Џабир Дерала
На Денот на знамето на Кримските Татари, 26 јуни, оддаваме почит на достоинството на еден исконски и горд народ, на неговото право да постои, да зборува, да памети и да се врати дома. Оддаваме почит и на оние што, под руската окупација на Крим, плаќаат страшна цена затоа што не се откажале од вистината.
Еден од нив е Вилен Темерјанов.
Вилен Темерјанов, кримскотатарски граѓански новинар, дописник на Кримска солидарност и поранешен соработник на независниот медиум Grani.ru, денес е политички затвореник на руската окупациска машинерија. Тој не е затворен затоа што сторил злосторство. Тој е затворен затоа што известувал. Затоа што бил сведок. Затоа што го документирал прогонот. Затоа што не прифатил окупацијата да ја претвори вистината во молк.
Руската окупација на Крим е злосторство против Украина, против меѓународното право и против домороден кримскотатарски народ. Окупацијата што ја спроведува рускиот агресор од 2014 година не е само воена и политичка. Таа е и полициска, судска, културна, верска, јазична и информативна. Таа се спроведува преку страв, претреси, апсења, монтирани обвиненија, тајни сведоци, казнени судови, нечовечко постапување и систематско задушување на слободниот збор и кршење на човековите права и слободи.
Новинарството како „злосторство“ под окупација
Вилен Темерјанов е роден во селото Вилне, во округот Џанкој на Крим. По незаконската руска окупација и анексија на Крим во 2014 година, тој стана дел од кругот храбри граѓански новинари кои ја документираа репресијата врз Кримските Татари, врз проукраинските граѓани и врз сите што одбија да ја прифатат окупацијата како нормалност.
Во услови во кои независните медиуми се протерани, блокирани или уништени, граѓанските новинари во окупираниот Крим станаа очите и совеста на јавноста. Тие известуваа од претреси, од судници, од дворови во кои плачеа деца додека нивните татковци беа одведувани, од ходници во кои адвокати и семејства чекаа вести за луѓе прогласени за „екстремисти“ само затоа што биле Кримски Татари, муслимани, новинари, активисти или слободни луѓе.
Затоа руската окупациска власт ги мрази новинарите. Не затоа што тие се опасни за јавниот ред. Туку затоа што се опасни за лагата. Затоа што го расветлуваат она што режимот сака да остане скриено: дека Крим е окупирана украинска територија, дека Кримските Татари се коренски народ на Крим, и дека окупацијата се одржува со насилство и страв.
Од претрес до цинична пресуда: 14 години затвор за вистината
На 11 август 2022 година, руските сили извршија претрес во домот на Вилен Темерјанов. Тој беше уапсен заедно со други Кримски Татари во случајот познат како „прва Џанкојска група“ поврзана со обвиненија за Хизб ут-Тахрир – организација што Русија ја третира како „терористичка“, додека во Украина не е забранета.
Таквите обвиненија одамна се дел од шаблонот на руската репресија на Крим. Под етикети како „тероризам“, „екстремизам“, „шпионажа“ или „предавство“, окупаторот ги гони луѓето кои зборуваат, пишуваат, се молат, помагаат, снимаат или едноставно одбиваат да се поклонат пред окупацијата.
На 26 ноември 2025 година, Јужниот окружен воен суд во Ростов-на-Дон го осуди Вилен Темерјанов на 14 години затвор. Тоа не е пресуда на правдата. Тоа е пресуда на окупаторот против новинарството. Тоа е одмазда против слободниот збор. Тоа е порака на режимот до сите во окупираниот Крим: ако зборувате, ќе ве скршиме.
Но Вилен не е скршен.
Во своето последно обраќање пред судот, тој зборуваше како човек што знае дека неправдата може да носи судска униформа, но не може да стане правда. Тој зборуваше како муслиман, како новинар, како човек кој го разбира значењето на сведочењето. Тој во судницата ја разобличи неправдата врз Кримските Татари, врз муслиманите во окупираниот Крим и врз новинарите што ја документираат репресијата. И токму затоа неговиот глас денес е посилен од пресудата што му ја изрече рускиот воен суд.
Репресија, болест и неказнивост
Последните информации за Вилен се длабоко вознемирувачки. Во мај 2026 година, тој беше префрлен од притворскиот центар во Ростов-на-Дон во болница, наводно поради потреба од медицинска интервенција. Неговото семејство немало целосни информации за тоа каде се наоѓа и што точно се случува со него. Во јуни 2026 година, беше објавено дека е вратен во СИЗО-1 во Ростов-на-Дон по околу еден месец во медицинска установа, без да биде извршена планираната интервенција.
