Во 2025 година се потврди најлошата реалност: Сиромаштијата, дискриминацијата, небезбедноста, корупцијата и социјалната неправда станаа секојдневие, додека власта нуди патриотски теми и поделби наместо реални решенија. Од трагедијата во Кочани, преку насилството на улиците и спортските терени, до политичка некултура и говор на омраза – секој настан е потсетник дека моралната и институционалната одговорност во државата се недостижни. Животот на граѓаните очигледно вреди помалку од политичкиот рејтинг. Ова не се изолирани инциденти, туку симптоми на систем кој одамна ја изгубил контролата и одбива да преземе морална одговорност.
Во продолжение следува избор на колумни на Дехран Муратов, објавени во текот на 2025 година на ЦИВИЛ Медиа:
Се расте преку ноќ, само не и минималната плата!
„Минималната плата не може да се зголеми преку ноќ”, им кажа на работниците премиерот Христијан Мицкоски. Меѓутоа, струјата, лебот, па дури и цените на пакетчињата за децата – тие поскапуваат преку ноќ. И сето тоа додека минималната плата останува закована на истата бројка.
Струјата скокна, храната и пијалоците, јајцата поскапеле, горивата, овошјето, зеленчукот „летнаа“ до плафон… ама минималната плата останува иста.
Во меѓувреме, функционерите уживаат во своите „регулирани“ зголемувања, бонуси и премии, додека народот брои денови до следната сметка за струја, вода, кредит, телефон, интернет, автобуска карта…
Нова Година и Божиќ се пред врата, а за обичните работници наместо радост, тоа значи само страв од тоа како да се наполни трпезата. Каде да се најдат пари за пакетчиња за децата? За убаво накитена елка воопшто да не зборуваме, затоа што за таа магија, треба елка, лампиони, сијалички… за кое работниците со минимална плата не може да си го дозволат тој луксуз да ги израдуваат децата.
Иронијата е огромна, сè поскапува за обичниот човек, а платите кои навистина треба да раста – стојат на место. Народот преживува, а државата ужива во благодетите.
Кога конечно ќе се сетиме дека државата треба да служи на граѓаните, а не на функционерите? Или и тоа е дел од „регулираниот раст“?
Па, премиере, дали минималната плата ќе почека уште една ноќ, додека сè друго поскапува веднаш?!
Чиста, чиста, чиста Нова Година!
Во минатото, кога државата или градот ќе почувствуваа потреба да покажат дека Македонија е мултиетничка, сценариото беше одамна напишано. Секогаш тука беа „докажаните“ – Албанецот Бени Шаќири и ромската кралица Есма Реџепова -Теодосиевска. Доволно за слика, доволно за наратив, доволно за алиби дека „сите сме вклучени“.
Денес, ни тоа не е потребно. Нема веќе мачкање очи, нема симболична инклузија, нема ни обид. Сега е „чисто“. Само „македонски изведувачи“, како што гордо соопшти градскиот татко, Орце Ѓорѓиевски, најавувајќи ја новогодишната програма на плоштадот „Македонија“.
Да се разбереме, немам ништо против артистите Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Лара и Пајак, Миле Кузмановски, Огнен Здравковски, Два Бона и Куку Леле, кои ќе настапат на новогодишната ноќ во центарот на Скопје. Напротив, станува збор за докажани и квалитетни изведувачи.
Но, прашањето е едноставно: Што точно значи „македонски“ во оваа формулација? Државјанство? Јазик? Етничка припадност? Или политичка порака внимателно спакувана во културна одлука?
Ако Македонија е држава на сите нејзини граѓани, тогаш плоштадот – како најсимболично јавно место – мора да го одразува токму тоа. Во оваа држава не живеат само Македонци по етничка линија. Живеат и Албанци, Роми, Турци, Бошњаци, Власи, Срби… и тоа не во „мал број“, туку како рамноправен дел од општеството, културата и – да – музичката сцена.
Зар навистина македонските граѓан(к)и не заслужуваат да ги слушаат и Аделина Тахири, Туна Сејдиу, Адријан Гаџа, Рома Рок Скул, Ален Хасановиќ, Џамбо Агушеви Оркестар…? Зар тие не се дел од оваа сцена, од ова време, од оваа земја? Или нивната музика важи само кога е комерцијално и политички исплатлива, но не и кога сцената е државна и симболична?
Новогодишната ноќ не е обична забава. Таа е порака. А пораката оваа година е јасна – мултиетничноста повеќе не е ниту формалност, ниту алиби, туку товар што треба да се исчисти од официјалната програма.
Ова не е поддршка на домашната сцена. Ова е редефинирање на „домашното“ по етнички клуч. И токму затоа проблемот не е во тоа кој пее, туку кој намерно не е поканет.
Па, за „мир во куќата“, дали следното логично сценарио е паралелна новогодишна прослава на плоштадот „Скендер бег“, со сопствена, исто така „чиста“ програма – за конечно и официјално да признаеме дека Скопје не слави заедно, туку паралелно?
Во Македонија гор(д)и, чао Европо
Додека пожарите пустошат низ земјата, Северна Македонија доби ладен туш од Европскиот парламент. Извештајот на европратеникот Вајц беше усвоен, но без „македонскиот јазик и идентитет“, што предизвика жестоки реакции во јавноста.
Во вонредно обраќање до јавноста, премиерот Христијан Мицкоски, не од Влада, туку од „Белата палата“ истакна – „остануваме горди“, и „не сакам никогаш никој да ми споменува дека бугарското малцинство е проблем, или стотина Бугари. Уште утре можеме да ги внесеме во Уставот. Суштината е подлабока, јасно се виде со чекорите кои го презема Бугарија во европските ходници“.
Иако премиерот продолжува да тврди дека државата е на европскиот пат, реториката станува сè подалечна од вредностите на ЕУ. Отстранувањето на македонскиот јазик и идентитет, опозицијата, експертите и дел од јавноста го нарекоа овој потег „уште еден чекор назад“ и предупредија дека тоа создава преседан за идни односи со ЕУ. Дали овој дипломатски неуспех на Мицкоски е шлаканица од ЕУ за неговото инаетење за уставните измени?
И на крај од денот, дали денес некој Македонец или Македонка се разбуди без идентитет и јазик откако вчера европратениците го избришаа од Извештајот? Секако дека НЕ! Никој не може да ти даде или избрише идентитет… Само не знам зошто Вајц тоа прашање воопшто го стави на европска маса во која официјално се уште не седи Македонија.
Земја во пепел
Паралелно со политичките тензии, Македонија гори – буквално. Активни се пожари во повеќе региони, вклучително и Скопје, Тиквешија и источниот дел на државата. Вчера во кривопаланечко, во село Лозаново, пожарот ја зема и втората жртва, отакако пред неколку дена почина еден човек во пожар во Ѓорче Петров.
Недостигот на човечки капацитети и опрема повторно ја разоткри неподготвеноста на државата за справување со природни катастрофи. Владата најави ангажман на 400 невработени млади луѓе за гаснење пожари, со месечен надомест од 400 евра, што отвори нови прашања за одговорност, безбедност и достоинството на тие луѓе. Најдобрите што ќе се покажат ќе бидат запослени во „специјаната единица за брз одговор“. Чиниш, ова е селективен курс за специјална единица „Волци“ „или „Легија на странци“. Без никаква обука и подготовки за борба со пожарите, ќе ги втурнат младите буквално во оган. Каков ефект ќе има ќе видиме, само се надевам дека нема да има жртви. А, државата имаше доволно време да селектира и обучи 400 „пожарникари“ уште пред месец дена кога ја најавија оваа мерка со Оперативниот план за 2025 година.
Гордоста не гасне оган
Додека институциите тврдат дека ситуацијата е под контрола, сликите од теренот говорат поинаку. Граѓаните сами се организираат за да помогнат во гаснење и евакуација. Во меѓувреме, меѓународната поддршка е симболична, а европските институции се повеќе делуваат како неми набљудувачи.
Власта очајнички се обидува вината да ја препише на одредени пиромани. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, рече дека има основано сомнение дека некои од пожарите се подметнати и дека тие се дел од „поинакво сценарио“ од случајноста.
Помеѓу европски извештаи без македонски јазик и идентитет и оган што не запира, Македонија стои горда, но осамена. Се чини дека „европскиот пат“ станува сè повеќе пат низ пепелта. Или што би рекол Балашевиќ во една песна: „Патувај Европо немој повеќе да чекаш на нас…“.
На збор ЕУ, на дело изолација – Мицкоски ја води Македонија по сопствените црвени линии
Иако премиерот Христијан Мицкоски формално истакнува дека Северна Македонија останува на европскиот курс, неговите пораки сè почесто се дистанцираат од вредносниот систем на Унијата. Наместо јасна подготвеност за компромис – во фокусот се националните линии, тврди ставови и отворена конфронтација со европските институции. Тоа отвора прашање дали европската агенда е стратегиска цел или само реторичка обвивка.
