разбереме денот. Од првиот до последниот момент – со истата енергија и насмевка. Бевме поканети во програмата на ТВ Аверс. И таму беше со нас, ги преведуваше прашањата од нашата водителка Мирослава и нашите одговори, едноставно, прецизно, човечки топло.
Околу 18 часот – протести. Млади луѓе. Протестите се поттикнати од смената на министерот за одбрана Михајло Федоров. Демонстрантите бараат враќање на популарниот министер, како и промени во врвот на воената команда. Протести се одржуваат во повеќе украински градови, меѓу нив и Луцк.
Модерни, убави, досетливи, креативни. Гласни, енергични, решителни, со стил. И истовремено пристојни. Какви што ги знаеме и нивните претходници од времето на Револуцијата на достоинството – Мајдан.
Протестот завршува со извиците „Слава Украïнi! Героям слава!” и со пеење на националната химна.
Сигурен сум дека нивниот претседател ќе ги слушне. Дали ќе ги послуша целосно или делумно, ќе видиме. Но самото тоа што младите луѓе излегуваат на улица, гласно и слободно кажува нешто исклучително важно. Суштинско. Украина и среде брутална војна останува демократско општество.
Оксана вели дека не познава некого што не доживеал трагичен губиток на некој близок од семејството. Некои го имаат изгубено целото семејство во бомбардирањата или во борбите.
Еден ветеран со кого имавме кратка средба, го изгубил синот на фронтот. Иако законот му дозволува да се демобилизира, тој одбива да се врати дома. Продолжува да служи.
Кај спомен-обележјето на Театарскиот плоштад (Театральний майдан), каде во долги редици се поставени фотографиите на загинатите бранители, луѓето застануваат, молчат неколку мигови, оддаваат почит и продолжуваат со денот.
Лицата од фотографиите не изгледаат како нешто далечно. Млади се, блиски и присутни. Речиси како да се собрале во големата дневна соба на градот, а нивните семејства, пријатели и сограѓани навраќаат да ги видат.
Во Луцк и денеска немаше воздушна тревога. Но војната е присутна во секој здрив на градот. Црвената мапа, сведоштвата за загубите, младите војници, некои и со штаки, редакцијата на Володимир, во лицата од фотографиите на плоштадот.
Мирно е. Но војната е тука. Во секој здив, на секој чекор.
Creative Commons 4.0 | Дозволено преземање со атрибуција и линк | CIVIL MEDIA













