Џабир Дерала
Луцк, Украина, 19 јули 2026 година
Во Украина пристигнавме во недела, на 19 јули. Границата меѓу Полска и Украина ја преминавме преку преминот Зосин–Устилуг, во 19:06 часот по локално време.
Тука сум со моите колеги и пријатели од Германија, д-р Волфганг Ресман и Мика Бојстер, кои читателите ги паметат од меѓународната конференција „Одбрана на демократијата“ во 2024 година, како и од повеќе други настани и медиумски прилози на ЦИВИЛ.
Пред нас е една недела исполнета со средби со новинари, медиумски организации, универзитети, институции и локални заедници во Луцк, Кијив, Буча и други места.
Во Варшава нè пречека Виталиј Данилиук, наш колега од „Волинска газета“. Јас зборував македонски, тој украински. Добро се разбравме.
По пат заврна пороен дожд. Кога дождот престана, над пространото украинско небо се појави виножито.
„Ова мора да е добар знак“, рече Мика.
Се согласивме молкум.
Луцк е убав и простран, еден од најстарите украински градови, на околу 85 километри од границата со Полска. Иако е далеку од фронтот и на прв поглед живее поспокојно од многу други украински градови, ни тој не е поштеден од руската агресија. Градот и неговите жители повеќепати беа мета на руските сили, а само во 2025 година Луцк претрпе неколку особено тешки ракетни и дронски удари.
Уште пред да се сместиме, на плоштадот нè пречека глетката на мноштво млади луѓе кои вееја знамиња и извикуваа:
„Донбас е Украина!“
Хотелот „Украина“ е стар, но пристоен и многу чист. Ми се чини дека во ходникот, а потоа и во собата, се чувствуваше смирувачки мирис на свеќа и босилок. Додека го пишувам овој прв дневнички запис, мирисот веќе го нема, но чувството на смиреност остана.
Утре нè очекува ден исполнет со средби и разговори. Пред да легнам, ќе ги проверам апликациите за воздушни тревоги и уште еднаш ќе го погледнам планот за евакуација поставен на вратата.
Creative Commons 4.0 | Дозволено преземање со атрибуција и линк | CIVIL MEDIA













