Амбасадата на САД во Тирана соопшти дека е разочарана од изјавата на албанскиот премиер Еди Рама за можноста од обединување на Косово и Албанија.
Американската Амбасада ја оцени изјавата на Рама како „невнимателна реторика“.
– Амбасадата на САД е разочарана од изјавата на премиерот Рама за Косово и Албанија по повод 10-годишнината од независноста на Косово. Невнимателната реторика, со која се алудира на обединување, не е од помош и нанесува штета на односите на Албанија со соседите. Сите лидерите треба да бидат добри соседи и да се откажат од реториката од минатото, што создава поделби, се наведува на пораката објавена на Твитер.
Пораката е објавена на албански и на англиски јазик.
Рама во неделата во Приштина изјави дека „Албанија и Косово ќе имаат заедничка надворешна политика, а не само заеднички амбасади и дипломатски мисии“.
– Зошто да нема дури и еден претседател како симбол на националното единство и заедничката национална безбедносна политика, наведе Рама на свечената седница на косовското Собрание по повод 10-годишнината од независноста на Косово.
Рама денеска изјави дека неговата изјава е извадена од контекст.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.