„ИЗМАМЕНА!“ – со овој остар збор американската прогресивна платформа Occupy Democrats ја започнува својата критичка објава за улогата на Меланија Трамп во привремениот прекин на огнот и евакуацијата од украинскиот град Олешки, кој е под руска окупација.
Според Occupy Democrats, американската прва дама, наместо да постигне недвосмислен дипломатски успех, ризикувала да стане дел од внимателно конструирана руска пропагандна претстава, во која агресорот се прикажува како хуманитарен спасител.
На 5 ноември, Меланија Трамп организираше кратка церемонија во Белата куќа, со присуство на претставници од Украина и Русија, на која говореше за својата улога во постигнувањето на привремениот прекин на огнот во Олешки.
Таа се претстави како „ексклузивен посредник“ меѓу двете земји и нагласи дека лично учествувала во планирањето на хуманитарната операција. Според Белата куќа, операцијата овозможила евакуација на речиси 800 луѓе и доставување неопходна хуманитарна помош.
Но, како што забележува Occupy Democrats, зад дипломатската церемонија се крие многу помрачна реалност.


Додека Меланија зборуваше за мир, Русија продолжуваше да убива
На 29 октомври, на денот кога започнуваше евакуацијата од Олешки, руски дрон погоди железничка станица во украинскиот град Днипро, при што загинаа најмалку 14 лица, а уште најмалку 14 беа повредени.
Украинскиот истражувач на руската окупација Петро Андрушченко, во изјава за The Daily Beast, предупреди дека рускиот диктатор и воен злосторник ја користи операцијата за сопствена политичка и пропагандна корист.
„Операцијата во Олешки е навистина најголемата победа на руската пропаганда“, изјави Андрушченко.
Тој посочи на суровата противречност. Додека рускиот агресор пред светот ја поддржува улогата на Меланија Трамп во спасувањето цивили, руските сили продолжуваат со нападите врз Днипро, Кијив и Запорижја.
Occupy Democrats го нагласува лицемерието – Кремљ добива можност пред американските телевизиски камери да се претстави како хуманитарен актер, додека неговата војска продолжува со нападите врз Украина.
Хуманитарна операција без независен надзор
Украинската активистка за човекови права Људмила Јанкина, од организацијата Civil Fortis, исто така изнесе сериозни критики за начинот на кој била организирана операцијата.
Во изјава за The Daily Beast, пренесена и од Occupy Democrats, Јанкина предупреди дека прекинот на огнот бил договорен без соодветно независно набљудување, што ѝ овозможило на Русија да ја конструира сликата што сака да ја прикаже пред меѓународната јавност.
Според неа, од јавната презентација на хуманитарната мисија биле изоставени прашањата за цивилите кои со години биле заробени во Олешки, за нивното користење како жив штит и за луѓето одведени во руските филтрациски кампови, чија судбина останува неразјаснета.
Јанкина оценува дека Меланија Трамп, дури и со добри намери, го ставила својот јавен кредибилитет во служба на пропагандната операција што Москва ја изградила околу хуманитарната мисија.


Путин сакал Меланија да биде посредник
Дополнителна димензија на случајот открива The Kyiv Independent, кој на 28 октомври објави изјава на Марк Бекман, советник на Меланија Трамп.
Според Бекман, Владимир Путин многу сакал американската прва дама да ја преземе посредничката улога во договорот за Олешки.
Украинските власти и претходно предупредуваа дека Русија може да ја искористи евакуацијата за пропагандни цели, прикажувајќи се како спасител на населението што страда токму поради руската окупација. Тоа е видено многу пати. Една операција може истовремено да спасува човечки животи и да биде искористена за политичка и пропагандна манипулација.
Хуманитарноста како инструмент на руската пропаганда
Occupy Democrats оди и чекор понатаму, поврзувајќи ја релацијата на Доналд Трамп со Путин. Платформата оценува дека американскиот претседател продолжува да покажува необична попустливост кон рускиот лидер, а Кремљ сега пронашол начин да ја искористи и хуманитарната ангажираност на неговата сопруга. Ова не е политичка оценка само на Occupy Democrats. Бројни се предупредувањата и оценките што ја надминуваат американската политика кон рускиот агресор. Тоа може да се сведе на едно единствено прашање:
Може ли агресорот да добие меѓународен имиџ на миротворец затоа што привремено дозволил евакуација на луѓе чии животи се загрозени од војната што самиот ја започнал?
Спасувањето цивили е неопходно и заслужува поддршка. Но, како што предупредуваат познавачите ширум светот, хуманитарната помош не смее да стане средство за релативизирање на одговорноста за агресијата, окупацијата и воените злосторства. Во тоа се состои опасноста на која укажува Occupy Democrats, Русија да ја претвори трагедијата што ја предизвикала во спектакл на сопствената наводна хуманост.
Џ. Д.












