Оливер Андонов
Се сеќавате ли на Благојче од Македонска Каменица? Тоа е оној познат лик кој не знам како воопшто дојде да учествува на некој квиз на една национална телевизија. Верувам дека некој намерно сакаше да направи пародија, но и уште тогаш да ни го покаже лицето на нацијата и дозволи Благојче без било какви претходни тестирања за основни општи знаења и познавања се појави во квизот. Како што самиот велеше: „Јас немам време да јадам, а не пак да читам“.
Во меѓувреме, сосема случајно сретнав еден човек од Гоце Делчев, некогашен Неврокоп во Бугарија – Пиринска Македонија кои работи за некоја италијанска компанија во Македонија. Покрај жалењето околу тоа што постојано губи време на границата со Македонија и тоа му го отежнува работењето, за што вели дека би било добро доколку Македонија биде дел од ЕУ и да нема граница како што тој и неговите за помалку од еден час се во Кавала, ми кажа едно многу интересно размислување. Поточно, тоа би го нарекол став кој ја отсликува промената на целата бугарска нација во однос на стереотипот во кој ние живееме во однос на Бугарија и Бугарите. Не дека немаат рецидиви од советското време и времето на комунизмот, но очигледно е дека тие се сѐ помалку и воопшто немаат влијание врз поведението и разбирањето на современите општествени и пред сѐ европски состојби. Човекот јасно и недвосмислено ми рече: „Радев излажа, но народот – Бугаринот веќе не молчи и ќе излеземе на улица и ќе си оди“. Јасна и чиста порака од еден сосема обичен граѓанин на Бугарија. Човек кој научил да живее европски, не го интересира името на тој кој е на власт, но го интересира дали го лаже, каде ја води државата, како ги троши неговите буџетски пари и колку го задолжува него и неговите идни поколенија. Секако на сите овие политики тој нормален граѓанин е подготвен и соодветно да реагира, односно да излезе на улица и јасно и демократски да го каже својот став, односно да го изрази своето незадоволство, односно да побара Радев (или едикој си) да си оди од местото на кое дошол со лаги и измами и каде што ништо корисно не сработил ниту пак работи. Нема поправен испит, толку е.
Очигледно Бугаринот се европеизираше (а Македонецот?), навикна да има подобар стандард, иако не доволно силен во споредба со другите во ЕУ, навикна да може да си дозволи автомобил и тоа сосема солиден, да има регулирана здравствена заштита и средена економско финансиска состојба, но и да патува низ Европа без ограничувања: Затоа впрочем и мојот нов познаник толку го иритира чекањето (губењето на време) по границите помеѓу Македонија и Бугарија и Македонија и Грција. Ете тоа е слика за една сменета нација и национални карактеристики соодветни за 21-от век, за еден нов светоглед и реални демократски односи во една држава каде што секојдневно непрестајно медиумите го критикуваат Радев за неговите политики. Проценките на бугарските граѓани се дека Радев нема да издржи на власт до крајот на годината и при тоа Македонија не е темата за тоа да се случи, туку прашањето е државниот буџет, обидот за задолжување без причина, отстапувањето од политиките на ЕУ и приближување кон политиките на Путин, како и енергетските прашања поврзани со ЛукОил и Боташ. Тема е и неприфаќањето на Радев, Бугарија да биде член на „Коалицијата на волните“, токму како одраз на тоа на која страна се става Бугарија во однос на агресијата врз Украина од страна на Русија. Значи се работи за теми кои се суштински важни за бугарското општество и нивната европска иднина, а тоа не е Македонија.
Значи, можеме да заклучиме дека Бугарите не сакаат да ни го земат идентитетот. Не сакаат да бидат Македонци, а и не им пречи оти ние сме Македонци, тоа си е наше лично право во кое никој не ни се меша. Прашањето е какви Македонци ние сакаме да бидеме и што од нашиот идентитет ни брани Мицкоски? Да бидеме такви каква што во моментот прикажуваме слика за состојбата на нацијата? Одлично! Тогаш пак воопшто не треба да се плашиме дека некој ќе посака да не асимилира или да ни го земе идентитетот со тие карактеристики кои ги покажуваме.
