ДРАГАН МИШЕВ
Нацрт-предлогот од 28 точки на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на војната во Украина, за кој Вашингтон и Москва работеа заедно на нацрт-договорот, содржеше список на барања од Русија, додека од Украина се бараше да отстапи територија, драстично да ја намали армијата и да се откаже од некои круцијални оружја – „long story short” – да капитулира.
Ова во основа е повторување на претходните обиди на Москва да ги инструментализира САД за спроведување на воената агенда на Русија со мирни средства. Планот, кој е во голема мера желботека на Путин, е апсурден бидејќи во него има многу малку придобивки за Украина, и се однесува само на остварување на воените цели на Руската Федерација.
Мировниот план беше остро критикуван од западните лидери и експерти за одбрана, како и од украинските пратеници кои го гледаат како форма на капитулација. ЕУ предложи свој план, од 24 точки, а Украина преговара во Женева со САД околу ажурирање на планот и ревидирање на некои точки (двете страни ја пофалија првата рунда мировни консултации како „продуктивна“ и рекоа дека изготвиле „ажурирана и рафинирана мировна рамка“). Но не може да се игнорира фактот дека и двата обида се засноваат на претходниот план со усвоените руски максималистички барања, па секое наредно “подобрување“ на истиот, ќе значи само ублажување на веќе предложената- штетна за Украина и спротивна на меѓународните правни норми-„мировна“ рамка.
Проруски план на Трамп од 28 точки за „мир“ во Украина ( кој според Марко Рубио бил руски план преземен од САД) беше договорен помеѓу Стив Виткоф, неговиот бизнис пријател во полето на трговија со недвижнини, и Кирил Дмитриев, руски бизнисмен и извршен директор на Рускиот фонд за директни инвестиции, кој има најмалку 10 милијарди долари средства од руската влада за „коинвестирање“ во руската економија и е санкциониран од страна на Министерството за финансии на САД, што го прави водењето било каков бизнис со него нелегално за било кој Американец, освен ако таму нема замешано прсти и Џаред Кушнер, зетот на Трамп.
Со оглед на сето горе наведено, „мировниот“ предлог на САД за завршувањето на војната во Украина, всушност се сведува на купопродажен договор помеѓу Трамп и Путин со посредство на нивните тајкуни. И ја казнува жртвата.
Апсурдноста на предлогот се гледа уште во точката 1 – Суверенитетот на Украина ќе биде потврден, кој директно се коси точката 21 – каде се предлага териториите Крим, Луганск и Донецк да бидат признати како де факто руски, вклучително и од САД, додека Херсон и Запорижје ќе бидат воспоставени по линијата на контакт, што подразбира фактичко признавање по таа линија, а украинските сили ќе се повлечат од делот од Донецката област што моментално го контролираат, а оваа зона на повлекување ќе се смета за неутрална демилитаризирана зона, меѓународно призната како територија што ѝ припаѓа на Руската Федерација. Меѓу другото, ова значително се коси со принципот на непризнавање на насилни промени на границите кој е дел од меѓународното право (Повелбата на Обединетите Нации, Хелсиншкиот финален акт).
САД во предлогот го преземаат и одлучувањето во име на НАТО и ЕУ, според кој НАТО нема дополнително да се проширува, ќе се води дијалог меѓу Русија и НАТО, со посредство на САД, и во името на НАТО, САД во предлогот велат дека НАТО се согласува да вклучи во својата повелба одредба дека Украина нема да биде примена во иднина и НАТО се согласи да не распоредува трупи во Украина.
Без да вклучи претставници од ЕУ во изготвувањето на планот, САД самите утврдуваат дека Украина е квалификувана за членство во ЕУ и ќе добие привремен преференцијален пристап до европскиот пазар додека се разгледува ова прашање, европски борбени авиони ги стационираат во Полска и и наложуваат на Европа да додаде 100 милијарди долари за да го зголеми износот на инвестиции достапни за обнова на Украина.
И тука доаѓаме до еден од клучните моменти во планот: покрај 100те милијарди долари од Европа, 100 милијарди долари замрзнати руски средства ќе бидат инвестирани во напорите за реконструкција и инвестиции во Украина – ем предводени од САД, ем САД ќе добијат 50% од профитот од овој проект.
