Ветон Сурои
Генералот Ратко Младиќ почина во затворот во Хаг на 84-годишна возраст, за време на издржувањето на казната за извршување геноцид.
На фотографијата се гледа како го гали осумгодишниот Изудин Алиќ. Се сеќавам на оваа снимка од јули 1995 година; се сеќавам како неговите војници носеа леб и им го даваа на гладните во Сребреница, додека тој држеше чоколади и им ги даваше на децата, галејќи ги по главата и велејќи им да не се грижат, дека сè ќе биде во ред. (благодарност до новинарот и писател Раде Радовановиќ за потсетувањето)
Во деновите што следеа ќе сфатиме дека таткото на Изудин и осум илјади мажи и момчиња од Сребреница ќе бидат убиени по наредба на генералот Младиќ.
Во Дејтон, Охајо, таа година ќе биде потпишан Договорот, со кој Република Српска се признава како еден од двата ентитети на Босна и Херцеговина. Сите политички и воени лидери кои раководеа со Република Српска завршија осудени од Хашкиот трибунал. Радован Караџиќ и Ратко Младиќ заедно со нивните соработници беа осудени за геноцид, токму оној геноцид со кој се овозможи легитимирањето на Република Српска.
Сè до 2011 година, Ратко Младиќ беше криен од воените и цивилните тајни служби на Србија.
Претседателот Вучиќ презеде интензивна дипломатска акција во ОН во 2024 година за спречување на резолуцијата со која ОН требаше да го прогласат 11 јули за ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.
Неколку часа по веста за неговата смрт се огласи најважната политичка фигура на босанските Срби, Милорад Додик, и рече дека „Денес почина човекот кој беше командант на Војската на РС во војната за слобода на српскиот народ, кој ја предводеше Војската на РС од првиот ден на нејзиното основање.“ Градоначалникот на Бања Лука и човек за кој се надеваше дека ќе ја претставува новата генерација српски политичари, Драшко Станивуковиќ, изјави дека „за српскиот народ, Ратко Младиќ останува човек чие име е длабоко запишано во нашата историја. Многумина го паметат како некој што ги носеше на своите плеќи најтешките моменти на својот народ, кој се жртвуваше за својот народ и чие име и дело ќе продолжат да живеат.“
Неговото тело можеби е ставено во ковчег, но Генералот Младиќ продолжува да живее. Вестите за неговата смрт, како што би рекол М. Твен, се чини дека се прилично преувеличени.
Смртта на Ратко Младиќ: Крај за еден воен злосторник, но не и за негирањето на вистината












