Ќе го чепне ли Маѓар експремиерот Груевски на финансиски план?
Што покажал унгарскиот граѓанин од добивка и дали умее да го сокрие профитот? Ова е дилема во овој миг за цел еден слој на Унгарци кои лесно се збогатиле под режимот на Орбан. Груевски беше Орбанов миленик, нели? А се говори дека изнел милијарди и изедначен со домицилните Унгарци...
Унгарија деновиве се готви да донесе доста рестриктивни мерки кон оние со големо богатство, каде што – како во земја со рамен данок – тие плаќале колку и оние што се далеку посиромашни од нив. Новиот премиер Петер Маѓар секако тоа им го должи на гласачите кои гледале како некои, некогаш ниско имотни лица и семејства, наеднаш ги стекнуваат сите обележја на луксузот, како што се вили, јахти, сопствени авиони… Ова се должело, пред сѐ, на блискоста со олигархијата на екс-премиерот Виктор Орбан која била по роднинска, но и партиска конекција.
Во овој случај, нашиот поглед логично е врзан за позицијата на нашиот премиер-бегалец во Будимпешта за кого дознаваме дека добил унгарско државјанство. Ова неизоставно значи дека тој се изедначува со привилегиите и обврските со секој поседник на ова државјанство. Премиерот Маѓар вели дека тие својот интерес во оданочувањето го врзуваат и за богатството што е лоцирано и надвор од земјата, свесен дека приходите, особено кога не се стекнати на легален начин, се селат во други дестинации или пак се чуваат таму, а дома пристигнуваат колку „за трошок“ или за покривање на она што е нивен имиџ во земјата кој неизоставно мора да се плаќа „на лице место“.
Во основа, Никола Груевски веќе докажа дека е повеќе од миленик на Орбан. Него, од домашен притвор го „киднапира“ унгарската служба за безбедност, му обезбеди нелегален премин во Албанија. Таму, веројатно и ноќе го чекале документи со кои е сменет неговиот идентитет и како таков минал две граници кои ги држат црногорските органи и исто толку на српската страна, за влез и излез од оваа земја. Во Унгарија му е обезбедена комплетна заштита и индискреција во тамошниот егзил. Таму, на пример, иако дошле двајца високи полски функционери, тие добиле само политички азил и мораа да бегаат од земјата за да не бидат испорачани на властите во Варшава. Статусот кој го добил Груевски не мора да се должи само на идеолошката блискост, гледаме, туку и на фактот дека тој со себе има, видливо или уште помалку видливо, во својот багаж! А за оплодување на големиот капитал во Унгарија, како што ќе рече еден милијардер, Лоренц Месарош, се неопходни – „Бог, среќа и Виктор Орбан“.
Да појдеме од она што се знае, иако засега без многу детали, во јавноста од устата на министерот за финансии на Унгарија, Андраш Карман. Имено, тој ветил, а објавено е во Гардијан дека до 5 јуни ќе даде повеќе детали за планираната реформа на даночниот режим што би можела да резултира со тоа Унгарија да стане првата сегашна членка на ЕУ што ќе воведе нов данок на богатство од 1980-те!
Најавувајќи ја политиката во објава на социјалната мрежа Икс минатото лето, Маѓар рекол дека потегот „не е казна, туку знак на социјална правда и солидарност во функционална и хумана земја“. Деталите за мерките досега се проценуваат како сиромашни. Во својот манифест, Партијата Тиса вети годишен данок од 1% за оние со средства од повеќе од 2,8 милиони евра, применет на делот од нивниот имот над тој праг. Имотот, акциите во компаниите и средствата што се чуваат во странство ќе бидат пребројани, напиша Маѓар на Икс, како и имотите како што се јахти, приватни авиони, слики и спортски автомобили. За да се обесхрабри даночното избегнување, богатството што го поседуваат сопружниците и децата исто така ќе биде предмет на данок.
„На Унгарија очајно ѝ е потребен данок на богатство, од две причини“, рекол Золтан Погаца, политички економист и предавач на Универзитетот на Западна Унгарија. Прво, тој верува дека постојните даноци на богатство се премногу ниски, и второ, тој мисли дека тоа ќе обезбеди одговорност.
„Данокот на богатство е начин за враќање на јавните пари во јавната каса“, рекол тој.
Откако го анализираше имотот на 50-те најбогати Унгарци, рангирани од списанието „Форбс“, Погаца заклучи дека 38 од нив или го стекнале своето богатство под водство на Орбан преку јавни тендери, или веќе биле богати, но имале голема корист од јавните набавки за време на неговиот мандат.
Многумина заземаат клучни улоги во медиумите, енергетиката, градежништвото, банкарството и недвижностите, корисници на она што стана познато како Систем на национална соработка (НЕР), каде што политичката лојалност била наградена со економски можности.
Меѓу најпознатите олигарси од НЕР е погоре споменатиот Месарош, кој е на врвот на унгарската листа на „Форбс“ со проценета нето вредност од 5 милијарди долари. Инсталатер на гас од истиот мал град како и поранешниот премиер, неговата империја опфаќа енергетика, градежништво, финансии, туризам и медиуми. Пред години, тој го припишуваше своето богатство на три работи – „Бог, среќа и Виктор Орбан“ – иако својот успех го припишуваше и на умот и напорната работа.
Гласачите очекуваат демонтирање на системот НЕР. Премиерот тоа и го ветил.
„Тука мислам дека би можел да влезе данокот на богатство, каде што е неморален, но легален“, вели Погаца. Ова секако ја скокотка и нашата љубопитност.