А какви се тие карактеристики? Не баш добри и не баш пријатни за слушање – читање. Посебно доколку треба да се погледнеме во колективното – национално огледало и да си кажеме – признаеме самите на себе дека сме на последното место во Европа по сѐ.
Затоа и никој нема да сака да ни го земе идентитетот. Идентитетот чија слика е Благојче од Македонска Каменица кому му се потсмеваме и со кого се мајтапиме е како архетип на денешната слика на македонската нација, но ни е страв да се погледнеме в огледало, да случајно не го препознаеме Благојче во одразот во огледалото. Оттука верувам дека поедини високи претставници на македонската нација не се гледаат воопшто во огледало, дури и наутро кога треба да се измијат, тоа го прават со ставање вода на двата показалци колку да ги тргнат дрљките од очи – да прогледаат де, а при тоа да не фрлат поглед во огледалото случајно, ниту за секунди. Да не застанат пред огледалото барем додека не го натнат на себе генералскиот шинел и како Наполеон да застанат со друг, нашминкан лик пред огледалото. Тие мислат дека од страна не не гледаат во вистинското лице. Каква заблуда. Не сака никој да го земе нашиот идентитет, дури и се плашат да не попримат нешто од нас што ќе им го наруши нивниот идентитет подоцна.
Што тоа може да ни земат? Омразата и дехуманизацијата. Дали Мицкоски знае дека таа омраза и дехуманизација започнува од него и од неговиот јавен говор на омраза, за стаорци, таложи, дно и слични епитети? Да ни ги земат јадот и горчината со која нашите сограѓани си заминуваат засекогаш од татковината и што подоцна сопствената татковина ја сметаат за најголем душман бидејќи тука биле малтретирани, понижувани, ограничувани, онеправдани, незаштитени. А Мицкоски сака токму тие сега да ги натера врз основ на патриотска носталгија да гласаат за него и за тоа прави секакви политикантски вратоломии не би ли го донел Изборниот закон. Дали сајаат да ни ја земат неграмотноста, за да не бидеме Благојче. Да ни ја земат суетата и водењето на геополитички „длабокоумни“ расправи пред кооперација. Модел на политикантство кое го промовира Мицкоски бидејќи нема да може на Благојче од Каменица да му објасни како тоа Гоце Делчев или некои други војводи во 19-от и почетокот на 20-от век не биле по народносна припадност Македонци. Ами Благојче нема време леб да јаде, а не пак да мисли за Гоцета и неговата народносна определба. Мислам дека на Мицкоски поголем проблем му е како на Благојче од Каменица пред кооперација да му ја објасни земјоделската политика и зошто не се исплаќаат субвенциите за да може Благојче да произведе реколта или да се објагнат јагниња за следната година, а тој да ја истурка годината. Па и за пред кооперација требаат пари, не дава продавачот за без пари пиво и салама со вегета. Не сакаат ни овој дел од нашиот идентитет да ни го земат, ќе ни го остават. Ќе ни го остават и озборувањето, да му умре козата на комшијата, завидлакот (што би рекол Заев – завидл’к). Дури нема да ни ја земат ниту нашата успешна политика која блеска во светски рамки или тоа беше економија. Нема да ни го земат ниту вториот пензиски столб, тоа ќе ни го направи Мицкоски и тоа ќе биде скандал на векот. Не сакаат ништо да ни земат, ниту пинџурот и тавче гравчето, ниту „традиционалната“ ни кујна. Нема да ни ја земат ниту верата на нашите татковци – Православието, доволен им е Радев како заштитник на Православието.
Не го сакаат ниту нашето полтронство и клиентелизам, а потоа зад грб пцуење на тој на кого до пред малку а и по малку време се упикуваме. Не им треба нашата колективна суета и умисленост дека сме најстар народ, дека сме најпаметни, најспособни, најитри. Си имаат доволно за себе, а и ние си имаме доволно кај нас. Немаат потреба ниту од нашата неразвиеност, а не им треба ниту нашата територија како што самите себеси се залажуваме. Веќе најдоа начин како да нѐ заобиколат и повторно да имаат контрола над регионот и геополитиката. Не ја сакаат ниту нашата некултура, загадување на животната средина, а воопшто не го сакаат ниту нашиот кодошлак кој ни е национален спорт. Тоа дури и Мицкоски го чувствува на своја кожа само не сака да каже јавно иако се нервира.
