Вчера е донесена пресуда за доживотен затвор на воениот злосторник Ратко Младиќ. Коментар? Мисла? Секогаш кога се споменува Сребреница, геноцидот извршен врз бошњачкиот народ, веднаш се бара мислење од Бошњак, претпоставувам дека така одат работите…
Во Сребреница немав роднини, но имав во Сараево додека траеше опсадата, имав роднини низ Босна, кои претрпеа голем страв и сè уште ги носат траумите, во очите им ги гледам… Кој сум јас да пишувам и да давам мислење за геноцид, кога не сум бил ниту роден кога се случил. За тоа злосторство имам дознаено од потресни сведоштва во медиумите, документарци на интернет, приказни од роднини…
Пресудата, како таква, можам да ја коментирам, бидејќи е предоцна за истата. Денес, можам да правам паралела меѓу Младиќ и Холанѓаните, кои на снимки се гледа како исплашено се поздравуваат. Стравот на „мировњаците“ им се познава во очите, додека очи полни со терор, претчувствувајќи ја смртта на прагот која демне, насочени кон нив, како претставници на мировна акција – дојдени да го спречат токму она што се случи, ги гледаа преку оградата.
Се викам Ермин. На еден документарец, кој почнува со татко кој извикува по синот „Нермин“, ми се кине срцето… Затоа ќе прашам: каде е судот за Холанѓаните кои го дозволија геноцидот во Сребреница!?
Злосторникот Младиќ е осуден на доживотен затвор, но национализмот и омразата сè уште се на слобода!