Во низа јавни настапи во изминатиот период, премиерот Мицкоски, ја реафирмираше својата формална поддршка за европската интеграција на државата, но паралелно испрати силни критики до Европската Унија и пораки кои го доведуваат во прашање суштинскиот ангажман на Владата на тој пат.
„Не прифаќаме диктат, не отстапуваме, ги нацртавме црвените линии“ – оваа изјава стана најчестата мантра на Мицкоски во однос на евроинтеграциите, со што покажува јасна неподготвеност за дополнителни компромиси, особено во контекст на спорот со Бугарија.
Мицкоски од Минхен: Наместо европеизација на Балканот се случи балканизација на Европа
На Минхенската безбедносна конференција во февруари 2025 година, Мицкоски изрази длабоко разочарување од односот на ЕУ кон Македонија:
„Наместо европеизација на Балканот, се случи балканизација на Европа. Наместо системот на заслуги, имаме двојни стандарди и билатерални блокади“, рече премиерот, алудирајќи на бугарското вето и политиките на одредени земји-членки.
Тој остро ја спореди ситуацијата со македонскиот идентитет со руската инвазија врз Украина:
„Европа остро ја осудува Русија за негирање на украинскиот идентитет и јазик, а молчи кога парламентот на една земја-членка го негира македонскиот идентитет и јазик.“
Мицкоски од Брисел: Ако има желба, има и начин – но не со ултиматуми
Во неколку настапи од Брисел, Мицкоски укажа дека евроинтеграциите се заложник на историски спорови:
„Не можеме да се развиваме за 21-от век со условувања од средниот век. Ние не прифаќаме ултиматуми“, рече тој, додавајќи дека принципот „тие се таму, а вие сте надвор“ е неприфатлив за Македонија.
Според него, политиката на Владата ќе биде „паралелен процес“ – работа на домашни реформи, но без отстапки што би го довеле во прашање националниот идентитет.
Порака на Мицкоски до Албанија – и до ЕУ
Откако Албанија започна самостоен пат во преговорите со Унијата, Мицкоски ѝ посака успех, но потенцираше:
„Не смееме да прифаќаме услови на сметка на национални и идентитетски отстапки без гаранции. За мене ова е диктат“.
Во изјава дадена во септември 2024, тој беше дециден: „Ако тоа е патот, тогаш не благодарам – тоа не се вредностите во кои мојата генерација се вљуби“.
Мицкоски: „Нема да полираме ЕУ чевли“
На 1 октомври 2024 на прес-конференција по 100 дена од мандатот на новата Влада, премиерот Мицкоски испрати остри критики кон оние што очекуваат покорност на патот кон Унијата:
„Ако мислите дека треба да ги полираме чевлите на некои од политичарите во ЕУ – не сум добар соговорник. Со мене може да се разговара само врз основа на аргументи“.
Во исто време, тој рече дека фокусот останува на ЕУ и внатрешните реформи, но повторно подвлече: „Без дополнителни понижувања и отстапки.“
„Шлаканица“ од Брисел за Мицкоски, сестринските партии ќе го избришат македонскиот јазик и идентитет од ЕУ извештајот
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изрази жалење што во 21 век на талибански начин од Извештајот за напредокот на земјава во Европскиот парламент (ЕП) се сака да се извадат македонскиот идентитет и јазик, кои како што нагласи, првпат се споменуваат во изминатите 35 години.
„Голем број пратеници кои се членови на Европскиот парламент се јавуваат и кажуваат дека нема да гласаат за тој амандман, кој ќе го поднесе некој, којшто има за цел на талибански начин да се избрише од Извештајот што е на маса и за првпат од осмостојувањето на нашата земја опфаќа македонски идентитет и македонски јазик, кои досега никогаш во изманинатите 35 години не се појавиле во некој извештај. Исто така, и оние кои се известувачи во сенка не верувам дека ќе го поддржат тој амандман“, рече Мицкоски во одговор на прашање за очекувањата од утрешното гласање по Извештајот.
Тој изрази жалење што во 21 век во Европа има такви европратеници кои го оспоруваат идентитетот на еден малуброен народ во Европа и неговиот мајчин јазик и прават да стане предмет и камен на сопнување во Европскиот парламент, кој треба да биде лулка на демократијата во која се почитуваат човековите права.
Премиерот Мицкоски формално вели „да“ за ЕУ, но суштински ја блокира секоја отворена врата. Иако декларативно за европска иднина, Мицкоски сè поотворено се конфронтира со Унијата. Со стабилна формула – не отстапуваме, не преговараме, не добиваме датум за преговори… Без отстапки, без гаранции и без подадена рака – Македонија стои во место, додека ЕУ чекори напред.
Поголеми Американци од Американците
Речиси пола Влада се истопори во Вашингтон на инаугурацијата на Доналд Трамп. И сета таа ескурзија ја нарекоа „работна посета во САД“. Нема официјален податок кој е на списокот на „работната посета“, но според фотографиите што ги гледаме и пред сè кога самите се фалат дека „сите патишта водат во Вашингтон“ може да се заклучи дека дел од македонската владина елита е во залет да се покажат дека се поголеми Американци од Американците.
Премиерот Мицкоски ја следел инигурацијата на Трамп од, замислете, ВИП ложа. Тоа ти е практично како на пример, кај нас настанот да е официлајно во Влада, а тој да го следи на ТВ од вип ложата од салата „Борис Трајковски“. ПР службите се обидеоа да нè убедат дека премиерот Мицкоски е најбитниот премиер во регионот, оти бил единствениот премиер од регионот итн. Нормално дека вистински лидери нема да се брукаат да седат во исто друштво со најтврдокорните поддржувачи на Трамп, па макар и да имаат вип седиште и пијалок во пластична чашка. А уште помалку да ги трошат парите на граѓан(к)ите за неефективни патувања.
И министерот за животна средина Изет Меџити исто така е во САД, додека Скопје е на врвот на најзагадени градови во светот.
Министерот за здравство Арбен Таравари исто така се пофали дека од вип ресторанот на Капитол ја следел инаугурацијата на Трамп, додека во нашата држава има неколку деца починати во болниците под сомнителни околности. На крај од денот, прашањето е во која улога министерот за здравство е во САД? Освен ако не се грижи за здравјето на владината делегација.
За посетата на претседателот на Собранието, Африм Гаши и Зекирија Ибрахими воопшто не треба да се коментира. Како и за присуството на Тимчо Муцунски, Викторија Трајков, Владимир Неловски и други.
Со посетата во САД, очигледно е дека во коалицијата ВЛЕН се води внатрепартиска битка кој е главен меѓу главните.
Како и да е, македонските функционери набрзо ќе се вратат од САД и ќе се разбудат од „американскиот сон“, па ќе треба да се позанимаваат со загадениот воздух, со здравството, со образованието, со корупцијата, со поскапената храна и пијалоци…
Доста време ерген одев!
Мицкоски ќе ги тера младите да се мажат и женат, и оро да играат. Ќе воведувал данок за ергените. Браво, оТличен пројек!!1 И не само данок, затворска казна треба да им воведе на сите полнолетни млади дечки и девојки што ќе избегнуваат задолжителен „брачен рок“!
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека е време за држава каде што ќе се раѓаат повеќе деца, младите ќе стапуваат во брак, а оние кои што се отселени да се вратат дома. Тој нагласи дека сериозно размислуваат за воведување дополнителни даноци за немажени и неженетите.
„Да изградиме институции што не ја трошат туѓата младост, туку ја негуваат, да изградиме држава во која надежта е поважна од пасошот. Знаеме дека нема магично решение. Но има намерна, постојана, државничка борба. И ние ја почнавме“ рече меѓу другото Мицкоски.
А каков данок ќе воведе? Данок во пари или во крв!?
Од која годишна возраст ќе почне да се воведува „данок за немажена или неженет“?
Што ќе се случи со тие што живеат вонбрачно, односно не се само венчани, бидејќи венчањето е прилично скапо задоволство?
А што со тие што се женеа/мажеа по 2-3 или повеќе пати, ќе добијат ли по еден ваучер за одмор во некоја егзотична дестинација и орден за заслуги?
И на крај, не данок, затворска казна треба да им воведе на сите полнолетни млади дечки и девојки што ќе избегнуваат задолжителен „брачен рок“!
„Четвртата економија“ во ЕУ не се замара колку чини четврт бурек
Во понеделник премиерот Христијан Мицкоски најави дека очекува да бидеме меѓу првите пет-шест економии во Европа, меѓутоа вчера гордо соопшти дека сме четврта економска сила во ЕУ. Се плашам денес да не каже дека „ако се стегнеме малку до петок (до Курбан Бајрам) ќе го заземеме првото место, односно ќе бидеме на врвот.
Нѝ фалеа „убавите времиња“ од владеењето на Никола Груевски кога бевме „први“, “втори“ или “трети“ економии во свет. Ама еве, Мицкоски повторно нè враќа во „рајска Македонија“.
„Четвртата економија“ во ЕУ не се замара колку чини четврт бурек.
