Своето право на глас на прегласувањето на ИМ 2901 во Чаир го искористиле 253 до 18:00 часот, информира набљудувачот на ЦИВИЛ од лице место.
Претставниците на ЦИВИЛ ќе бидат пред СОУ „Иднина“ во 18:30 часот и ќе бидат на располагање за изјави пред и по затворањето на избирачкото место. Тимот на ЦИВИЛ е стациониран во чајџилницата „Те Бала“, на вкрстувањето меѓу улиците Крсте Асенов и Добри Даскалов, во непосредна близина на СОУ „Иднина“.
Изборниот ден на прегласувањето на избирачкото место 2901 во СОУ „Иднина“ во Чаир започна и течеше мирно и без посебни изненадувања. Во текот на целиот ден беше забележливо силно присуство на полицијата. Неофицијално, ЦИВИЛ дознава дека на партиските активисти им било категорично укажано дека не смеат да дејствуваат во околината на објектот на училиштето кај што се одржува прегласувањето. Сепак, во околните локали беше забележана концентрација на локални партиски функционери и раководители на јавни претпријатија и во администрацијата.
ЦИВИЛ објави повеќе извештаи од набљудувањето (9:30, 10:30, 12:30, 16:30) и одржа една прес конференција во 13:30 часот пред СОУ „Иднина“.
Во вториот круг на локалните избори во оваа избирачко место гласале 278 од вкупно 719 гласачи. Разликата меѓу кандидатите за градоначалници Зеќирија Ибрахими и Висар Ганиу беше 66 гласа предност за Ибрахими. По одбиениот приговор на Беса за избирачкото место 2901 во ОУ „Иднина“, Чаир, Управниот суд Скопје, донесе одлука за прегласување, прифаќајќи ја нивната жалба.
Беса, незадоволна од начинот на спроведување на изборниот процес во вториот круг во Чаир, до ДИК поднесе 89 приговори. Оние што се однесуваа за избирачки места во Чаир, најмногу се однесуваа на броењето на гласовите, каде овластените претставници на партијата констатирале дека за неважечки се прогласувале оние гласачки ливчиња каде, како што се вели во приговорите, е јасно изразена волјата на гласачите, токму за нивниот кандидат за градоначалник.
ЦИВИЛ ќе го набљудува спроведувањето на прегласувањето на ова избирачко место и ќе ја известува јавноста во текот на целиот ден.
Граѓанките и граѓаните и сите засегнати страни кои имаат информации за изборни нерегуларности можат да ги пријават на телефонските броеви 071 608 523, 078 / 746 138 и онлајн формуларот www.slobodniizbori.info.
ЦИВИЛ – Центар за слобода прогласи нулта толеранција кон изборните нерегуларности и ги повика сите учесници во прегласувањето на избирачкото место 2901, на 12 ноември, да придонесат за мирен, слободен и демократски изборен ден.