Северна Кореја не е заинтересирана за средба на врвот со САД, ако тие продолжат да инсистираат на еднострано откажување на Пјонгјанг од неговата нуклеарна програма, изјави севернокорејскиот прв заменик-министер за надворешни работи Ким Ге-гуан.
– Ние не сме заинтересирани за преговори, на кои ќе бидеме притиснати во агол и ќе ни се упатуваат барања еднострано да се откажеме од нуклеарното оружје. Не ни останува ништо друго освен да го преразгледаме прашањето за средба на врвот со САД, рече севернокорејскиот дипломат.
Тој исто така ги критикуваше изјавите на Вашингтон дека Северна Кореја треба целосно да се откаже не само од нуклеарната програма и балистичките ракети, туку и од своите биолошки и хемиски оружја.
Северна Кореја уште вчера се закани со откажување на средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун превидена за 12 јуни во Сингапур, поради најавените јужнекоројско-американски воени вежби. Од истите причини, властите во Пјонгјанг ги откажаа и за денеска предвидените разговори на високо ниво меѓу претставници на Северна и Јужна Кореја.
Како што јави јужнокорејската агенција Јонхап, Северна Кореја оценува дека воените вежби претставуваат проба за можна инвазија врз земјата.
– Оваа вежба во Јужна Кореја чија цел сме ние, претставува флагрантен предизвик за Декларацијата од Панмунџом и намерна воена провокација насочена против позитивниот политички развој на Корејскиот Полуостров, се наведува во реакцијата на севенокорејските власти.
Во текстот натаму се додава дека САД „треба внимателно да размислат за судбината на планираниот Самит меѓу Северна Кореја и САД“, имајќи го предвид „провокативниот воен потег организиран заеднички со јужнокорејските власти”. (МИА)