Џабир Дерала
Демократијата ќе исчезне кога ќе прифатиме да бидеме слуги на самопрогласени кралеви кои веруваат дека ги поседуваат нашите животи, тела и умови. Тоа ќе биде крајот на демократијата – кога ќе ја прифатиме реалноста што ни се наметнува и ќе престанеме да мислиме.
Тоа ќе биде крајот на демократијата – кога ќе се откажеме од слободата и достоинството во замена за лажна удобност.
Кога ќе кажеме дека Украина е далеку и не е наша работа. Кога ќе си кажеме дека помалку загинати во Газа би биле доволна причина да престанеме да се грижиме, како да постои прифатлива дневна квота на човечки животи.
Тогаш мракот се вовлекува во нашите умови и души – а ние стануваме батерии за нивната моќ.
Крајот на демократијата не мора да пристигне со фанфари, со татнеж на тенкови и оклопни транспортери или со борбени авиони над нашите глави. Тој може да се настапи во нашите умови – во нашата покорност кога ни велат да молчиме, да го свртиме погледот, да останеме дома кога луѓето излегуваат на улица. Во нашата подготвеност да престанеме да ги преиспитуваме лагите. И, можеби најопасно, во нашата рамнодушност кон неправдата, лагите и злосторствата.
Кога стануваме студени пред воените злосторства и геноцидот – било да се од далечното минато, од времето во кое сè уште има живи сведоци или се одвиваат пред нашите очи. Кога го менуваме каналот со вести за деца во Кијив убиени од бомби или дронови.
Демократијата живее во нашите институции и политички системи. Таа живее и во нашите умови, во нашето чувство за достоинство и солидарност – во нашата човечност. Кога институциите или моќните структури, во нашата земја или било каде во светот, ќе се одметнат, борбата не е завршена. Будните, непокорни граѓанки и граѓани се последната линија на одбрана на демократијата. Таа има шанса сè додека постојат луѓе – поединци и заедници – кои одбиваат да ја сведнат главата.
Тоа одбивање има многу облици. Новинар кој продолжува да истражува. Сосед кој застанува зад оние што се под закана. Граѓани кои се поврзуваат, бараат одговори и одбиваат да дозволат злосторствата да се замаглат со ПР-спектакли. Никој од нив не може сам да го понесе целиот товар на борбата. Заедно, можат да им овозможат и на другите да се спротивстават.
Се препознаваш ли во нешто од ова? Молчиш? Го свртуваш погледот? Или продолжуваш да поставуваш прашања, дури и кога одговорите се непријатни и можат да ти направат проблем?
Храброста не е отсуство на страв. Храброст е да се најдат начини да се дејствува – и да им се помогне на другите да дејствуваат – и покрај стравот.
Дали велиш: Борбата на Украина е и моја борба? Состојбата на демократијата во Соединетите Американски Држави, Европа или каде било во светот ме засега и мене?
Ако твојот одговор е да, демократијата сè уште има шанса да опстане, па и да цвета. Секој човек што одбива да се предаде му олеснува на некој друг да се исправи.
Солидарноста почнува кога туѓото страдање станува доволна причина да направиш нешто. Не мора да ги чекаш истото насилство, истото понижување, истото тропање на сопствената врата.
Продолжи. Не си сам.
Овој текст е дел од иницијативата на ЦИВИЛ по повод Меѓународниот ден на демократијата, 15 септември.
По повод Меѓународниот ден на демократијата, прочитајте ги и соопштенијата на ЦИВИЛ – Твојот глас. Твојата слобода. Нашата демократија. и на DDGI и WA4U – Во одбрана на демократијата. Во солидарност со Украина.
Твојот глас.
Твојата слобода.
Нашата демократија.
Лагите и насилството се штитат со гушење на независните медиуми и граѓански организации.
Дајте го својот придонес СЕГА.












