По завршување на локалните избори на 15 октомври, кога во најголем дел од општините победија СДСМ, во недела навечер, се случија низа инциденти, полицаец тепаше млади лица во Свети Николе, со нож нападнати симпатизерите на ГРОМ, меѓу кои и Стевчо Јакимовски, пукање со огнено оружје на неколку места…
Најпоразен сепак, мислам дека не е Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, туку поранешниот градоначалник на Карпош, „громецот“ Стевчо Јакимовски. Веднаш по поразот, вечерта на 15 октомври, пред неговиот штаб бил нападнат од двајца, од кој еден извадил и нож за да се пресмета со Јакимовски и неговите симпатизери. По инцидентот, наредниот ден полицијата упадна во Општина Карпош за да контролира што се изнесува оттаму. Јакимовски се пожалил дека изнесувал фотографии и пехари, и нема потреба од полициска контрола, бидејќи доверливите документи се чуваат во архива. По неговата изјава, некој вработен, самиот решил и ги сменил бравите на архивата, за да не може Стевчо да влезе. Случајот е пријавен во полиција. Бидејќи Стевчо е српски турбофолкер познат по – „Не могу нам нико ништа јачи смо од судбине…“, во тој контекст, ќе го поздравиме со една песна од Шабан Шаолиќ – „Отвори ми своја врата, јас сам човек кои куца, верни слуга што те моли, заробљеник што те моли, ти кралице мога срца“… Вратата се надевам дека ќе ја отвори Катица Јанева од СЈО!
Полицаецот од Свети Николе во изјава за еден медиум вели дека симпатизери на СДСМ по победата, дошле пред неговата зграда и го навредуваа и тепаа со клоци и тупаници – „Еве раката ми е малку напукната и изгребана“… се пожалил полицаецот. Ама пуста технологија, ова младите снимаат и свадби и крштевки, и веридби, и погреби, па морале ли да снимаат и како „жртвата“ ги претепува. Силни аркади и вилици ќе да имаат тоа младите дечки и девојки, сега да не треба да му платат и извинат што му ја повредија раката. Долга и силна е раката на полицаецот, како на ВМРО-ДПМНЕ! Но, и раката на правдата е долга и секој што згрешил пред законот ќе си одговара, мора да одговара!
Во некои општини победата на локални избори се славеше со пукање од огнено оружје. „Скромни“ луѓе, можеби немале пари за огномет и петарди и да слават како нормални граѓан(к)и, како што се славеше пред Влада. А, можеби решиле да не пуштаат огномет, и да си пукаат со куршуми за да не го загадуваат воздухот! Среќа, никој не е повреден, или мртов од славеничките куршуми. Се надевам дека МВР ќе ги пронајде пиштолџиите и ако не ги казни, во најмала рака да им го одземе оружјето.
Дехран Муратов