ЦИВИЛ-Центар за слобода и Министерството за внатрешни работи потпишаа Меморандум за соработка и партнерство во борба против насилниот екстремизам и тероризам.
„Граѓанскиот сектор може да даде силен и значаен придонес и преку експертиза и преку присуство на теренот во борбата против она што е најголема закана во современиот свет, а тоа радикализацијата, екстремниот национализам, радикалниот тероризам…“, изјави Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ-Центар за слобода по потпишувањето на Меморандумот.
Дерала истакна дека ЦИВИЛ ја продолжува соработката токму онаму каде што долго време беше прекината, односно комуникацијата меѓу граѓанските организации и граѓан(к)ите со релевантните институции во доменот на безбедноста.
„Како организација ЦИВИЛ е позната по тоа што е инволвирана и во доменот на контрола на оружјето од најразлични аспекти… ЦИВИЛ како релевантна организација што се занимава со изборен мониторинг соработуваше со соодветни институции во напорите да ги намалат, односно искоренат изборните нерегуларности“, рече Дерала.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски посочи дека соработката со ЦИВИЛ ќе помогне во јакнење на довербата на граѓаните во полицијата.
„Неспорна е потребата, но и можностите за заедничко делување на полицијата со граѓанските здруженија, особено во делот со едукација и превенција. Не помалку е важно да се има предвид нужноста од поинтензивен граѓански активизам кој истовремено ќе биде коректор, важен контролор, но и советодавен механизам, затоа што нормите и работните задачи министерството ги остварува директно во соработка со граѓаните“, изјави Спасовски.
Спасовски истакна дека Меморандумот, како правна рамка, исто така, опфаќа низа активности кои заеднички со ЦИВИЛ, МВР треба да ги дефинира и детектира за заеднички интерес, како што се едукацијата и превенцијата од радикализација, насилен екстремизам, тероризам и проблемот со контрола на оружјето.
Биљана Јордановска
Камера: Дехран Муратов