Сега уапсениот српски бизнисмен Давор Мацура, сопственик на Алта банка, за време на владеењето на Српската напредна странка (СНС) изградил деловна империја која опфаќа банка, околу 15 компании, недвижности, а во еден период поседувал и авиокомпанија. Неговиот деловен подем бил тесно поврзан со големи договори со државни претпријатија и институции, пишува белградска Нова во истражувањето на новинарката Ана Марковиќ, објавено на 2 ноември.
Мацура е уапсен во ноќта меѓу 1 и 2 ноември, по полициски претрес што траел повеќе од 30 часа, откако Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на Алта банка.
Според белградска Нова, еден од највпечатливите деловни потези на Мацура било купувањето на комплексот ИМТ во Нов Белград за 70,6 милиони евра, преку компанијата „АБЛ Солвент“, која тогаш немала ниту еден вработен. Со купувањето стекнал право на користење на околу 35 хектари земјиште. Подоцнежните законски измени овозможиле бесплатно претворање на тоа право во сопственост, со што бил избегнат трошок проценет на повеќе од 200 милиони евра.
Особено профитабилна била соработката со државното електростопанство ЕПС. Од 2025 година, граѓаните во Белград ги плаќале сметките за струја преку Алта банка, која наплаќала провизија од околу 50 динари по уплата. Според проценките што ги пренесува Нова.рс, овој аранжман можел да донесе повеќе од 17 милиони евра годишен приход.
Компанија во која Мацура е косопственик добила и државни субвенции од три милиони евра за реконструкција на хотелот „Унион“, поврзана со ЕКСПО 2027.
Истражувањето на Радар открива дека Мацура и неговата Алта пеј група вложиле речиси 124 милиони динари, односно над еден милион евра, во инвестициски фондови поврзани со функционери на СНС.
Дополнително, БИРН документира деловни врски преку недвижности со Никола Петровиќ, кум на Александар Вучиќ, како и со лица од круговите на Милан Радоичиќ и Звонко Веселиновиќ.
ЦИВИЛ МЕДИА во анализата од 31 октомври предупреди на испреплетувањето на политичката моќ, приватниот капитал и прекуграничните финансиски интереси, вклучително и сомнежите за трансфери кон Скопје и Москва.
Апсењето на Мацура претставува нов пресврт во аферата, но неговата евентуална кривична одговорност допрва треба да се утврдува.
Биљана Јордановска
ЦИВИЛ МЕДИА
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












