Британскиот аналитичар за одбрана и безбедност Мајкл Кларк во интервју за Скај њуз го коментираше денешниот говор на Владимир Путин за состојбата на нацијата, кој траеше речиси два часа. Во него Путин ги обвини Западот и Кијив дека ја започнале војната (која ја иницираше самиот Путин), а на крајот од говорот најави суспензија на учеството на Русија во договорот за контрола на нуклеарното вооружување.
Кларк истакна дека рускиот претседател „отишол до крај“ во својот говор, додавајќи дека „не оставил ниту малку простор за дипломатија“. Тој наведе дека 70-годишниот руски лидер верува дека војната во Украина е „дел од војната што Западот ја води против Русија за да ја уништи“.
Путин рече дека Русија се обидела да преговара, но Западот секогаш имал своја тајна агенда, изјави Кларк, додавајќи дека „за него ова е почеток на трета светска војна“. Тој објасни дека руската инвазија врз Украина не оди онака како што ја замислил Путин, поради што рускиот народ сега мора да трпи поголеми жртви од очекуваното.
Тие жртви може да се оправдаат само ако оваа војна е за нешто поголемо од Украина и затоа стана војна за опстанок. Сето тоа сме го слушнале претходно, но кога ќе го склопите во релативно кохерентен наратив, тоа не остава простор за каква било дискусија, истакна британскиот аналитичар.