Тоа што од нас го сакаат е да станеме нормални, современи граѓани на Европа. Луѓе кои размислуваат здраворазумски, со полн демократски капацитет, подготвени да ги бранат човековите слободи и права и да се спротивстават на погрешните политики на политикантите кои ја оддалечуваат Македонија од Европа и од развојот. Но на човек со сила можеш да му земеш, не и да му дадеш. Дали е така?
Колку што може да се видиме од последните настани во Париз по повод „Денот на падот на Бастилја“ – симболиката е многу голема и зошто токму на овој ден Макрон ги покани скоро сите европски лидери и држави да бидат во Париз. Токму низ таа симболика на падот на Бастилја се обединија во Париз сите во рамки на „Коалицијата на волните“. Интересно е тоа што Македонија во отсуство беше вброена во коалицијата. Изгледа дека на Мицкоски не му кажале дека испратил барање за зачленување на Македонија во „Коалицијата на волните“. Е сега, сетете се на фотографијата на Мицкоски од Тиват со Макрон. Еве доказ за простачки ПР. Но и тој простаклук никој нема да ни го земе. Ќе си остане само наш, да си се гордееме со него. Како што никој нема да ни ја земе нашата нетолеранција на секое поле, а посебно неприфаќањето на различностите, особено политичките, етничките и религиозните.
Не само што не бевме во Париз на состанокот на „Коалицијата на волните“ и не учествуваме (не нѐ поканија) со наши воени единици на парадата по повод „Денот на падот на Бастилја“, туку не бевме ниту ви Брисел на супер вторникот. Дури и не нѐ споменаа во Брисел, како да нѐ нема. На едно место само нѐ впишаа колку да се броиме, а на другото не нѐ споменуваат. Еднаш ви напишав дека вака како што тераме како нација еден ден во блиска иднина ќе нѐ снема од битисувањето и ќе бидеме само некаква фуснота во европската историја. Е тогаш, најдете го и прашајте го Мицкоски како тоа ни го бранеше идентитетот, а како македонски претставник при потпишувањето на Кијивската декларација веднаш по настаните во Париз, во Киев беше Беким Сали и повторно, како и Радев, таму не се појави Мицкоски. Но знаете како се вели: „на будалите отпосле им текнува“. А за владата на Мицкоски и нејзиното политичко однесување неопходна е медицинска дијагноза. Да не си отворено против ЕУ, а и да не си отворено против Русија. Интересно, но ништо ново за мали Вучиќ, веќе видено и искусено.
Сепак, проблемот на сите нас не е единствено Мицкоски и неговите погрешни политики кои се гледаат од авион. Проблемот сме самите ние и нашиот извртен светоглед и немањето храброст да ги симнеме розовите очила кои ни ги натнаа, а ние си молчиме да не биде полошо нели. Нема да ни ги земат ниту розовите очила кои сами си ги чуваме на очите, ниту молчењето и како национална карактеристика придржувањето кон поговорката „наведната глава, сабја не сече“, ама и „сонце не гледа“. Тоа што оние омразените Европјани сакаат да ни направат е да нѐ тргнат од погрешните политики и балкански темни сокаци по кои лутаме со децении (веројатно со векови) и секогаш бараме некој друг да ни биде виновен за таа наша судба.
