,,Ние нема да ги узурпираме синдикатите, туку ќе ги гледаме како еднаков социјален партнер со кого треба достоинствено и аргументирано да преговараме. Јакнење и ослободување на синдикатите од прангите на политичките партии е многу важно прашање”, изјави mинистерката за труд и социјална политика Мила Царовска на Шестата национална конференција на сиромашни и социјално исклучени лица
На конференцијата „Работа, колку да не е без ич“, во организација на Македонската платформа против сиромаштија, посветена на вработените, но сиромашни лица, Царовска потенцираше дека за надминување на сиромаштијата кај вработените, клучна улога имаат синдикатите.
„Многу е важно тие да функционираат и да се грижат повеќе да бидат блиски со работниците, наместо со политичките елити. Ако имаме силни синдикати, многу помалку ќе зборуваме за кршење на работничките права. Во Македонија малку работници се свесни за нивните права или чувствуваат страв дека нема кој да ги заштити“, рекла Царовска. Токму затоа, во секоја приватна компанија со најмалку 20 вработени, покрај Законот за работни односи, тие ќе треба да се уредат и со Колективен договор.
Во поглед на сиромаштијата, Царовска посочила дека постои неповолна стартна позиција за креирање политики поради недостигот на релевантна статистика, и поради тоа што актуелната се базира на податоци од пописот во 2002 година. Но, според податоци од Министерството за труд и социјална политика, 220 илјади работници, односно секој трет вработен во Македонија е сиромашен!