Јован Џалев, еден од иницијаторите на референдумот во Дојран и дел од иницијативата „Спас за Дојран“, пред камерите на ЦИВИЛ Медиа, зборува за текот на референдумот, за неизвесноста од резултатите до самиот крај, за притисоците кои се вршеа во текот на вчерашниот ден – за да не се постигне потребниот цензус, како и за претстојниот референдум во Валандово.
ЦИВИЛ Медиа: Референдумот во Дојран беше неизвесен до самиот крај. Како би го оцениле неговиот тек?
ЏАЛЕВ: Референдумот беше навистина тежок. Би го оценил како референдум на политички игри! Пред сè, една политичка партија вршеше максимален притисок врз граѓаните и не им остави можност сами да одлучат дали да излезат да гласаат или не. Се вршеше огромен притисок за да нема доволна излезност и референдумот да биде прогласен за неуспешен. Затоа, цензусот беше навистина тенок.
ЦИВИЛ Медиа: Податоците говорат дека се работи за само 25 гласа повеќе од потребните за успешен референдум. На што најмногу се должи слабата излезност на референдумот?
ЏАЛЕВ: Знаете, и општината и населените места во Дојран се специфични. Тоа е мала општина каде секој со секого се знае, периодот за референдум не е најповолен, во екот на туристичката сезона… Тоа е првиот сегмент. Вториот сегмент е она за што зборував претходно, една политичка партија вршеше страшен притисок врз своите членови и врз оние кои може да ги притиска за да не излегуваат и да не се постигне цензусот.
ЦИВИЛ Медиа: Следен на листата локални референдуми во Македонија е референдумот во Валандово. Очекувате ли притисоци и таму?
ЏАЛЕВ: Таму ќе биде крешендото на сè! Гевгелија не беше толку, Богданци – не, денеска видовме како помина Дојран со притисоци, а во Валандово ќе биде страшно! Затоа, јас мислам дека таму треба проблемот на рудникот Казандол и на останатите рудници, да се дигне на малку повисоко ниво. Кога велам на повисоко, мислам на републичко ниво. Да се вклучат многу еколошки друштва, невладини организации, не само вие како ЦИВИЛ што денеска бевте присутни, туку многу повеќе, дури и Хелсиншкиот комитет да се вклучи. Јас мислам дека тогаш ќе немаме никаков проблем. Иако очекувам дека политиката и таму ќе го направи своето и ќе се вршат притисоци за да нема цензус.
Маја Ивановска