Да не збориме за тоа колку се поскапени сите производи. Деновиве имав прилика поради подготовки за Курбан Бајрам, да разгледам подетално како се движат цените на прехранбените производи, облека, обувки, јагниња/телиња, баклава… Цените се до плафон, ама откако вчера дознав дека сме четврта економија во ЕУ одма подобро се осетив.
Можеби јас, (а верувам и поголемиот дел од граѓаните) ќе изоставиме некои намирници за празникот поради скапотијата, ама битно „гордо“ (ќе) се чувствуваме оти сме од земјата на која и завидуваат и љубоморат светските економски сили!
Власта откако ќе заврши со прославата за економскиот успех, нека се симне од облаци и нека ги праша обичните граѓани како го преживуваат месецот, особено оние граѓани кои имаат минимална просечна плата, која никако да им ја зголемат.
Ќе молчиме кога децата спијат, но нема да молчиме кога системот ги убива!
„Куририте“ на власта грчевито се борат да ги замолчат сите што бараат правда за загинатите млади животи во Кочани. Цела „курирска“ машинерија е пуштена на најјако и се обидува да го оцрни ЦИВИЛ, активистите и граѓанското општество дека организираат протести, дека тоа е злоупотреба на трагедијата итн. итн… Нека им служи на чест на тие „гласници“ кои прифатија да бидат дел од една крајно нечовечка кампања, само колку да нè замолчат да не бараме одговорност од државниот политички врв.
Но, не само „куририте“, кампањата „молчи“ ја започна министерот за внатрешни Тошкоски кој „од се срце“ ги замоли новинарите да го пуштат да работи и да не поставуваат прашања кои не му се по ќејф.
Министерката за образование Јаневска, ја продолжи кампањата „молчи“ на протестот на студентите цитирајќи стихови од Ацо Шопов: „Ако имаш нешто неискажано, нешто што те притиска и пече, кажи го во длабока тишина, тишината сама ќе го рече“…
По исвиркувањето на министерката, еден студент избрза да ги замолчи колегите барајќи од нив тивко да им оддадат почит на загинатите млади лица. На социјалните мрежи српските студенти го нарекоа „македонскиот Чаци“.
Не барајте од нас да замолчиме кога ни умираат деца пред очи. Молчиме само кога децата спијат, но не и кога ги убива системот!
Одговорност мора да има.
Мицкоски и Тошковски ја даваат „главата“ на министерот без ресор Шабан Салиу за да ја спасат својата
Мицкоски и Тошкоски ја „даваат главата“ на министерот без ресор Шабан Салиу за да ја спасат својата. Салиу обвинува дека неговото аспење е селективно и дека тоа е удар врз Ромите кои се најлојален народ и дека во притвор остана како што вели: „само Циганот Шабан“. Но, не кажува кој го прави тој „удар врз ромскиот народ“? И зошто не ја напушта коалицијата? Само пред неколку дена на 8 Април – Денот на Ромите, токму Салиу во присуство на Мицкоски зборуваше колку оваа власт се залага за подостоинствен живот на Ромите и други пофални зборови. Но, кога „неправдата“ лично ја почуствувал, тогаш тоа е удар врз ромската заедница…
Меѓутоа, Ромите секој ден го чувствуваат ударот, сегрегирани се деца Роми во училиште, немаат соодветна инфрастуктура во маалата во кои живеат, секој ден се соочени со некој вид на дискриминација. Така што ромската заедница го чувствува ударот и пред да биде преведен Салиу, и по неговото приведување.
Но, апсењето на Салиу е добитен тикет за Мицкоски, бидејќи со тоа ја потврдува тезата дека „нема недопирливи“ и дека дури и лица од „неговата влада се во притвор“. Втората теза е дека нема селкција по етничка основа како што тврди ДУИ, дека со апсењето на Крешник Бектеши тоа било удар врз Албанците. Еве има и Ром приведен! Приведен е за функција што ја обавувал пред 8 години?!
На крај се добива впечаток дека целата истрага се сведе на тоа дека обезбедувањето на дискотеката, Бектеши и Салиу се само во притвор за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март, во која загинаа 62 лица, а стотина се повредени. Другите осомничени се во домашен притвор или имаат мерки на претпазливот…
Како тргна работата ќе апсат до 5-то колено, дури и мајсторите што го граделе објектот можеби ќе треба да одговараат, само тие што се на врвот на власта да избегнат било каква одговорност, па дури и морална.
А родителите, роднините и целата македонска јавност очекуваат да одговараат вистинските виновници!
Кој ќе го замени притворениот министер Шабан Салиу?
Ефективен притвор доби актуелниот министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декадата на Ромите, Шабан Салиу, кој е еден од новоосомничените за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која загинаа 61 лице, а околу 200 беа повредени. Салиу беше директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) од 2008-ма до 2017-та, односно во периодот кога е отворено кабарето „Пулс“ кој изгоре во пожарот на 16-ти март 2025 година.
Во моментов Салиу се наоѓа во притвор, а министерството без ресор остана и без министер.
Прашањето е – кој ќе го замени? Со оглед на тоа дека тоа министерство нема заменик министер (или можеби има, јас не знам), сеедно, во наредниот период ќе бидат стопирани сите негови предвидени активности (ако ги има(л)).
Иако, во изминатите неколку месеци и немаше некакви активности за подобрување на животниот стандард на Ромите, освен неколку партиски ифтари за Рамазан и партиска журка по повод 8-Април, Денот на Ромите во која присуствуваше и премиерот Мицкоски.
Како и да е, Ромите нема да го почуствуваат неговото „отсуство“, бидејќи и досега не чуствуваа(т) дека им се подобрува животот и статусот.
Од досегашната работа и резултати се добива впечаток дека Министерството без ресор за интеграција и имплементација на декадата на Ромите, повеќе служел како декор на Владата. А и Декадата на Ромите одамна е завршена. Во меѓувреме, додека министерот Салиу ќе ја докажува својата невиност, министерството без ресор не смее да остане без раководител, или да згасне, напротив, треба да заживее и да работи со заслилено темпо.
Искрено се надевам дека ќе одговараат вистинските виновници за трагедијата во Кочани…
Убиства пред полициска станица, во кафич, дома пред детето наспроти благодарницата на Тошковски
За пола месец се случија 4 убиства. Две убиства со пиштол во Скопје и Штип, едно убиство со нож во Шуто Оризари и едно убиство со секира во кичевско Србјани. Едно „убиство во обид“ со метален капак од шахта во Скопје.
На одбележувањето на Денот на македонската полиција – 7 Мај, премиерот Христијан Мицкоски му додели благодарница на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и порача дека „нема веќе место за врски, непотизам и заштита од одговорност“.
„Добро е“ што актуелните власти си прават пи-ар со доделување меѓу себе некакви благодарници и се обидуваат да ни мачкаат очи дека безбедноста ни е на највисоко ниво и дека не треба да се грижиме за нашата безбедност. Добро е и што отворија фронт против криминалните структури и против (не)легалното оружје бидејќи кај ќе ни беше крајот – нема(ше) да се чувствуваме безбедни ни дома, ни во кафуле, ни пред полициска станица. Или и таму веќе не е безбедно?
За две недели 4 убиства
Две убиства со пиштол во Скопје и Штип, едно убиство со нож во Шуто Оризари и едно убиство со секира во кичевско Србјани. Едно „убиство во обид“ со метален капак од шахта во Скопје.
- На 25 април, среде бел ден, лицето А.С.(31) е убиен при вооружена престрелка пред полициската станица на Бит Пазар.
- На 3 мај 2025 година, 36-годишната Рамајана Асан беше свирепо убиена од нејзиниот партнер со неколку убоди од нож во вратот и срцето во нејзиниот дом во Шуто Оризари, во присуство на 5 годишната ќерка.
- На 8 мај, турски државјанин, Е.О (25), ладнокрвно е убиен во угостителскиот објект „Вами“ на плоштадот во Штип.
- На 11 мај во кичевско Србјани, син го уби таткото со секира, мајка на сторителот, е во неконтактибилна состојба.
- На 10 мај, во Скопје, во близина на Клубот на пратеници, турски државјанин со умисла се обидел да лиши од живот друг турски државјанин. По претходна вербална расправија, тие почнале физички да се пресметуваат и си разменувале удари од кои оштетениот паднал повреден на земја. Во тој момент осомничениот зел метален капак од шахта со кој повеќе пати го удирал оштетениот во главата. Додека оштетениот лежел на земјата во бесознание, осомничениот продолжил да го удира со нозе по главата и телото. Дури и кога на местото пристигнале полициски службеници, тој одбивал да престане со ударите додека не го совладале, со што на оштетениот нанел тешки телесни повреди поради кои во животозагрозувачка состојба тој бил хоспитализиран на Клиниката за неврохирургија.
Турските државјани, едниот осомничен за убиство во Штип и другиот осомничен за обид за убиство во Скопје немале пријавено престојувалиште во земјава. Прашањето е – како го избегнуваа(т) законот да не пријавуваат престој во земјава? И колку такви лица има во земјава?
