Дали сте забележале ненадеен пад во видливоста на вашиот личен или институционален профил на социјалните мрежи? „Кризата“ трае со денови или недели, а потоа, исто толку нагло, вашиот досег почнува да се враќа, како ништо да не се случило.
Треба да знаете дека тоа не е случајност. Ниту пак е губење на интересот за темите што ги споделувате. Всушност, може да биде токму спротивното. Можеби сте го привлекле вниманието, но не од вашата публика, туку од структури на моќ што делуваат внатре во самата платформа.
Во еволутивниот пејзаж на информациското војување, цензурата веќе одамна не е најефикасниот начин за замолчување на гласовите. Таа е премногу видлива, премногу контроверзна и често контрапродуктивна. Наместо тоа, се наметнува потивок и пософистициран метод: алгоритамско потиснување.
Содржината не се брише. Профилите не се блокираат. Не се објавуваат формални прекршувања. Сепак, видливоста се урива. Објавите не стигнуваат до својата публика, ангажманот нагло опаѓа, а цели медиумски платформи постепено се туркаат кон маргините на дигиталниот јавен „плоштад“.
Овој феномен сѐ повеќе ја одразува структурната ранливост во начинот на кој функционираат платформи како Facebook, X и други, и како тие системи можат да бидат злоупотребени.
Логиката на алгоритмот
Современите социјални мрежи ја приоритизираат содржината преку сложени алгоритми дизајнирани да го оптимизираат корисничкото искуство, безбедноста и ангажманот. Овие системи во голема мера се потпираат на сигнали што „се ловат“ од однесувањето на корисниците: лајкови, споделувања, коментари и пријави од корисници, што е клучно.
Кога се работи за податоци во голем обем, автоматизацијата е неизбежна. Платформите во сопственост на Meta Platforms обработуваат огромни количини содржина, а одлуките често се активираат врз основа на шаблони, наместо контекст. Ненадејното зголемување на бројот на пријави или негативен ангажман може да сигнализира потенцијални прекршувања, што го поттикнува системот превентивно да ја ограничи дистрибуцијата.
Во теорија, ова ги штити корисниците. Во пракса, создава простор за манипулација од координирани мрежи, пропагандни екосистеми и авторитарни структури на моќ.
Координација и вооружување на алгоритмите
Организирани групи можат да ги злоупотребат овие механизми преку координирани кампањи на пријавување или ангажман. Со создавање нагли приливи од пријави против одредена содржина или страници, тие можат да симулираат штетно однесување, дури и кога такво нешто не постои.
Системот, неспособен да направи разлика меѓу вистинска загриженост и оркестрирана акција, реагира автоматски. Резултатот не е отстранување, туку ограничување: намален досег, пониско рангирање во фидовите и исклучување од системите за препорака.
Оваа форма на „мека модерација“ функционира под прагот на видливоста. Таа не остава јасна трага, нема јавен запис и често нема објаснување за засегнатите. Во суштина, управувањето со платформата станува вектор на влијание, наместо заштита на корисниците.
Од потиснување до засилување: различни модели, ист ефект
Додека некои платформи овозможуваат потиснување преку автоматизирана модерација, други го обликуваат информацискиот простор на поинаков начин, помалку преку ограничување на видливоста, а повеќе преку селективно засилување (амплификација).
По преземањето на X од страна на Илон Маск, стана очигледна промената на содржините на платформата. Промените во политиките за модерација, враќањето на претходно забранети профили и алгоритамските промени придонесоа за средина во која одредени наративи, особено поларизирачки или непроверени, можат да добијат непропорционален досег или, поточно, да доминираат.
Во овој модел, системот не ги замолчува директно спротивставените гласови. Наместо тоа, ја преобликува видливоста преку засилување на содржини што се вклопуваат во идеолошки диригирани текови, со што ефективно се потиснуваат фактите и прогресивните ставови.
Слична логика може да се забележи и кај платформи изградени со изразена политичка ориентација, како што е Truth Social, поврзана со Доналд Трамп. Тука самата архитектура поттикнува наративна хомогеност, зацврстувајќи одредени гледишта, додека спротивните мислења ги маргинализира.
Овие модели се разликуваат по структура, но се совпаѓаат по ефект. Тие внесуваат дисторзија во видливоста — било преку потиснување на еден вид содржини или засилување на други. Исходот во двата случаи е де факто потиснување на спротивставените ставови.
Хибридна тактика за дигиталната ера
Овие практики се вклопуваат во пошироките обрасци на хибридно војување, кои се состојат од дејствија што остануваат под прагот на отворена конфронтација. Тие тешко се припишуваат, и ги искористуваат постојните системи наместо директно да ги напаѓаат.
Алгоритамското потиснување — и неговиот пандан, алгоритамското засилување — следат модел што е нискобуџетен, скалабилен и негирачки: бара координација наместо напредна технологија, применлив е низ различни платформи и региони и не се разликува од органското корисничко однесување или од самите дизајнерски решенија на платформите.
Особено е ефективен во поларизирани средини, каде што мотивирани групи се подготвени брзо да се мобилизираат, а дигиталните платформи служат како примарни канали на информирање. Во такви услови, независните медиуми, истражувачките редакции и граѓанските организации стануваат примарни цели — не затоа што се ранливи, туку затоа што се влијателни.
Последици за јавниот простор
Овој начин на модификување на влијанието далеку ги надминува поединечните профили или организации.
Прво, ја искривува видливоста. Координираната манипулација — или самата платформска пристрасност (како што се гледа на платформи како Truth Social) — може да ги преобликува трендовите и да го насочува вниманието. Она што изгледа популарно или релевантно, всушност може да биде вештачки засилено или вештачки намалено.
Второ, предизвикува ерозија на довербата. Кога публиката забележува недоследности, како исчезнување на содржина од фидовите, непредвидливо однесување на ангажманот или ненадеен подем на екстремни наративи, може да ја изгуби довербата не само во платформите, туку и во самата информација.
Трето, ја ослабува демократската отпорност. Пристапот до разновидни, доверливи извори е суштински за информирана јавна дебата. Кога на таквите извори систематски им се одзема видливоста или се задушуваат од засилен шум, информациската средина станува ранлива и поподложна на манипулација.
Нерегулирана слепа точка
Сегашните регулаторни пристапи во голема мера остануваат фокусирани на содржината: што треба, а што не треба да биде дозволено онлајн. Сепак, вистинската закана сè повеќе се наоѓа во манипулацијата со дистрибуцијата — начинот на кој содржината се рангира, се прикажува, се потиснува или се засилува преку алгоритамски системи.
Мрежите усогласени со државата или политички мотивираните групи често не се потпираат на нелегална содржина, ниту пак нужно ги прекршуваат стандардите на заедницата. Наместо тоа, тие ги злоупотребуваат — или ги отелотворуваат — механизмите на дистрибуција, создавајќи критична слепа точка. Така, може да се случи токму организациите за човекови права да бидат истиснати од „сообраќајот“, додека радикалните мрежи и поединци, со вешто менаџирање, успеваат не само да ги избегнат регулативите, туку и да постигнат неспоредливо поголема видливост во споредба со оние што укажуваат на ерозија на демократијата, кршење на човековите права или воени злосторства.
Обврските за транспарентност ретко ги опфаќаат динамиките на дистрибуција во доволна мера. Механизмите за жалба често се ограничени на отстранување содржина, а не на намалување на досегот или алгоритамско засилување. Како резултат, засегнатите актери и пошироката јавност имаат многу мал увид во тоа како информацијата се приоритизира или потиснува.
Новата реалност и европскиот одговор
Контролата врз информацијата повеќе не зависи само од тоа што се објавува, туку од тоа што се гледа — и што се наметнува како доминантно во фокусот на јавното внимание. Алгоритамското потиснување не замолчува со сила. Алгоритамското засилување не убедува со аргумент. Тие ја преобликуваат реалноста преку самото структурирање на видливоста. И во ера на хибридни закани, тоа може да биде најмоќната алатка од сите.
Овие феномени придонесоа за сериозни дебати и иницијативи во Европа. Прашањето за дигитален суверенитет — намалување на зависноста од платформи доминирани од Силиконската долина — излезе од маргините и се приближи кон центарот на политичките дискусии на Стариот континент. Европските иницијативи сѐ повеќе истражуваат алтернативни инфраструктури, регулаторни рамки и платформи во јавен интерес што би обезбедиле поголема транспарентност, отчетност и отпорност.
Овие прашања беа покренати и на меѓународни форуми, вклучително и на конференциите „Одбрана на демократијата“ одржани во Скопје во 2024 и 2025 година, организирани од ЦИВИЛ –Центар за слобода и партнерите во рамките на Defending Democracy Global Initiative, како што се Youth4Media Network, Media Dialogue, New European People’s Forum, Centro Studi Internazionali и Jean Monnet Association. Учесниците нагласуваат дека зависноста од глобалните платформи не е само технолошко или економско прашање, туку прашање на демократијата и безбедноста.
Однапред изгубена игра
Во меѓувреме, пронаоѓањето ефективни решенија и соодветен одговор на оваа пракса што тивко им служи на структурите на моќ — не е лесна задача. Алгоритамското потиснување и засилување одамна не се технички прашања, но и понатаму во голема мера се игнорираат таму каде што е најважно.
Наместо да пружат отпор, голем дел од медиумите избраа приспособување и почнаа да учат како да му се „умилкуваат“ на алгоритмот. Се појавија цели компании како консултанти, нудејќи услуги и обуки за тоа како содржината да се прилагоди на трендовите. Насловите стануваат помеки, јазикот поприфатлив, а содржината помалку вознемирувачка. Содржините и насловите со острица се затапуваат. Наместо да создаваат трендови, медиумите сè повеќе стануваат слуги на трендовите наметнати од алгоритмите.
И така, играта продолжува. Со таа разлика што ова веќе не е новинарство што игра системот. Системот е тој што си игра со новинарството.
И обидувајќи се да ја играат играта, тие ја губат.
Уредничкото расудување се аутсорсира. Одговорноста се разводнува. Видливоста станува и валута — и замка. Уште полошо, уредничката одговорност се предава на системи што ниту ја разбираат вистината, ниту ја ценат.
Со тоа, демократските, професионални, истражувачки и независни актери не се само прилагодуваат — тие попуштаат. Му се препуштаат на структурни сили што ја обликуваат видливоста, влијаат врз перцепцијата и, на крајот, ги дефинираат границите на демократската реалност.
На сили што не ја известуваат реалноста — туку ја дефинираат.