Голем дел од планот се однесува на билатерални економски прашања помеѓу САД и Русија, на сметка на Украина. Остатокот од замрзнатите руски средства ќе биде инвестиран во посебен инвестициски механизам меѓу САД и Русија кој ќе спроведува заеднички проекти во одредени области. Остатокот од замрзнатите руски средства ќе биде инвестиран во посебен инвестициски механизам меѓу САД и Русија кој ќе спроведува заеднички проекти во одредени области, откако Русија ќе се реинтегрира во глобалната економија по укинувањето на санкциите, САД ќе потпишат долгорочен договор за економска соработка за меѓусебен развој во областите на енергетиката, природните ресурси, инфраструктурата, вештачката интелигенција, центрите за податоци, проектите за рударство на ретки метали во Арктикот и други корпоративни можности со меѓусебна корист.
Според предлогот, САД ќе добијат и надомест за гаранциите кои ги даваат. За какви точно гаранции се работи нема конкретни информации, но, тука треба да се земе предвид дека веќе еднаш дадоа слични гаранции, како дел од Будимпештанскиот меморандум од 1994 година, каде што Украина се согласи да стане ненуклеарна држава во замена за безбедносни гаранции од Русија, САД и Обединетото Кралство.
Но, безбедносните гаранции во Меморандумот од Будимпешта траеја само 20 години, сè додека Русија не ги прекрши тие ветувања (и другите договорни обврски според Хелсиншкиот завршен акт и Повелбата на ОН) со анектирање на Крим во 2014 година, а потоа и со инвазија на Украина во 2022 година.
Иако постоеше механизам за консултации предвиден во меморандумот доколку се појават какви било проблеми, и тој беше мобилизиран за прв пат на 4 март 2014 година, Русија сепак еднострано го прекрши
Сепак, се чини дека и овој обид за притисок на Трамп врз Украина не успеа. Не е ниту прв ниту последен што Трамп го организира за својот пријател во Кремљ. Тој го прави тоа постојано, во интервали. И повторно ќе го стори тоа.
Но зошто?
Очигледно е дека Путин не може да ја освои Украина, некој километар полево/ подесно со илјадници мртви, не води напред, тоа му е јасно и нему, и на Трамп, Враќањето назад може да има животнозагрозувачки импликции врз диктаторот во Кремљ, трајното прекинување на непријателствата сигурно ќе го промени јавното расположение во Руската Федерација. Кога воените дејствија ќе паднат во втор план, граѓаните почнуваат да обрнуваат поголемо внимание на внатрешните прашања, причините за конфликтот и насобраните социјални проблеми. И наскоро ќе бидат гладни, и ќе почнат да се прашуваат вредеше ли сево ова?
Руските медиуми известуваат дека Русија за прв пат почнала да продава не виртуелно, туку физичко злато од државните магацини. Од предвоените 405,7 тони злато во ФНБ денес, останува помалку од половина (173,1 тони). Од почетокот на целосната инвазија, Министерството за финансии практично распродало 57% од златните резерви на фондот. Ова осбвен за Русија, не е добро ни за светските финансиски пзари, за што е свесен и Трамп.
И веќе кружат шпекулации дека воено/бизнис конспиративна групировка од внатршните кругови на Кремљ веќе му подготвува „свилен гајтан“ на Путин. Сосема е нејасно и непредвидливо кој би го наследил „пријателот на Трамп“ на чело на најголемиот нуклеарен арсенал во светот.
Затоа неговиот план, кој му го достави на Трамп, е единствената „игранка“ која ќе прикаже каква/таква победа, дури и ако таа изнесува некои 20%, од триторијата на Украина, што ќе му донсе алиби и можност за преживување по милиони човечки загуби и економскиот колапс на земјата.
За жал, оваа војна најверојатно нема да заврши наскоро со преговори, ниту пак руското крвопролевање ќе престане. Бидејќи Путин не го сака тоа.
Се чеини дека Трамп повторно нема да ја добие толку посакуваната нобелова награда за мир, што само ќе ги зголеми неговите фрустрации. Трамп пред некој ден , изјави дека украинското раководство изразило нулта благодарност на САД за напорите за посредување во договор за мир, давајќи и рок на Украина да донесе одлука до на 27 ноември, Денот на благодарноста во САД (Thanksgiving) на кој се заблагодаруват на домородното население кое ги спасило доселениците (сегашните Американсци) од глад, со послужување на печена мисирка на празничната трпеза. Можеби симболично им дава на Украинците како да му се заблагодарат, тие треба сега само да изберат датум за Денот на благодарноста нa Tramp ( Trumpgiving), и да одберат какво печење ќе послужат за вечера, но задолжитолно ќе треба во устата, наместо јаболко, да има портокал.
ЦИВИЛ МЕДИА | Ставовите и наодите во овој текст се целосна одговорност на авторите и не нужно ги претставуваат ставовите на донаторите или на другите партнери и соработници на организацијата.












