Дали има некој (осомничен) приведен за убиството во близина на полициската станица на Бит-Пазар?
Овие прашања ги испративме до МВР, но до објавување на текстот не добивме одговор.
Исто така се поставува и прашањето – што ќе се случеше доколку полицијата веднаш не ги приведеше? Односно, да имаа среќа „нечујно“ да ја поминат границата исто како што дојдоа и престојуваа во Македонија?
Осомничениот за убиство во Штип, откако пристигна во земјава купил пиштол за 1.100 евра, информираат надлежните органи. Меѓутоа, освен цената и марката на пиштолот, други податоци не се соопштени. На пример, кој е продавачот? Каде го купил? Има ли организирана група за шиткање на нелегално оружје?
Или ќе мора да се помириме со изјавата на министерот Тошковски дека „криминал имало и ќе има“, ама дека оваа власт ќе се бори со тие криминалци. Рака на срце, убијците веднаш се приведени, освен оние кои пукаа пред полициската станица во Бит Пазар. Но, нели е подобро да се спречи некакво убиство, отколку да се апсат убијците?
И додека власта се бори со криминалците, ние ќе се молиме да не нè погоди некој заскитан куршум додека седиме на кафе, се шетаме на улица или во некој трговски центар…
Скопје како зона без контрола: Убиен пешак, нападната пратеничка, автобус во пламен – државата го губи компасот
Безбедноста во Скопје, а воедно и во државата, одамна е во слободен пад, но настаните од последните 24 часа фрлаат морничаво светло врз целосната нефункционалност на безбедносниот систем.
Во центарот на Скопје, на пешачка патека кај улицата „Ленинова“, мотоциклист удри 68-годишен пешак и го остави да умира. Жртвата, Ј.Н. од Скопје, им подлегна на тешките повреди. Моторциклистот побегнал од местото, а истовремено повреден бил и сопатникот на моторциклот. Ни трага, ни глас од сторителот. СВР Скопје вели „презема мерки“. Но веќе сме го слушнале тоа – премногу пати. (Неодамна, пред полициската станица во Бит-Пазар беше застрелан млад човек, полицијата се уште трага по убиецот).
Истиот ден, на булеварот „Србија“ во Скопје, од автомобил во движење едно лице и се закани на пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска. За напад врз јавна личност, во центар на главниот град, институциите повторно нудат само „известување“ – без конкретни резултати, без лица во притвор.
И како кулминација – автобус на ЈСП вчера се запали при возење во близина на Арачиново. Среќа во целата несреќа е што немаше жртви, но прашањето е: до кога со распаднати автобуси ќе се возат граѓаните, децата, работниците, пензионерите? Или ќе треба да почекаме уште едно пет-шеесет соопштенија од Владата дека ЌЕ се набават нови автобуси. Но, Кога!?
Власта очигледно нема контрола ниту над пешачките зони, улиците, ниту над транспортот, ниту над јавната безбедност. Уште колку животи треба да се загубат пред некој да сноси одговорност?
Ова не се изолирани инциденти, ова е симптом на длабока институционална парализа. Живееме во држава каде што насилството, беззаконието и несреќите стануваат секојдневие.
Пукање, жртви, насилство, педофилија, силување, заложништво, „пумпање“…
Денови исполнети со многу предизвици, трагедии, пукања, убиства, силувања, насилство… Во еден момент си реков да не си им во кожа на пропагандните центри (машинерии) кои од час во час мора да смислуваат дури и невозможни работи за да ја одбранат властта…
Tрагедијата во Кочани однесе 60 жртви, околу 200 повредени и цела држава е истрауматизирана.
Ден пред трагедија во Кочани, на Бит-Пазар е повреде малолетно лице со огнено оружје. Сторителот избегал и се уште не пронајден.
Со полициската значка на татко му глумел „шериф“ во Скопје, тепал и бодел среде автоапт. Таткото добил дисциплинска, „неосудениот шериф“ добил кривична. А којзнае колку такви „шерифчиња“ шетаат со значките па и пиштолите на нивните татковци или батковци…
Додека се уште се броеја мртви и повредени во трагедијата во Кочани, стотина „татини и мамини“ синчиња си друфтуваа во Скопје. Оперирани од емпатија. Но, ако тие немаат човечност, во најмала рака требаше да останат и без бесните возила. Немаш човечност – немаш кола. Толку!
Исто така за време на денови на жалост двајца скопјани решија со огномет да слават пололетство. Спектакуларно, чиниш слават за тоа дека сите оценки ги поправија во двојки!
Заменик претедателот на Владата на Република Северна Македонија, Иван Стоилковиќ, со телото му служи на Мицкоски, но со умот и срцето е во служба на Вучиќ. Па, изгледаше понервозен од српските владини претставници дентта (15 март) кога се одржа најмасовниот протест во Белград, па се впуштил толку ниско што му реплицирал на поранешниот пратник на СДСМ, Мартин Костовски – да не сака некое друго пумпање. Ваквиот недоличен говор од страна на вицепремиерот не беше осуден од страна на премиерот ниту од некоја друга институција.
Околу 40 тони расипани сувомеснати производи пронајдени во див магацин во Маџари. Само околу 18.000 евра добил казна тој што требаше да ја уништи робата, но наместо во депонија тој ја препродвал. Нема притвор, затвор. Ништо. Само казна од неполни 20.000 евра. Тоа покажува дека со пари може да си плати казната и пак да прододолжи да го прави истото, се додека не го фатат. А тоа дали некој ќе се отруе или недајбоже умре, никој нема да одговара. Битен е профитот.
Неколку млади мигранти, од кои поголемиот дел малолетници беа присилно под закна на оружје држени во подрум во Студеничани од кримчари на мигранти. Она што е интересно е тоа што првоосомничениот криминалец бил ослободен од затвор бидејќи како гаранција дека нема да го повтори делот дал ниви во вредност од неколку стотици илјади евра.
Во скопско Волково кираџијата го убил сопственикот и го повредил неговиот малолетен син, и на крај се самоубил.
Во Центарот за социјални работи Прилеп, беше застрелана службеничка, но за среќа остана жива и е во болница на лекување.
Згазени мајка и дете на Партизанска. Едноставо дали за џабе беа протестите за повнимателно возење и поригорозни казни за несовесните возачи.
Педофилија – македонска неформална група „Пантер Македонија“ во изминатиот период споделиле видео во кое се гледа дека „уловиле“ двајца повозрасни педофили кои сакале да пијат „само кафе“ со малолени 14 годишни девојчиња.
Девојче од Радовиш била допирана по телото од 60-годишен болничар, додека извршувала пракса во Клиничката болница – Штип.
Насилник од Радовиш тепал жена „во живо“ на Тик-Ток. Полицијата го приведе, но жената не сака да го пријави и со тоа автоматски се ослободува од сите обвиненија, бидејќи сегашниот закон предвидува дека ќе се преземат законски мерки против лицата кои извршуваат семејно насилство само ако пријави жртвата.
Борба против системот? Горенаведените примери се плод на нефункционалниот и корумпиран систем. За само една недела имаме пукање и убиства со нелегално оружје, обид за силување на малолетнички, семејно насилство, небезбедност во сообраќајот, политичка некултура итн…
Убиства имало и ќе има – оставки немало и ќе нема
Во изминатите неколку дена во Македонија се случија бран убиства, тепачки, обиди за убиства, фрлени бомби… Граѓаните се потресени и јавноста со право прашува: Дали сме безбедни? Дали државата функционира? И каде се одговорноста и оставките?
Одговори – нема. Оставки – уште помалку. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, чиј ресор е токму јавната безбедност, сè уште не понуди никаква морална или политичка одговорност. Нема конкретен план за справување со растечката несигурност и небезбедност на улиците. Се чини како да е прифатена една тивка и страшна реалност што би рекол Тошковски дека „убиства имало и ќе има“, но оставки нема да има. И не само од актуелниот министер, морални оставки немало ниту во минатото од претходните влади.
Колку чини еден човечки живот во оваа земја? Очигледно, доволно малку за државата да не се потресе ни кога ќе биде брутално одземен.
- Сред бел ден е застрелан офицер на АРМ. Реакцијата од армијата беше дека е убиен додека користел слободен ден и толку. Да бевме сериозна држава сите надлежни институции ќе беа веќе на нозе, ќе го приведеа убиецот, откако не успеале да го спречат убиството. Ние денес читаме по медиумите дека убиството се случи поради невозвратена љубов, односно дека ќерката на убиениот не сакала да се мажи со убиецот. Ако е навистина таа причината тогаш е уште пострашно. Системот не успеа да ја заштити од насилникот, а за жал ниту нејзиниот родител.
- Во Прилеп се случи двојно убиство од кое едно дете од 11 години и самоубиство. Убиецот најпрво го лишил од живот својот внук од сестра и неговиот малолетен син, поради семејни недоразбирања и нерасчистени имотни прашања. По извршување на делото, мотивите за стореното ги објавил и на една социјална мрежа, а потоа се самоубил. Убиства и самоубиство за парче земја и цигли?! Но, прашањето е дали оружјето со кое го изврши убиството беше легално или нелегално. Од каде му е бомбата што ја фрли врз полицијата?
