„Република Македонија во 21-виот век се случува политички прогон. Политички прогон на оние кои што мислат, и чувствуваат поинаку, на оние кои што имаат различни политички убедувања“ – рече Владимир Ѓорчев, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на прес конференцијата на 26 ноември, на која тој го откажа протестот за ослободување на Едмонд Темелко од притвор, кој од затворот во Шуто Оризари и беше префрлен во домашен притвор.
„Секој ден во главниот град Скопје има убиство, има убиства во Чаир кои што се нерасветлени, убиство во Аеродром кое што е нерасветлено, секој ден пљачки и разбојништва. Секој ден претепувања, секој ден небезбедност на граѓаните. Секој ден има запалени автомобили, пљачкање на банки. И едноставно имаме ситуација во која што мафијата царува, а Македонија е вратена во 1995-та година“ – рече Ѓорчев, кој воедно повика на нови протести на 3 декември, во 18 часот.
„Продолжува и борбата за слобода на заробената држава Македонија во која што царува мафијата, во која што луѓе секојдневно се убиваат, во која што цели бизниси се рекетираат, во која што автомобилите секојдневно се палат. Од тие причини, ВМРО-ДПМНЕ најавува граѓански протест за правда и правдини кој што ќе се одржи на 3-ти декември во недела во 18 часот. Идниот викенд дојдете во Скопје да се протестира за правда, да се протестира за праведност, да се протестира за човекови права, да се протестира и да се крене глас дека Македонија нема да биде заробена држава, туку Македонија ќе биде слободна држава. Дека Македонија ќе биде држава во која што се почитуваат човековите права и Македонија постепено секојдневно, секој ден, секоја недела, секој месец постепено ќе го крева гласот за оваа лакрдија која што и се случува“ – рече Ѓорчев на крајот од прес конференцијата.
Извори на ЦИВИЛ Медиа наведуваат дека вистинската причина за откажување на протестот бил слабиот интерес на сѐ помалубројните поддржувачи на овој лидерски состав на ВМРО-ДПМНЕ. Посебно интересен е дел од вокабуларот со кој се користи членот на ИК на оваа опозициска партија кој како да е „позајмен“ од извештаите на организациите за човекови права кои се однесуваа токму на времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ.