Во утринскиот руски напад врз Одеса загинаа три лица, а една жена е тешко повредена. Погоден е магацин во кој се чувала храна за училишта и градинки. По ударот избувнал пожар, соопшти началникот на регионалната воена управа Олех Кипер.
Во Суми, руски дрон погоди возило на „Укренерго“ додека минувало преку мост. Тројца работници на компанијата се хоспитализирани. Еден од нив се здобил со тешки повреди.
Дир: Во некои области прекините може да траат до 16 часа дневно
По ударите врз енергетски објекти, утрово имаше прекини во снабдувањето со струја во делови од 12 области, соопшти „Укренерго“. Најтешка е состојбата во Днипропетровската и Кијивската област. Во Сумската, Полтавската и Харкивската област беа воведени вонредни исклучувања, па претходно објавените распореди привремено престанаа да важат.
Украинската амбасадорка во Северна Македонија, Лариса Дир, во објава на X предупреди:
«„рф ја напаѓа енергетската инфраструктура во различни области на 🇺🇦. Енергетскиот систем функционира во критични услови, а во некои области прекините во снабдувањето со струja може да траат до 16 часа дневно. Во пресрет на зимата, рф свесно остава милиони 🇺🇦 без струја и греење“»
По разговорот со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот Володимир Зеленски соопшти дека ЕУ ќе активира посебен механизам за итна помош. Тој посочи дека руските удари го нарушиле снабдувањето со струја, вода и греење во повеќе градови и населени места.
Ноќен напад со 317 дронови
Според украинските Воздухопловни сили, Русија од вечерта на 8 ноември лансирала 317 беспилотни летала, меѓу кои 105 „Шахед“ со млазен погон. До 08:00 часот по украинско време, противвоздушната одбрана соборила или потиснала 276 воздушни цели. Регистрирани се погодоци на 31 локација, а остатоци од соборени летала паднале на уште девет.
Во Кременчук, билансот по синоќешниот напад врз станбена зграда и хотел порасна на седум повредени. Меѓу нив е 16-годишно момче во тешка состојба. Во Изјум, во Харкивската област, во нападот врз станбениот дел на градот настрадаа и две деца, соопшти спасувачката служба.
Во Комишуваха продолжува потрагата под урнатините на училиштето во кое се делела хуманитарна помош и кое беше погодено на 2 ноември. Досега се извлечени телата на 55 загинати, а според полицијата, под урнатините може да има уште 19 лица.
Украинскиот Генералштаб во утринскиот извештај наведе 140 борбени судири во претходното деноноќие. На Покровскиот правец украинските сили запреле 15 руски напади.
ЦМ Деск











