Граѓаните од Општина Карпош упатија повик до уставните судии конечно да донесат одлука за спорните ДУП –ови за општината.
„И по еден месец од нашата јавна реакција кога го повикавме претседателот на Уставниот суд да преземе одговорност, да ја утврди причината за одолговлекување и да побара одлучување по поднесените граѓански иницијативи во врска со ДУП З 06, З 04, З 05 и СЗ 19 во општина Карпош, Уставниот суд сѐ уште ги игнорира изразените основани сомнежи и продолжува да не го штити уставното начело на владеење на правото“ велат од О2 Коалицијата.
Тие јавно побараа од уставните судии итно решавање на овие предмети како што налага правдата и Уставот, а не да се служат со манипулации.
„Овие претставки се израз на повеќегодишни заложби на жителите во оваа скопска општина, да стават крај на непланираното уредување и дехуманизација на просторот, уништување и деградирање на животната средина и на природата, сите нарушени и загрозени Уставни темелни вредности и права“, се вели во повикот.
„Поразително за нас како граѓани на оваа држава и жители на урбанистички загрозената општина, е што Уставниот суд, што треба да го штити начелото на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, сѐ уште не носи решение за поведување на постапка по предметите за ДУП З 04, З 05 и СЗ 19. Истовремено, предметот за ДУП З 06 не е вратен за одлучување по неговото тргање од дневен ред од седницата на 31 јануари 2018. Следната седница на Уставен суд е закажана за 18 април и ниту еден од предметите не е на дневен ред“, стои во повикот.
Б.Ј.