Нема да ни ја земат таа инфантилност на недозреано дете кое само цимоли, како и нашата неодговорност кон самите себеси, туку сакаат да нѐ направат одговорни како кон себе така и кон Европа. Затоа и нѐ бутнаа во НАТО, а сега и во Коалицијата на волните. Сѐ во надеж дека ќе се подосвестиме, а како шок терапија дека Мицкоски колективно нѐ лаже не нѐ ни споменаа во Брисел. Очигледно дека Мицкоски не ги интересира, затоа и не беше поканет, ниту тој, ниту било кој од неговата влада во Брисел и не беше присутен на еден значаен и голем европски и светски настан во друштво на европските лидери. Со настанот во Брисел, пак, јасно ни покажат дека и во однос на ЕУ и парите од ЕУ Мицкоски лаже и манипулира и нѐ исклучија од супер вторникот заедно со Србија.
А нели до скоро Николоски (потпретседателот на владата на Мицкоски) не убедуваше дека Албанија никогаш нема да влезе во ЕУ, па последниве денови слушаме ветувања од Рама дека откако ќе влезе Албанија во ЕУ, немало да даваат албански државјанства на Албанци од Македонија и дека Албанија нема да поставува услови за Македонија. Ете, радувајте се, добивме гаранции за Благојчињата кои со краток ум ќе веруваат. Ами кој ви гарантира дека кога Албанија ќе влезе во ЕУ, Рама ќе продолжи да биде премиер или едноставно нема да ги смени приоритетите? Па Мицкоски ги смени приоритетите (доколку воопшто имал и има некакви приоритети) по само две години власт.
Париз би требало да биде една добра отрезнувачка епизода. Дури и Вучиќ беше поканет на парадата во Париз и секако во неговиот стил тој немаше намера да биде дел од „Коалицијата на волните“, затоа и не се трудеа Французите околу тоа за да немаат двајца опортунисти на иста маса.
Тука се мисли на Радев и Вучиќ, овој „нашиот“, Мицкоски толку е безначаен што не го сметаат ниту за можен релевантен опортунист, бидејќи кога за нешто ќе се одлучува нема ни да го прашаат и повторно Македонија во отсуство ќе биде за. Но тоа што го направи Радев, не беше само опортунистички, тоа е јавен срам за Бугарија како држава членка на НАТО и на ЕУ.
Сметката за тоа ќе ја плати Бугарија, но и Радев и неговата политичка платформа, доколку е воопшто негова, но таа сметка многу бргу од Радев ќе наплати бугарската јавност. Ние нашата сметка веќе долго ја плаќаме, но не треба да ни е грижа, впрочем, како што Благојче не се грижи за сопственото незнаење и живот во полусвет, бидејќи нема време леб да јаде, но има време за пиво пред кооперација со другарите. Затоа сите ние сме Благојче, едноставно ние не сме самосвесна македонска јавност (не пак партиска јавност) која не е способна да му ја достави сметката на Мицкоски.
За нас е доволно, доколку разбереме, тоа што нашите политиканти (Мицкоски и неговата влада на прво место) не ја користат оваа можност кога по самитот на НАТО каде што бевме заедно со Бугарија на магарешка клупа, сега самиот пред ЕУ, Радев си ја стави Бугарија на магарешка клупа. Наместо сега да се тргне во приближување кон ЕУ и да се „натераат“ нашите европски партнери да го притиснат Радев да не се ни обиде да ја спомене Македонија, Мицкоски намерно му остава простор. Толку е тоа очебијно што дури и Силјановска со воодушевување зборува за стабилниот и моќен Радев.
Токму за тоа ви зборувам наназад дека Мицкоски и Радев се на иста линија и диригирани од еден ист центар – Москва, само што кај нас Белград е поголемиот и повидлив посредник, а во Софија си работи Москва директно, но нотите се исти и играта е иста.
Тоа што за нас како Внатрепартиска фракција за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ е недоумица, е кој од двајцата, Радев и Мицкоски, прв ќе падне.
Може да отвориме една обложувалница по принципот на спортските обложувалници, и така Благојче кој нема време леб да јаде има време да се занимава со ситен комар. Па така да типуваме 1-0-2 за тоа кој прв ќе тресне на политикантската сцена, Радев или Мицкоски. Мицкоски како домашен играч нека биде 1, а Радев како гостин 2. Да ги поставиме коефициентите. Дека ќе биде НУЛА, тешко и тука е најголем коефициентот 100. Сега да видиме кој ќе победи ЕДЕН или ДВА?