- Во Битола била фрлена бомба во двор на полициски службеник, од која се оштетени повеќе возила…
Институциите реагираат кога е веќе доцна. Полицијата чека да се случи злосторство, па потоа да го истражува. Превенцијата е мисловна именка, а чувството на безбедност е луксуз кој си го дозволуваат само оние што живеат зад високи огради и со придружба од телохранители или полициска заштита 24/7.
Граѓаните, пак, живеат во страв – страв од случаен напад, заталкан куршум од некоја свадбена прослава, од задоцнета интервенција, од тоа дека утре тие самите или некој нивен близок може да станат дел од статистиката, во соопштение на МВР или во рубриката Црна хроника во медиумите.
На граѓаните им останува само гневот. Гнев кој нема каде да се канализира, бидејќи државниот апарат е глув, слеп и бесчувствителен на реалноста.
Министерот Тошковски можеби ќе каже дека полицијата работи, дека истрагите се во тек, дека сторителите се познати на полицијата и дека (ќе) се пронајдени. Но тоа не го менува фактот дека никој не спречува, никој не предупредува, никој не презема одговорност. А тоа е суштината на јавната функција – не само да се реагира, туку и превентивно да се делува пред да биде предоцна.
Затоа, ова не е само вест и статистика за неколку убиства. Ова е болната вистина дека држава не успева да ги заштити своите граѓани. Власт што не признава вина. За систем што се одрекол од (морална) одговорност.
А додека молкот од политичкиот врв продолжува, граѓаните ќе продолжат да се прашуваат: „Кој ќе биде следен?“ И зошто во нашата земја, животот е евтин, а оставките – недостижни.
П.С. И да, не зборам за интерпелација на министерот, видовме дека ги преживува во Собрание, зборам за морална одговорност.
Не е сатира, ВМРО-ДПМНЕ вели дека Tрендафилов е единствениот синдикалец во светот кој е против поголеми плати за работниците
Слободан Трендафилов е единствениот синдикалец во светот кој кога се покачуваа плати во образование и во здравство не излезе да поздрави. Тој е единствениот синдикалец во светот кој е на политичко дугме на криминалци од опозицијата СДС, ДУИ и Левица, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Тој е единствениот синдикалец кој кога се зголемуваа платите на работниците, а ММФ и Светска банка препорачуваа на владата дека е лош и нерентабилен процес, тој како прв синдикалец не застана во одбрана на работниците. Наместо прв меѓу работниците, Трендадилов е прв меѓу олигархијата. Тој е продолжена рака на СДС, ДУИ и Левица.
Трендафилов нема чувство за потребите на работниците. Тој со плата од над 1.000 евра нема чувство како е едно просечно семејство да преживува со плата од 500 евра. Тој наместо синдикалец е портпарол на опозицијата и политичка маша, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку за потсетување на ВМРО-ДПМНЕ, минималната плата во моментов изнесува 367 евра, а не 500 евра како што велат, и со толку пари преживува едно просечно семејство ако само еден/а работи. Спинот на владејачката партија дека едно просечно семејство преживува со 500 евра не држи вода, бидејќи токму синдикатот бара минималната плата да се зголеми на 500 евра, додека Владата се противи на таквото барање.
Колку чини едно дете!?
Мајка си го продаде новороденчето за 5.000 евра, па се предомисли. По породувањето, брачниот пар ја однеле на нотар каде потпишала изјава со која го признава за татко на новороденчето и му го дава старателството, доброволно оставајќи го на чување, воспитување и издржување. Веднаш потоа брачниот пар ѝ исплатил 4.000 евра, а подоцна кога го побарала детето да ѝ го вратат, ја одбиле нудејќи ѝ уште 1.000 евра и укажувајќи ѝ дека со потпишаната изјава таа веќе се откажала од него.
Ова се информациите кои ги споделиле надлежните институции.
Меѓутоа, ТВ Сител во својот прилог емитуван во ударните вести открија дека станува збор за родилка од ромската заедница која била во тешка финансиска состојба и со повеќе деца. Ете, ТВ Сител нѐ информира дека мајката што си го продала бебето за 5.000 евра била Ромка. Ама, не слушнавме од која етничка припадност биле купувачите!? (Не)намерно е направен „пропустот“ или…?
И која е целта со откривање на етничката припадност на мајката-шиткач?
Она што треба сите да нè загрижува, не е етничката припадност на мајката или тие што го „купиле детето“, туку колку такви деца досега се „шиткани“ за посвојување, човечки органи, проституција, просење или други криминални дејствија?
Ова е еден од тие случаи што треба да биде аларм за институциите и веднаш да преземат сериозни мерки.
Прво, не знаеме дали мајката имала лични документи или е фантом. Ако била „навидлива за системот“ тоа е уште полесно за „штанцање и шиткање“ на деца без никаков институционален траг. Неевидентираните лица во матичната евиденција најмногу ги засега т.н. ранливи категории граѓани, кој никако конечно да се реши.
Второ, како може нотар да одлучи кој е таткото на детето?
Трето, доколку мајката има(ла) соодветни услови за чување на децата, дом (социјален стан), храна, вода, струја итн. сакам да верувам дека не може да биде толку бездушна за 5.000 евра да си го продаде чедото, бидејќи децата немаат цена, тие се највредното и најскапоценото за еден родител. Детето не е автомобил да може да си го купиш за неколку илјади евра, па ако не ти чини да го „шитнеш“ на некој друг или „за делови“.
За шемата „купи-продај“ дете виновни се институциите кои не се грижат доволно за т.н ранливи лица. Оставаат простор да мислиме дека можеби мајката го продала едното дете за да може да ги прехрани останатите деца, можеби била присилена, а можеби тоа и беше најлесен начин на заработка.
Незнаеме…
А за стомакот ќе се зборува ли!?
Денес е Светски ден на социјална правда, 20 февруари, и неизбежно е да се постави прашањето – во каква социјална држава живееме? Одговорот е очигледен, Македонија иако се претставува како социјална држава, сиромаштија има во секоја пора од општеството.
Најчесто за социјална правда зборуваат и одлучуваат оние кои имаат брендирана облека и чевли, полн стомак и новчаник.
Лесно е да одлучиш да не се зголеми минималната плата ако имаш 2.000 евра плата + патни трошоци и дневници од разно-разни Комисии или патувања во странство.
Лесно е да не изгласаш да се купат нови автобуси во Скопје кога користиш службен автомобил или работата ти е на 5 минути пешки, па не знаеш како е да смрзнуваш на автобуските станици, до душа и во автобусите (кога ќе дојдат) редовно нема парно греење.
Граѓаните најлесно се манипулираат и лажат за време на изборна кампања. По завршување на изборите тие се жалат дека за нив никој не се интересира. Изминатиов период гледаме дека оние кои ги избравме да ни го подобрат животниот стандард, веќе се подготвуваат за следните локални избори, па наместо леб – ни нудат патриотизам. Наместо главна тема да е скапотијата, дека едвај граѓаните врзуваат крај со крај, власта реши да „нè забавува“ со теми како што е грбот, химната, верувам дека набрзо и знамето ќе дојде на ред. Дури и гордо најавуваат дека приоритет им е грбот и химната, па после ќе мислат за стомакот на граѓан(к)ите.
А граѓан(к)ите врз својот грб сѐ посилно ја чувствуваат сиромаштијата. Или како беше она народната „врз туѓ грб и 100 стапа се малку“.
Во Македонија сиромаштијата не познава ниту јазик, ниту нација, ниту вера! Тие едвај преживуваат или се заглавени во долгови, а извршителите (или лихварите) секојдневно им дишат во врат.
Народни избраници, а што велите приоритет да ви биде стомакотот на граѓаните!?
Гладните ќе влезат ли во „електронскиот“ попис?
Кога немаат што да понудат – нè пребројуваат. Кога политичарите остануваат без идеи, без визија, без план – го вадат од џебот џокерот: попис. Не како статистичка операција, туку како етничка запалка. Во предизборно време, оваа тема повторно влегува во јавниот дискурс, и не за да добиеме подобри податоци, туку за да добиеме полоша атмосфера.
Додека цените на основните прехранбени производи вртоглаво растат, а сиромаштијата станува секојдневие, политичарите дебатираат за – попис. И тоа не кој било, туку електронски. Виртуелен, дигитален, модерно пакуван, но со стари, провидни намери.
Македонија, држава каде што веќе станува луксуз да се купи леб, млеко и паштета, сега сака да ги преброи своите граѓани. Не за да им помогне, туку за да ги запише во некоја електронска база. Додека народот брои денови до следната плата – државата брои етнички квоти.