Тоа е уште еден облик на суровост: човек да биде затворен по монтирани обвиненија, однесен далеку од својот дом, изложен на неизвесност, лишен од нормална медицинска заштита и оставен во рацете на истиот систем што го прогонил.
Едно е јасно. Агресорот спроведува репресија, а не „правосудство“. Тоа е крвожеден окупациски механизам на континуирано казнување, со тешка злоупотреба на судството, полицијата, затворскиот систем и медицинските институции како сурови алатки за политички прогон.
Руската федерација мора да одговара за ова. Не само политички. Не само морално. Туку и правно.
Кек бајрак: знаме на народ што одбива да исчезне
На Денот на знамето на Кримските Татари, 26 јуни, светлосиниот Кек бајрак со златната тамга е симбол на народ што преживеал историски неправди, депортација, забрана, егзил, враќање и нова окупација. Светлосината боја го носи чувството на небо, простор и слобода. Златната тамга е знак на историска припадност, континуитет и национално достоинство. Тоа знаме, кое се веело и во егзил, денес повторно е знаме на отпорот, гласен повик за правда.
Кек бајрак е знаме на домот. А домот на Кримските Татари е Крим. Крим е Украина.
Токму затоа окупаторот се плаши од ова знаме. Се плаши од самото споменување на тоа знам, од неговата историја, од неговото значење. Зашто секој Кек бајрак кажува нешто што Москва не може да го избрише: Крим не е руски плен. Крим не е воена база за нивните империјални апетити. И не е територија за етничко, политичко и културно бришење. Крим е дом на Кримските Татари и неотуѓив дел од Украина.
Окупацијата се плаши од новинарите
Вилен Темерјанов не е единствен. Тој е дел од поголема и трагична слика: рускиот окупациски систем ги прогонува новинарите во Крим и на другите окупирани територии затоа што новинарството е првата линија на одбрана од тоталната лага.
Кога окупаторот ја контролира територијата, тој сака да ја контролира и вистината. Што се случило, кој страдал, кој исчезнал, кој бил претепан, кој бил уапсен, кој бил осуден, кој бил наречен „терорист“ и кој смее да биде спомнат – сето тоа сака да го држи во своите канџи. Новинарот ја прекинува таа контрола. Затоа новинарот станува цел на репресија.
Во окупираниот Крим, новинарството е криминализирано затоа што вистината е криминализирана. Солидарноста е криминализирана. Идентитетот е криминализиран. Украинската државност е криминализирана. Кримскотатарското достоинство е криминализирано.
Тоа мора да се именува јасно: се работи за систематски прогон, државна политика на руската федерација. Ова е дел од злосторството војна на агресија против Украина, против демократијата, против слободата на изразување и против меѓународниот поредок.
Да се бара слобода – гласно, јасно, без компромис
На Денот на знамето на Кримските Татари, не смееме да се задоволиме со симболична поддршка. Симболите имаат смисла само ако стоиме зад луѓето што ги носат.
Затоа и сега јасно и гласно извикуваме: Слобода за Вилен Темерјанов!
Бараме од руските власти да го ослободат веднаш, а од меѓународната заедница бараме руската држава да биде земена на одговорност за бруталната репресија на сите кримскотатарски политички затвореници.
Бараме слобода за сите украински новинари и медиумски работници што ги држи руската окупациска и затворска машинерија. Слобода за сите политички затвореници на руската агресија и окупација.
Руската окупаторска власт мора да го ослободи Вилен Темерјанов и да ја поништи својата цинична, противзаконска, монтирана пресуда. Мора веднаш да обезбеди пристап до независна медицинска грижа, адвокатска заштита и меѓународен мониторинг. Меѓународните институции, владите, новинарските здруженија, организациите за човекови права и демократската јавност не смее да не дозволат овие имиња да исчезнат во темнината на руските затвори.
Секое молчење му користи на окупаторот. Секое заборавање е уште една казна за затворениците, а секое повторување на нивните имиња е акт на отпор.
Крим е Украина. Вилен мора да биде слободен.
Вилен Темерјанов не е број во затворски систем. Тој е човек. Новинар. Сопруг. Татко. Кримски Татар. Сведок на вистината. И токму затоа руската окупациска власт сака да го претвори во пример за заплашување.
Нашиот колега Вилен може и мора да стане пример за нешто друго: за меѓународна солидарност, за новинарска чест, за човечка храброст и за отпор против ѕверското насилство.
Новинарството не е злосторство. Окупацијата е злосторство. Политичкиот прогон е злосторство.
Затворањето на Вилен Темерјанов е злосторство против слободата на зборот и против човечкото достоинство.
Слобода за Вилен Темерјанов! Слобода за сите новинари и политички затвореници на руската окупација!
#FreeVilenTemeryanov













