Војната со Иран, која започна на 28 февруари по заедничките напади на САД и Израел во кои беа убиени повеќе високи ирански лидери, влезе во својот 20-ти ден. Конфликтот веќе прерасна во широка регионална криза, со директни удари врз енергетската инфраструктура во Персискиот Залив и сериозни последици за глобалната економија и безбедност.
Ескалација во Персискиот Залив
Во текот на последните денови, судирите се интензивираа со напади врз клучни енергетски капацитети.
Израел изврши напад врз гасното поле „Јужен Парс“ – најголемото во светот – при што, според достапните информации, погоден е „релативно мал дел“ од инфраструктурата.
Иран возврати со две бранови ракетни напади во рок од 12 часа врз индустрискиот град Рас Лафан во Катар, предизвикувајќи обемни штети и пожари.
Нападите не се ограничени само на Иран и Катар. Ракети и дронови погодија енергетски објекти во Саудиска Арабија, вклучително гасната постројка Хабшан и нафтеното поле Баб, како и цели во Кувајт и Обединетите Арапски Емирати.
Цивилни жртви и растечки хуманитарен ризик
Цената на конфликтот сè повеќе ја плаќаат цивилите. Во најнов напад, иранска ракета уби најмалку три палестински жени во градот Беит Ава на Западниот Брег. Во Израел, од почетокот на војната загинале најмалку 14 цивили.
Според податоците што ги изнесе иранскиот претставник во Обединетите нации, бројот на цивилни жртви во Иран достигнал најмалку 1.348 лица до 12 март – бројка што, според аналитичарите, веројатно е значително повисока денес.
Енергетски шок и економска нестабилност
Ескалацијата во Персискиот Залив веќе предизвикува сериозни потреси на светските пазари. Цената на нафтата „брент“ достигна 115 долари за барел, додека цените на гасот во Европа пораснаа за 35 проценти. Ормутскиот теснец – една од најважните светски нафтени рути – практично е затворен за бродови поврзани со западни компании. Танкерскиот сообраќај е намален за речиси 100 проценти од почетокот на март.
Стравувањата од долготрајно нарушување на глобалните енергетски текови предизвикаа значителни падови на азиските и светските берзи. Според независни проценки, само во првите шест дена од конфликтот, САД потрошиле околу 12,7 милијарди долари.
Политички пораки и геополитички притисоци
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД и Катар не се вмешани во нападот врз „Јужен Парс“, но истовремено се закани дека ќе „масовно ја уништи“ иранската страна од гасното поле доколку Техеран продолжи со нападите врз катарските капацитети.
Земјите од Персискиот Залив, вклучително Саудиска Арабија, порачаа дека го задржуваат правото на воена самоодбрана. Катар, пак, ги протера иранските воени и безбедносни аташеа по нападите врз Рас Лафан.
Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) потврди дека е уништена структура во близина на нуклеарната централа Бушер, но нагласи дека реакторот останал неоштетен.
Кина повика на заштита на глобалните трговски рути, додека продолжува да биде главен купувач на иранска нафта – позиција што дополнително ја усложнува геополитичката равенка.
Домашен контекст: Недостиг од реакција на кризата
На домашен план, се чини дека владата на Христијан Мицкоски не покажува доволно ниво на загриженост за економските последици и пошироките ефекти од кризата во Персискиот Залив. Напротив, македонската влада е прилично пасивна во овој контекст.
Во емисијата „24 Анализа“, Џабир Дерала, меѓу другото, истакна дека власта има обврска да преземе сериозни и навремени мерки за ублажување на кризата предизвикана од војната на Блискиот Исток.
Тој ја нагласи и потребата од солидарност меѓу граѓаните, како и од координирана и здружена акција на институциите и општеството, со цел да се намалат ризиците и негативните ефекти од кризата.
„Битно е во овој момент да бидеме попозитивни, затоа што ситуацијата ескалира од ден на ден. Треба да бидеме добронамерни и да побараме од оние што се на одговорни позиции во државата да престанат со популизам и калкулации, туку вистински да седнат и да донесат мерки кои барем минимално ќе ги ублажат ефектите од оваа криза“, апелира Дерала.
Тој својот став во кој повика на единство и солидарност го поткрепи со предупредувањето дека оваа криза не е единствената, но и дека следат нови.
„Таа (војната во Иран) не е единствена. Следат нови. Ние мораме да размислуваме за солидарно поврзување за да може да се соочиме со последиците од она што нè очекува. Иран е денеска. Утре ќе биде нешто друго. Постојните и претходните конфликти се исто така влијателни и не смееме да ги заборавиме“, изјави Дерала. Тој во текот на емисијата говореше и за војната на европско тло – Украина – која влезе во својата петта година.
ЦИВИЛ објавува анализи на состојбите и влијанието на кризата во Заливот од првиот ден. Една од нив е и анализата со наслов Војна во Иран: Западен Балкан меѓу енергетски шок, хибридна војна и нови безбедносни ризици, објавена на 12 март.
Регионална војна со глобални последици
По само три недели, конфликтот веќе не може да се гледа како изолиран судир. Станува збор за регионална војна со директни импликации врз глобалната економија, енергетската безбедност и меѓународниот поредок.
Додека дипломатските напори остануваат ограничени, а воената ескалација продолжува, ризикот од понатамошно ширење на конфликтот – со потенцијално глобални последици – расте од ден на ден.
ЦМ Деск













