Онлајн можеме да ги видиме цените. Секој ден – нови шокови: домати, пиперки, лубеница како луксузен производ, сирењето со цени како швајцарска плата. Но, онлајн ќе биде и пописот – дигитална играчка во рацете на политички елити кои повторно ни нудат замена за реална политика.
Најавата за електронски попис во Македонија изгледа технички напредна, но суштински е политички мотивирана. Особено кога се знае дека Уставниот суд неодамна ги укина категориите „резиденти“ и „нерезиденти“, отворајќи простор за нови етнички пресметки и бројки што никогаш не биле само бројки, туку алатка за поделба, за конфликти, за уцени. Ние остануваме заложници на државата што нема план како да нè нахрани, ама има алгоритам како да нè изброи.
Политичките елити не се заинтересирани за пописот како инструмент за планирање – тие се заинтересирани за пописот како инструмент за манипулација. Колку Македонци, колку Албанци, колку Турци, Роми, Срби, Бошњаци, Власи… но никој не прашува: колку луѓе заминале од државата? Колку деца се иселиле и ако имавме сериозна држава ќе имавме аларм дека за вториот упис има над 16.000 празни места во средните училишта.
Наместо попис на реалноста, добиваме попис на илузии. Во држава во која сиромаштијата расте, здравството тоне, младите заминуваат, пописот стана политичка забава за маси, од која профитираат само политичките партии. Иако никој не сака да признае, сепак пописот е само уште една форма на кампања – маскирана како „државна обврска“.
И не е страшно што сме гладни – страшно е што тие мислат дека ние тоа нема да го забележиме. Ни фрлаат теми како попис, како фрлање коска пред осиромашени гладијатори. А ние треба да се степаме по етнички линии, додека политичките профитери живеат во „нерезидентски“ луксуз.
Во нашата земја, електронски ќе се обидат да нè попишуваат, но во реалноста (ќе) нè брише гладот.
Изборите се ближат. И кога нема визија, се нуди поделба. Кога нема развој, се нуди конфликт. И кога нема идеи – се нуди попис.
Трајко со 3.000 евра, народот со три работи – кучешки живот во гувернерска држава!
Гувернерот Трајко Славески истакна дека е мизерно да го прашуваат и да се прават споредби со неговата плата од 3.000 евра и минималната плата на работниците од 400 евра. Но, не е мизерно кога се спротивставуваше да се покачи минималната плата на работниците.
Наместо да е поборник сите да имаат високи плати за да имаат достоинствен живот, тој ги „охрабрува“ граѓан(к)ите дека не е срамота да работат по 2-3 работи. Прашањето е ако работат по цел ден, кога ќе имаат време да живеат и евентуално да формираат семејство?
Она што ми падна на ум по оваа изјава на Гувернерот, која за многумина звучи навредливо и недостапно од реалност граѓаните да работат по 2-3 работи за да (пре)живеат, е стихот од „Денови“ на Кочо Рацин:
„Денови ли се – денови
аргатски маки големи!
Стани си утре порано
дојди си вечер подоцна,
наутро радост понеси
навечер тага донеси –
ај, пусти да е, пуст да би
останал живот кучешки!
Додава, дека имал 40 години работен стаж па му следуваа некакви додатоци. Меѓутоа за разлика од него, илјадници граѓани исто така имаат по 30-40 години работен стаж, но немаат исти привилегии и додатоци, коските ги болат од кревање цигли, мешање малтер, стоење на скеле со една нога во гроб, прстите и р’бетот ги боли од машината за шиење, да не зборам за пазарџиите кои на ладно/топло седат по цел ден надвор за да извадат парче леб…, но тие траба да бидат среќни дури и минимална пензија ако добијат.
Вели – „никој не ме прашува за гладувањето во Запад (САД) додека студирав, со само 500 долари стипендија…“.
Тажно.
Колку ли само граѓани има кои денеска гладуваат во државата. Колку ли само деца немаат ниту тетратка, ниту патики, ниту ужинка… додека одат во основно училиште, воопшто да не правиме муабет за факултет, или студирање во странство.
Славески направи споредба дека има директори што земаат по 10 илјади евра плата, па со неговите примања од околу 3.000 евра нема да потпадне под влијание. Или со други зборови – нема да прифаќа мито.
Колку за потсетување, пред неколку години струшкиот градоначалник Рамиз Мерко кога си набавил луксузно „ауди“ додека Општина Струга тоне во долгови, истакнувајќи дека „не е во ред обични граѓани да возат луксузни автомобили, а тој како градоначалник да вози „фиќо“.
Тоа се тие ликови кои не ги гледаат потребите на обичните граѓани, дали од затемнатите стакла на луксузните службени возила или од розевите наочари што ги носат?!
Како и да е, граѓаните им ја даваат довербата на политичарите. Можеби во иднина ќе имаме функционери кои ќе имаат допир со реалноста, па нема да нè убедуваат дека имаме подобар животен стандард и куповна моќ од десетина држави во ЕУ, дека во многу земји не може да се купи „кафе за 50 денари“!
Граѓаните заслужуваат функционери кои не само што ќе зборуваат за достоинство, туку ќе го живеат тоа секојдневно. Затоа, време е за политичка отчетност и емпатија што не завршува на хартија.
Не, не се разбираме расисту филип т. Петровски
Во поткастот „Тешки Муабети“ на „Инфомакс“, со Филип Петровски, Мечка и Миќо, емитуван на 5 јуни 2025, во живо, гостинот Петровски употреби изрази „циган“ и „циганска работа“ во негативен контекст, а во истиот наратив го употреби и „Ром“, со што ја навреди ромската заедница и придонесува кон ширење етнички стереотипи и нетрпеливост. Во истиот поткаст на понижувачки и циничен начин, повеќепати ги употреби зборовите „циган“, „цигнаска работа“, „египќани, еѓупци, роми“…
„Кога велам циган, не мислам на Ромите, тоа е колоквијално различно, нема врска со Ромите (следува хистерично смеење, придружуван од водителот Милош Милошевски – „така е Филип“), кога ќе кажеш „циганска работа“ или „педерска работа“ тоа ти е колоквијално нешто, се разбираме, нели…“, истакна филип т. петровски.
Не, не се разбираме непочитуван расисту филип т. петровски! И немам намера да ти држам едукативни предавања и да те убедувам што значат изразите „циганска или педерска работа“, бидејќи тоа е губење време, односно тоа ти е исто како да му кажеш на глуп човек дека е глуп или на мртов човек дека е мртов. Тоа го знаат сите околу него, освен тој самиот. Исто е и со наци(онали)стите, фашистите и расистите! Тие мислат дека за сè се во право.
Оваа колумна ја пишувам после 5 дена од „тешките муабети“ што беа кажани од петровски, бидејќи сметам дека е небитен лик во општеството, односно неговото влијание и значење во државата е како семафор во GTA играта, или семафор на кружен ток.
Но, сепак неговото „славно минато“ не треба да се заборави. Беше еден од предводниците на протестите (со глад) против отварање на факултети на албански јазик, потоа стана пратеник во македонското Собрание, конзул во САД, директор на Државен архив, еден од блиските луѓе на Груевски, водител на „Сајбер команда“ на Инфомакс…
Деновиве ги следев реакциите на ромските политички претставници, ромските медиуми, активисти… Сите побараа извинување од петровски или во спротивно ќе поднесат (колективна) тужба.
Јас не барам извинување од петровски, барам по допрен глас да реагираат од Обвинителство и Комисија за заштита од дискриминација. Бидејќи тој нема намера да се извини со оглед на тоа дека се изненади зошто водителот на „Инфомакс“, Александар Митевски се извини во негово име, а потоа и вториот водител Милошевски се извини, додавајќи – „на крај ќе излезе македонска работа“.
„На кого им се извини, го прашува Митевски, на Ромите, на YouTube или на ЛГБТИ заедницата. Јас никого не навредив“, вели Петровски.
Но, исто така имаше и говор на омраза кон петровски, се навредуваа цели заедници. Другари, тоа ви е исто како цело дрво да исечете бидејќи има едно скапано јаболко. На говорот на омраза не треба да се врати со говор на омраза, или што би рекле “со иста мера“. Немојте да ја размножувате омразата оти тоа е лошо потомство. И, која би била разликата меѓу вас и филип т. петровски, ако навредувате?
Во изминатите неколку дена не видов реакција и осуда од граѓан(к)ите од сите етнички заедници или НВО. Повторно само Ромите реагираа на говорот на омраза. А, можеби и одомаќинети се изразите – „се циганчи за 5 денари“ или „добив боја ко цигаче на плажа“… За вицовите во наредна прилика!
П.С. Не сум изненаден ниту навреден од нацизмот и расизмот на филип т. петровски и хистеричното смеење на водителот на Инфомакс, ме изненадува молкот на нормалните и прогресивни граѓанки и граѓани.
По кратка постапка да се решат Ромите – од Вардариште во логорите на смртта!
По кратка постапка да се решат Ромите – од Вардариште во логорите на смртта! На Хитлер не му успеа да ги уништи сите Роми, можеби на Стојанче ќе му успее, еве, нека проба. И така институциите молчат како и неговите ромски коалициони партнери во власта мудро „не слушале ништо“ сега пред избори да не си ја нарушат комоцијата.
