Грчкиот министер за миграција, Јанис Музалас изјавил за медиумите дека грчките власти примиле 392 барања и одобриле враќање на „помал број баратели на азил“ од Германија и од неколку други земји од Европската унија. Според ББЦ, разгледувањето на барањата за азил во Германија е со големо доцнење, а германските власти ќе продолжат да ги враќаат барателите на азил во Грција, иако таму прифатните центри се преполни.
По одлуката на Уставниот суд, Германија во 2011, ги сопре депортациите на мигрантите во Грција, но согласно конвенцијата на ЕУ од Даблин, таа сепак, може да ги враќа во првата држава-членка на ЕУ во која мигрантот влегол, за таму да му се разгледува барањето азил.
Според грчкиот министер Музалас, приемот на вратените 392 мигранти од Германија е грчки „гест на добра волја“, а со новата мерка ќе бидат опфатени само мигранти који пристигнале во Германија од средината на март годинава.
Во текот на 2015 и 2016, Германија прими над 800.000 мигранти, пред сè, од Авганистан, Сирија и Ирак. Приливот на бегалци и мигранти сопре, откако Турција почна да ги прифаќа луѓето од бегалските чамци.
„Имаше притисок од неколку земји од ЕУ врз Грција да го прифати враќањето на мигрантите. Разбирам дека владите на некои членки на ЕУ, со ова сакаат да покажат пред своите гласачи дека постигнале некакви резултати“, изјавил Музалас, според „Катимерини“.