За ЕДИНИЦАТА коефициент 50 дека прв ќе падне, а за ДВОЈКАТА коефициентот е 10 дека прв ќе падне. На мислење сум дека Радев прв ќе падне, а тоа се темели врз онаа што ви го кажав на почетокот на колумната дека сликата за бугарската нација заснована врз дваесет годишното членство во ЕУ како цивилизациско достигнување е многу различна од онаа во 1989 година.
Нашата слика е цврста, а тоа е Благојче од Македонска Каменица, односно еднаква на онаа од крајот на 19-от век, и би бил изненаден доколку таа слика се смени во позитивна проевропска. Некако мојата активна секојдневна комуникација со сограѓаните, посебно со нашите сопартијци ме плаши дека токму нашите сопартијци ќе забегаат кон Левица и Апасиев.
Тоа и не ме изненадува, бидејќи долгото битисување во авторитарна и недемократска партија на чело со Мицкоски и неговите пајташи создадоа потреба кај нашите сопартијци да имаат друг газда кој барем малку ќе се грижи за нив и нема да биде арогантен кон тие кои одработиле да биде премиер – министер – директор. Но тоа не е СДС, туку друга „алтернатива“ за нашето членство и симпатизери, која им нуди задоволување на насобраниот револт и омраза како кон СДС, уште повеќе кон лидершипот на нашата ВМРО-ДПМНЕ. Тоа го покажуваат и искуствата од минатото и политичката наука, дека десничарското членство, посебно онаа од авторитарни партии, многу лесно преминува во крајно левичарски структури кои се исто така авторитарни. Причината за тоа е немањето демократска свест и капацитет кој требаше да се изгради внатре во ВМРО-ДПМНЕ и за што континуирано предупредувавме.
Демократски, а не послушнички, ропски менталитет каков што е изграден во моментов во ВМРО-ДПМНЕ. Ете тоа намерно не го разбра Мицкоски и затоа нашата партија ВМРО-ДПМНЕ за многу брзо ќе ја доживее судбината на СДС и трагедијата за Македонија ќе биде во тоа што тие гласови ќе отидат на контото на Левица, а тоа значи дека Македонија отворено (засега под Мицкоски тоа е прикриено и перфидно) ќе застане на страната на Русија и Кина, а наспроти ЕУ. Тука да немате дилема. Нема никој да ни го земе нашиот ропски идентитет, недемократски ментален капацитет и потребата да имаме газда – тутор. Никому таков идентитет не му е потребен и тоа ќе си остане само наше.
Или како би рекол Мицкоски „Го-сти-вар, Го-сти-вар“! Наместо Ки-че-во. Ура за Гостивар и Благојче од Гостивар. Немој да пиете вода – пијте нафта, Мицкоски пие пиво на Пиво фест и разни локални партиски настани, затоа водата не го интересира како и Гостиварчани, бидејќи во Битола неодамна имаше и премногу вода. Тоа сме ние – Благојчиња и да не се чудиме кога ќе ни се случуваат трагедии како онаа во Кочани или ќе ни се отрујат 1.200 наши сограѓани во еден град во еден ден поради неисправна вода. Но затоа Мицкоски ги спроведува реформите и први сме во регионот – нели, а реформите за членство во ЕУ ги вклучуваат ли и мигрантите, оние невидливите кои токму Мицкоски не ги гледа или тие не се Благојче па не се бројат?
Но и сметката на крајот кој е многу близу ќе си биде само наша, како и Благојче од Македонска Каменица, што си е наш, а сите ние сме Благојче.
Проф. д-р Оливер Андонов е професор на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ во Скопје | Текстот е личен став на авторот | ЦИВИЛ МЕДИА
Во ера на дезинформации, националистички популизам и авторитаризам, неопходна е вашата поддршка за ЦИВИЛ.
Поддржете ги независните медиумски платформи на ЦИВИЛ во борбата против дезинформациите, национализмот, хибридните закани и авторитаризмот
Дајте го својот придонес СЕГА.