Кога државен функционер јавно повикува на „агресивна реакција“ и „присилно селење“ на Ромите од Вардариште, тоа не е само скандалозна изјава – тоа е предупредување и потенцијални дела од омраза. Таа реторика е одек од најмрачните страници на историјата, кога цели заедници биле прогласувани за проблем кој треба да се „реши по кратка постапка“.
Срамот е уште поголем затоа што двајца министри-Роми во Владата, Неждет Мустафа и Шабан Салиу – одбираат молк наместо гласна реакција. Молк пред навреди и закани за нивниот народ. Молкот е соучесништво! Молк кој е подеднакво опасен како и изјавата на Ангелов.
Да се зборува за „присилна селидба“ значи да се нормализира насилство врз најмаргинализираните. Денес е Вардариште. Утре кој? Овој јазик отвора врати кон дискриминација, гетоизација, па дури и етничко чистење. Ваквиот јазик ги охрабрува нео-нацистите и расистите да се „самоорганизираат“ и да ги нападнат Ромите, и не само во Вардариште.
Историјата нè научи дека логорите и масовните прогонства почнале со еден „мал предлог“. Ако денес премолчиме, утре ќе биде доцна! А јас нема да молчам на системската неправда! Нема да молчам бидејќи 200 Роми во Вардариште не се само бројка и парче месо, тие се луѓе како сите други во државата.
Во едно ќе се согласам со Стојанче, а тоа е дека под итно и по кратка постапка треба да им се обезбеди достоинствен живот, дом и работа. Наместо закани, државата може, и мора да им даде социјални станови или привремени објекти за живеење, како што се контејнери прилагодени за живеење како што се направени за бездомниците во Визбегово. Да се вработат работноспособните лица, за да не мора државата да носи работници од Непал, на пример. Ако можеше државата да ангажира 400 привремени пожарникари, можеше и 30 Роми од Вардариште да ги вработи. Тогаш ќе гасеа пожари – наместо да бидат обвинети дека палат.
Со систематско решение на Ромите во Вардариште, ќе се реши децениски проблем во Скопје.
Ка(сандра)
Фејсбук статусот на извесна Сандра Грамосли кој циркулира по социјалните мрежи, (малку прочепкав и најдов податок дека во 2023 гоина била магистер, инженер, архитект и заменик координатор на Левица – Сектор Урбанизам и локална самоуправа), грубо ги навредува Ромите, е класичен пример за тоа како се нормализира етничката омраза во јавниот простор.
„Дечиња Роми во Гази Баба нема повеќе да плакаат за градинка. Македонците, Турциве, Власиве, Албанците ќе плаќат значи. Дај кажете како се станува Ром. Сакам да бидам Ром. Не сакам да плаќам данок. Не сакам да плаќам за градинка. Не сакам да возам регистрирана кола, сакам на томосот приколка да му закачам. Не сакам да ме фаќа закон. Сакам каде сакам (најверојатно у национален парк) да си ја поставам лимената колиба, па после градоначалнициве да се тепаат да ми ја легализираат лименката, за да ги гласам. Сакам по 500 денари да добивам за гласање. Сакам да горам депонии што вие ќе ги дишете и ќе ме жалите мене поради тоа. Сакам да крадам точаци, да крадам шахти и бронзени скулптури да ги топам во Железара. Сакам да бидам Ром, не повеќе кул да си Албанец, гласи статусот на Сандра Грамосли.
Во објавата се користат најгрубите и најпознатите антиромски стереотипи, (можеше и повеќе да се потруди има уште поинтересни епитети за Ромите, ама ќе и простиме, млада е, има време да ги научи): поврзување на Ромите со криминал, „нелегален“ живот, неплаќање даноци, палење депонии, злоупотреба на системот. Проблемот е што вакви генерализации не се случајни, туку се дел од долгогодишни предрасуди врз кои се гради структурна дискриминација. Кога некој ги повторува, дури и „во шега“ или од незадоволство, тој го засилува социјалниот јаз и de facto оправдува системско исклучување.
Обвинението дека „едни плаќаат, други не“ е популистички наратив кој го префрла гневот кон сиромашните, наместо кон структурните неправди и неспособноста на државата да понуди фер и функционални услуги за сите.
Со еден ваков статус не се критикува политика – се напаѓаат луѓе. Се заборава дека Ромите во Северна Македонија не се „привилегирани“, туку се една од најдискриминираните заедници – со највисока стапка на сиромаштија, најголеми бариери за вработување, сегрегација во образованието и ограничен пристап до здравствени услуги. Наместо глас за правда, статусот е глас на омраза.
Касандра (aka Сандра): Како се станува Ромка?
Постои забрзан курс и школа за млади политички лидери – „Како да станеш Ромка“? И да, алузијата на „Ка(сандра)“ не е случајна – инспирирана од латиноамериканската серија каде главната улога ја игра Ромка, која пред дваесетина години го наполни цел стадион во Скопје. Саркастично, зарем не?
Млада дамо, ако сакаш да бидеш Ромка според оваа формула, само смени го името и следи ги чекорите – еден вид „Ромски водич за почетници“.
Но, како во секоја „улога“, постојат правила: не плаќаш даноци, градинка, нема да регистрирш кола, ќе живееш во лимена колиба или шатор во национален парк… Легализирањето и привилегиите ќе го добиеш лесно, ако гласаш за „правите“ луѓе и ако си дел од „вистинската“ партија. Ќе ти следуват бонусите: 500 денари за гласање, ќе палиш депонии за да гинат другите, ќе крадеш точаци и никако немој да заборавиш да крадеш кучиња и да ги носиш во Шутка, ќе собираш шахти избрусани со знамето на вергина и бронзени скулптури – само за да се докажеш дека си вистинска Ромка. Само се плашам дека ќе издржиш само еден ден во „чевлите на таа привилигирана Ромка“ и во новиот „кодекс за кул“ на етничките малцинства во „Никогаш Северна“.
По реакциите на дел од ромските активисти, статусот на Фејсбук магично исчезна. Брзо, како ништо да не се случило. Но, останува кавер-фото со натписот: „КОЈ ВЕ Е*Е“, според речникот на нејзиниот партиски лидер. Се прашувам дали некогаш ќе научиме дека бришењето статуси не го брише говорот на омраза. Напротив.
Драги граѓан(к)и, ако сакате да бидете Ромка според оваа „формула“ тогаш уживајте во „бонусите“. Но, ако навистина сакаме правична држава, критиката треба да биде насочена кон институциите, не кон етничките малцинства. Говорот на омраза не ги решава проблемите – ги продлабочува.
„Илирида, Чамерија“ и „Наше ќе биде и Солунско поле“
Навивачите на Шкендија синоќа во повеќе наврати за време на натпреварот со Карабах на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, скандираа „Илирида“ и „Чамерија“.
Македонските медиуми и партиските ботови на социјалните мрежи оркестрирано бараа(т) осуда и санкции за националистичкото навивање на навивачите на Шкендија, а Министерството за внатрешни работи да реагира брзо исто како што отвори истрага за македонските навивачи на кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија во Куманово кои скандираа „Смрт за Шиптари“.
Текстовите речиси во сите медиуми беа идентични како да доаѓаат од еден центар, дури печатните грешки им се исти. Да се прави споредба и да се стават во ист кош скандирањата „Илирида, Чамерија“ и „Смрт за Шиптари“ е далеку од разум.
Ако се бара санкционирање за навивачите на Шкендија кои извикуваа „Илирида“, треба ли да се бара санкции и за македонските навивачи за скандирањето „…Наше ќе биде и солунско поле“?
За осуда се сите националистички скандирања.
Ако пројде, (не) пројде
Една недела по сторениот сообраќаен прекршок, Д.С. (братот на градоначалникот на Гази Баба, Стефковски од ВМРО-ДПМНЕ), сам отишол во полициската станица „Пролет“ за да се пријави за казнен налог за пребрзо возење, откако СДСМ на партиска прес конференција објави видео снимка. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски рече дека на лицето ќе му биде изречена глоба од 300 евра (или половина ако веднаш ја плати казната, 150 евра) и забрана за управување со возило затоа што наместо со дозволените 50 km/h возел со 88 km/h.
Казната не била пишана затоа што братот на градоначалникот повикал началник кој на сообраќајниот полицаец преку телефон и според тврдењето на СДСМ, надвор од државата, му наредил да не му пишува казна на Стефковски. Но, откако било утврдено дека налогот веќе е направен, полицаецот добил „насоки“ да впише трето лице во казнениот налог, а иницијалите на казнетиот беа објавени на прес конференцијата.
За ова дело, министерот Тошковски најави кривични пријави и санкции.
