Референдумот кој вчера се одржа во Општина Ново Село, против изградбата на рудникот Иловица и изградба на рудници на територијата на општината, не успеа поради недоволна излезност на гласачите.
На вкупно 20 избирачки места во Општина Ново Село, не излегоа потребните 5.720 гласачи од вкупно запишаните 11.438 граѓани со право на глас.
Според граѓаните, а и според Здружението „Здрава котлина“, која беше и иницијатор на референдумот, најголемиот проблем е во тоа што Избирачкиот список не соодветствува со реалната слика во Општина Ново Село, бидејќи над 40% од граѓаните од Општината се во странство.
Рефередумот во Ново Село е шестиот по ред референдум на територијата на Македонија, а трет неуспешен, по двата неуспешни референдуми во Босилово и Валандово. Како последица на притисоците, во Валандово на референдумот излегоа само 4,683 гласачи, односно 46,15% од 10.141 граѓанки и граѓани запишани во Избирачкиот список. На референдумот во Босилово пак, излезноста беше 32,45% или 3.992 гласачи, односно 2.159 гласачи помалку од потребниот минимум за успешност на референдумот.
Претставниците на организацијата „Здрава котлина“, како носител на иницијативата, во текот на референдумскиот ден, повеќе пати алармираа дека во текот на спроведувањето на референдумот, имало многу нерегуларности, по што најавија и дека ќе поднесат приговори до ДИК.
Од шестте досега одржани референдуми во југоистокот, успешни беа референдумите во Гевгелија, Богданци и Дојран.
По референдумот во Боданци, Општината го повлече решението за рудникот во Казандол. Во Гевегелија и Богданци беа забележани, помали технички недоследности, додека во Дојран мониторинг-тимовите на ЦИВИЛ забележаа и притисоци врз населението да не излезе на референдум и истиот да се прогласи за неуспешен. До самиот крај на референдумот, излезноста беше помала од очекуваното, со што се доведе во прашање неговата успешност. Крајните бројки покажаа излезност на само 25 граѓан(к)и повеќе од потребните половина од населението!
Џабир Дерала, во име на ЦИВИЛ – Центар за слобода, изјави дека референдумите претставуваат тест за системот, во пресрет на локалните избори на 15 октомври.
Маја Ивановска
Фото: „Здрава котлина“