Да појасниме – во Унгарија има 4,2 милиони домаќинства. Најбогатите 1% поседуваат околу 35 проценти од средствата. Најбогатите 10 отсто поседуваат повеќе од две третини. Се предлага праг од 14 милиони евра – како што првично предложи Маѓар кога ја објави политиката минатото лето. На ова ниво, државата би собирала околу 280 милиони евра годишно од 10.000 домаќинства. А тоа се 0,25% од годишните владини приходи, собраниот износ се чини дека не вреди за трудот. Но, партијата Тиса предложи други мерки за собирање повеќе од богатите, вклучително и укинување на даночните ослободувања за фондациите. Дополнителните пари ќе одат за помош на лицата со ниски приходи. Ветена е основна стапка на данок на доход од 9%, заедно со намалување на ДДВ.
Промените треба да ја подобрат транспарентноста бидејќи приходите можат да оданочат само она што може да се измери. Тие исто така може да доведат до некои нови лица на ранг-листата на Форбс пишува „Гардијан“.
И да се вратиме сега на насловот. Груевски се проценува како богат човек со милијарди во конвертибилна валута. Знаеме и за неговите неочекувани промени на летот кога одеше во странство (застанувања патем во Швајцарија). Патуваше на пример во САД, со недели, бесмислено долго, без било какви ефекти. Барем гледано од национален визир. Па и одењата во Заливот, за што штабот на ВМРО-ДПМНЕ доста шпекулира кога се политичари од опозицијата, ама заборава дека Груевски одеше таму (и ништо не донесе назад, нели), а таму слетуваше и екс-премиерот Љубчо Георгиевски со сопругата, како „средно имотен бизнисмен“.
Формално, Груевски нема никаков имот! Ама ние знаеме за неговите „џабалеску“ махинации, да појдеме само од недвижностите?! Ако во имотниот лист пријавил како посебна вредност само 33 уметнички слики, тогаш сѐ е јасно. Има неколку десетици сметки во земјата што не се битни, ама четирите стана во Скопје одеднаш станаа „имот на мајка му“.
Но и тоа е секако дребулија во однос на неформалните проценки. Дилема е колку се добива за потписот на продажбата на најголемиот капитален објект што го имаше Македонија после осамостојувањето – Рафинеријата во Миладиновци. Беше министер за трговија, а се бранеше дека кога Владата одлучувала за тој договор (го усвоила) тој излегол од салата – „му се одело во ве-це“. А зошто требал да се брани, ако се било чисто, нели?
Но какви се неговите бизниси во Унгарија. Тој секако мора нешто да троши, а не прима плата, како што знаеме. Од друга страна неговите деловни врски не се ниту малку банални. Според унгарскиот портал „444“, се знае само дека имал особено добри односи со Орбан, како и со Петер Сијарто, поранешниот министер за надворешни работи и надворешна трговија, пишува овој извор.
Никола Груевски, кој во 2018 година избега во Унгарија и доби азил, во летото 2021 година започнал сопствен бизнис (ја чекал значи одлуката за државјанството) и ја основал својата консултантска фирма. Станува збор за мини-компанија, бидејќи нема вработени, а иако во изминатите пет години воопшто не пораснала, нејзината стабилност, барем на прв поглед, не е загрозена, смета овој портал. Овој извор вели дека го упатувале кон тоа дека Груевски можеби имал фиксен клиент кој секоја година плаќал илјадници евра за советите на осудениот поранешен премиер.
Минатата година фирмата, која се вика „И.Ц.И.Ц. Кфт“(I.C.I.C Kft), остварила приход од околу 9.600 евра, a околу 11.600 евра претходната година. Бидејќи консултантската дејност не бара големи трошоци, пишува порталот, значителен дел од приходите секоја година останувал како добивка, па во 2025 година поранешниот премиер остварил профит од околу 5.650 евра.
За разлика од 2024 година, пишува порталот, овој пат тој не ја повлекол добивката како дивиденда, туку ја оставил во фирмата. Од основањето на компанијата во 2021 година досега, поранешниот премиер од неа вкупно повлекол околу 45.800 евра дивиденда.
Од најновиот годишен извештај се гледа и дека средствата на банкарската сметка на фирмата на крајот од минатата година пораснале од околу 22.600 на околу 25.450 евра, се вели во текстот, како и дека се зголемиле нејзините обврски. Првпат во 2024 година, во фирмата се појавила позначајна обврска од околу 7.070 евра, која до крајот на минатата година пораснала на околу 9.330 евра.
Сето ова секако не е доволно да се чувствува посебно загрозен од даночната политика. Тоа очевидно е пресметано однапред да покрива нешто што се вели за пристоен живот за средно богат унгарски државјанин кој нема да покажува било какви форми на надменост и богатство. Просто да покажува некакво „лице“ на одмереност во јавноста или се тоа од фирма која не се знае кому и колку дава консултации (!) и сепак остварува приход.
Освен она, што се вели – богатство зад границата кое може да е постојано „консултирано“. Па и да служи за прелевање на парите од сметка на сметка или да креира инвестиции кои нема да се гледаат, ќе бидат користени од некакви инвестициони фондови. На кои им се потребни консултации и консултанти. Добро е ако новата даночна политика на Петер Маѓар, како што ветува, нема да се задржува на националните граница . А Груевски е и онака на пик кај лидерот на „Тиса“.
Текстот е личен став на авторот | ЦИВИЛ МЕДИА
Кога вистината е нападната, молкот не е неутрален.