Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска во Софија учествува на Меѓународната министерска конференција за Коридорот 8, на чии маргини е предвиден и разговор со бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова. Бугарското МНР претходно ја опиша можната билатерална средба како дел од „редовниот дијалог“ меѓу двете земји.
Самото отворање директен канал е позитивно во дипломатска смисла. Но тој факт не треба да се претставува како деблокада на европскиот пат, ниту како замена за обврската што Северна Македонија ја презеде во рамката од 2022 година.
Иницијативата за средбата следеше по посетата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Скопје на 2 октомври. Според премиерот Христијан Мицкоски, таа го советувала Муцунски да побара разговор со бугарската страна во обид да се „врати патот на земјата кон преговорите со ЕУ“, по што до Софија веднаш била испратена дипломатска нота.
Но суштинската пречка не се решава со билатерална средба. Европската Унија ги отвори пристапните преговори со Северна Македонија во јули 2022 година и ја усвои преговарачката рамка. Во официјалната позиција на ЕУ е наведено дека следната меѓувладина конференција ќе се одржи без нова политичка одлука откако земјата ќе ја исполни преземената обврска за уставни измени. Европската комисија и подоцна остана на истиот став, а тоа е дека во Уставот треба да бидат вклучени и граѓаните што се дел од други народи, меѓу нив и Бугарите.
Тоа е поентата што често „испарува“ во политичките изјави. Северна Македонија не чека нов европски предлог за да продолжи процесот. Условот е познат, формално прифатен во 2022 година и досега не е исполнет.
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Затоа, денешната средба во Софија може да биде корисна за намалување на тензиите, за директна комуникација и за спречување нови политички инциденти. Но засега нема сигнал дека Владата ја менува позицијата во однос на уставните измени или дека е подготвена да го направи чекорот што би овозможил отворање на првиот кластер.
Не помагаат ни провокативните изјави на премиерот, како онаа дадена само еден ден по заминувањето на Фон дер Лајен од Скопје. Напротив. Уште на самиот почеток, Мицкоски го постави дијалогот на стаклени нозе.
Дополнителен проблем е што дипломатската иницијатива се одвива паралелно со реторика што го отежнува градењето доверба. Само неколку дена по барањето за разговор, Мицкоски повторно отвори историски прашања, употреби формулација за „фашистичка Бугарија“ и го поврза Бледскиот договор со пренесувањето на посмртните останки на Гоце Делчев, иако хронологијата покажува дека останките биле донесени во Скопје во 1946 година, речиси десет месеци пред Бледските спогодби.
Конференцијата за Коридорот 8, на која присуствува и еврокомесарката за проширување Марта Кос, има важно регионално, транспортно и безбедносно значење. Но за европските преговори клучното прашање останува многу попрозаично.
Дијалог со Софија има. Европската рамка исто така е јасна. Она што засега недостасува е политички сигнал од Владата дека е подготвена да го исполни условот од кој зависи следниот формален чекор во преговорите.
Редакција ЦИВИЛ МЕДИА
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












