Петрит Сарачини, претседател на Институтот за медиуми и аналитика (ИМА), учествуваше на дебатата „Северна Македонија помеѓу европската интеграција и ‘српскиот свет’“, што се одржа на 30 јули 2026 година во Скопје.
Настанот отвори прашања што власта упорно ги избегнува: дали европската интеграција навистина е блокирана однадвор или државата свесно се повлекува од европскиот пат, додека политички, медиумски и економски сè подлабоко се вградува во орбитата на „српскиот свет“.
Сарачини, во своето излагање, се осврна на историските корени и различните форми на српското влијание во Северна Македонија, оценувајќи дека земјата со децении се користи и како инструмент во политиката на Белград кон Западот.
„Македонија се користи не само за билдање на патриотизмот и националшовинизмот внатре во Србија, туку и како некаква монета за поткусурување со Западот. Македонија секогаш се користи, односно силното влијание што Србија го има во Македонија се користи како чип во таа игра“, рече Сарачини.
Според него, корените на тоа влијание треба да се бараат и во периодот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија.
„Да не го заборавиме периодот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Скопје го правеше најчесто тоа што го правеше Белград, некогаш дури и поревносно од самиот Белград, особено во политиката кон тогашните народности, целата таа преселба на Албанците со сила во Турција и така натаму“, рече тој.
Како периоди во кои македонската политика покажала одредено дистанцирање од политиката што доаѓала од Србија, Сарачини ги посочи либералните струи во македонското раководство во времето на Киро Глигоров и Крсте Црвенковски, а подоцна и улогата на Петар Гошев и Васил Тупурковски.
„Единствен момент кога има некаква дивергенција во време на тогашна социјалистичка Македонија од српската политика е делумно во времето на либерализмот на Глигоров и Крсте Црвенковски и малку посилно со Петар Гошев и Тупурковски, кои едноставно беа првите македонски политичари што малку повеќе скршнаа од политиката што ја водеше тогашна Србија во Југославија. Тука се корените на силното влијание“, истакна Сарачини.
Тој оцени дека тоа влијание не е ограничено само на политиката, туку опфаќа повеќе сфери во македонското општество.
„Србија има политичко влијание, разузнавачко влијание. Сè уште старите врски функционираат. Има медиумско влијание, академско влијание – силно влијание во Македонија“, рече Сарачини.
Според него, континуитетот на овие влијанија може да се следи низ повеќе клучни политички периоди и кризи од поновата македонска историја.
„Тоа ние го видовме не само во 90-тите години, како се одвиваа работите тука на политичката сцена. Го видовме и во 2001 година, за време на конфликтот. Го видовме и подоцна, особено во периодот откако се смени власта во 2006 година“, рече тој.
Сарачини се осврна и на насилствата во Собранието на 27 април 2017 година, потсетувајќи на присуството на припадник на српските безбедносни структури во законодавниот дом.
„Го видовме и за време на 27 април, кога српски разузнавач беше виден во Собранието. Што барал таму, се дозна и подоцна – какво било влијанието и какви соработки имало помеѓу тогашната власт и српските разузнавачки служби, за Македонија да се дестабилизира. За среќа, не се случи тоа што можеби беше една од намерите – да се втурне земјата во граѓанска војна“, рече Сарачини.
Во своето излагање тој посочи дека од средината на претходната деценија ваквите влијанија сè повеќе се преплетуваат и со руските пропагандни наративи.
„Го видовме и во 2014 година и во наративите, особено откако се засилува руската пропаганда во Македонија и таа соработка со тогашниот режим на Груевски, кога почна да се зборува за ‘обоените револуции’, дека тоа што се случува тука кај нас е копија на тоа што се случуваше во Украина“, рече Сарачини.
Неговата теза е дека денешното влијание на концептот на „српскиот свет“ не се појавува во политички вакуум. Напротив, според Сарачини, зад него стои долг континуитет на политички, безбедносни, медиумски и академски врски, кои во различни историски периоди добивале различна форма, но не исчезнале.
Во тој контекст, прашањето за европската интеграција на Северна Македонија не може да се разгледува само низ формалниот процес на преговори со Европската Унија. Дебатата ја отвора и дилемата за тоа во која политичка и вредносна орбита државата фактички се движи – независно од официјалните декларации за европската иднина.
Д. Муратов
Целата дебата во органзација на СДА Македонија „Меѓу ЕУ и српскиот свет“ е достапна на Јутуб каналот на ЦИВИЛ. Дебатата се одржа на 30 јули во Скопје.
Во дискусијата учествуваа Никица Корубин, поранешна пратеничка и колумнистка; Роберт Алаѓозовски, критичар и поранешен министер за култура; проф. д-р Ана Чупеска, претседателка на Советот на СДСМ; Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ и главен уредник на ЦИВИЛ МЕДИА; Џабир Доко, генерален секретар на Партијата за движење на Турците (ТХП); и Петрит Сарачини, новинар и граѓански активист.
Камери: Ариан Мехмети, Дехран Муратов
Монтажа: Ариан Мехмети