-Беше утврдена фактичка состојба многу пострашна од онаа што беше објавена од СДСМ, односно се утврди дека конкретниот полициски службеник постапил спротивно на неговите законски овластувања и спротивно на стандардни оперативни процедури бидејќи дозволил одредено лице да помине без соодветна казна што требало да му биде изречена. Тоа е првиот прекршок. Вториот прекршок којшто е уште пострашен е тоа што недолжен граѓанин, кој не е поврзан со настанот, го навел во рамки на документацијата што се изготвува од страна на МВР со што сторил одредено кривично дело кое ќе биде процесурирано од страна на Министерството за внатрешни работи, изјави Тошковски во интервју за Сител.
Она што остава дамка во целиот случај e:
- Дали ќе му проработела „совеста“ на братот на градоначалникот на Гази Баба, кој веднаш се стрчал да си ја плати казната, ако немаше видео запис од сторениот прекршок?
- Како стигна снимката од полицискиот радар до опозициската партија? Дали се уште постојат партиски послушници во безбедносните служби?
Како и да е, „нема зима“ за тие што имаат некој тато-бато на функција, па ако ги фатат ќе бидат „примерни граѓани“ ќе си ја платат казната. А ако пројде, пројде, никому ништо. Тешко на тие мнозинство граѓани кои немаат број на телефонскиот именик од некој познат кој би можел да ургира да не им пишуваат казни, како пример со сиротиот таксист кој со жив жтит си го бранел такси возило да не му го крене пајакот.
„Системот“ и контроверзните бодигарди на Мицкоски, говор на омраза и дезинформации
Додека на политичките чинители устата им е полна со борба против корумптивниот систем, во реалноста не е баш така. Неколку лица кои се задолжени за безбедноста на премиерот Мицкоски се однесуваат како шерифи и дека се над законот. Ако лицата кои се задолжени за безбедноста на премиерот се осомничени за корупција, насилство или силување, тогаш се поставува прашањето – колку е безбеден премиерот, државата, а и целата македонска јавност?!
Дали зад затворени врати на „лидерската средба“ Мицкоски – Филипче во Владата се разговарало и за предвремени парламентарни избори, со оглед на тоа дека во изминатиов период, по трагедијата во Кочани, премиерот Мицкоски изјави дека се подготвени за избори, но не е сигурен дали целата опозиција е подготвена за предвремени избори?
Говорот на омраза, национализмот и насилството на спортските настани се засилува секогаш пред избори, или кога треба да се дефокусира јавноста…
Пред почетокот на натпреварот во Првата македонска фудбалска лига, помеѓу Шкендија и Брера се случи голем скандал. На натпреварот во Тетово навивачите на домашниот состав „Балисти“ не ја испочитуваа минутата молк за загинатите во пожарот во Кочани и во тие моменти урлаа, свиреја и пееја песна на УЧК.
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) нагласи дека е отворена дисциплинска постапка по која ќе следува и казната која ќе ја добие тетовскиот клуб поради нечовечкото однесување на навивачите и непочитувањето на минута молк во чест на жртвите од трагичната несреќа.
Но, недолично однесување на спортските терени немаше само во Тетово, туку и во Куманово.
Натпреварот од регуларниот дел од кошаркарскиот шампионат помеѓу КК Куманово и БК Чаир 2030 заврши во тензична атмосфера, откако домашните навивачи со националистички скандирања предизвикаа сериозен инцидент, а потоа го нападнаа автобусот на гостинската екипа.
Навивачите на Куманово уште од првото полувреме почнаа да извикуваат навредливи и расистички пароли, извикувајќи „Мртов Шиптар, добар Шиптар!“. Поради овие скандали, официјалните лица на натпреварот решија да ги испразнат трибините и да ги тргнат навивачите од салата. Сепак, инцидентите не завршија тука. По натпреварот, автобусот на екипата на БК Чаир 2030 беше нападнат од неодговорни лица, кои на него ги напишаа навредливите националистички пароли кои се скандираа во салата.
За разлика од ФФМ која веднаш реагираше за недоличното однесување на навивачите на Шкендија, Тетово, Кошаркарската федерација на Северна Македонија засега молчи за инцидентот и нема осуда и казна за кошаркарскиот клуб Куманово.
СМРТНА ЗАКАНА: Новинарот Љубомир Костовски, мета на закана со „метак“ на социјалните мрежи
Метак во глава само за тебе“, гласи заканувачкиот коментар на извесна Маја Врљковиќ кој го упати до новинарот и соработник на ЦИВИЛ Медиа, Љубомир Костовски.
Таа му искоментира на текстот што го објави на својот Фејсбук профил со наслов: ЗOШТО 15-ТИ МАРТ НЕ МОЖЕШЕ ДА БИДЕ 5 ОКТОМВРИ?
Извршниот директор на фудбалскиот клуб Вардар, Миленко Неделковски, посакува смрт на најмилите на тие што протестираат барајќи правда за загинатите и повредените во пожарот во Кочани.
„Да даде Господ на смртта на најмилите на денешниве што протестираа, некои други да злоупотребат и да протестираат. За да видат како е“, пишува меѓу другото Неделковски на својот Фејсбук профил на 24 март 2025, по масовниот протест во Скопје.
Одговорност нема.
Граѓани издејствуваа пајак службата (ПОЦ) да земе возило неправилно паркирано пред ресторан во скопско „Дебар Маало“. Вработените дојдоа да го „кренат“ возилото, но кога видоа „кој е газдата“ се предомислиле и се качија во камионот за да си заминат, меѓутоа граѓаните ги блокираа и инсистираа да го „кренат“ возилото и не ги интересираше образложението дека се дека се работи за службено возило и дека сопственикот бил полицаец на должност.
Е ова е корупција. Вака „работи“ коруптивен систем. За ова ги плаќаме со даноци. Секоја корупција убива!, пишува Љупчо Обоцки на својот Фејсбук профил, кој што го објави и ведеото.
КОНТРОВЕРЗНИ БОДИГАРДИ (ПОЛИЦИСКИ СЛУЖБЕНИЦИ) НА МИЦКОСКИ
Обезбедувачот на премиерот Мицкоски осомничен за „оддавање службена тајна“ за 50.000 евра
Полицијата соопшти дека е уапсен полицаецот Ангел Сарамаков, припадник на обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски поради сомнежи дека оддавал службени полициски тајни. Од владата за повеќе медиуми потврдија дека се истражува случајот и дека безбедноста на премиерот не е загрозена.
Полицаецот е уапсен во близина на хотел во Велес заедно со уште едно лице и во нивниот автомобил БМВ е најден ранец со доверлив материјал, со службени полициски тајни. Не е соопштено за какви информации станува збор ниту кој ги добивал полициските службени тајни, дали „бизнисот“ на Сарамаков е поврзан со криминалните скопски групи или со полициско-безбедносни активности на 6-тата управа каде што е вработен.
Обвинителство отвори истражна постапка против самостоен инспектор, припадник на Единицата за лично обезбедување на премиерот Христијан Мицкоски, осомничен дека од користољубие сторил кривично дело „оддавање службена тајна“. Тој се сомничи дека сторил достапни службени документи што претставуваат службена тајна, со цел да прибави паричен износ од 50.000 евра од лицето за кое се однесувале документите.
Од СДСМ порачаа дека „МВР под притисок на медиумите кои ја дознаа вистината, беше принудено да излезе со информација во јавноста, откако, неговиот личен избор за обезбедување, Ангел Самараков, беше фатен како оддава службени тајни на лица од Грчец“.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – ОЈО ГОКК, укажува дека ниту лицата, ниту документите во овој предмет, не се поврзани со лицата и групата од Грчец.
САТИРА
Мицкоски воодушевен од Маск: „Македонија на Марс наместо во ЕУ“!
Лидерот на десничарската ВМРО-ДПМНЕ и премиер на нашата земја, Христијан Мицкоски е воодушевен од говорот (на телото) на Елон Маск, при што од салата каде што ја следеше на ТВ инагурацијата на Трамп сподели кратко видео од Макс со коментар: Елон Маск, визии кои го обликуваат светот!
Во разговор за рубриката Сатира, ни даде објаснување што му значеше коментарот.
„Додека Маск зборуваше за Америка на Марс, ми дојде идеја додека си го пиев сокчето од јаболка (трамповача), зошто во блиска иднина да не направиме патриотски подвиг „Македонија на Марс наместо во ЕУ“, вели Мицкоски.
Тој додава дека веќе има доста заинтересирани нашинци во Америка кои ќе донираат по 10 долари за нашата земја која ја сметаат за своја.
„Запалив и свеќа за здравје и среќа на сите наши граѓани. Слушнав дека црквата во Америка била чудотворна и дека желбите брзо се остваруваат. Така што сигурен сум дека мојата желба ќе се исполни Македонија да ја видам во Марс пред да влезе во ЕУ за време на мојот мандат“, додава тој.
На прашањето дали неговите коалициони партнери од ВЛЕН ќе се согласат со неговата идеја и визија за Македонија, тој се насмевнал и кратко искоментирал „не само што ќе прифатат туку и ќе се испотепаат кој прв да се качи во ракетата за Марс“!












