Љубица Ангелкова Манговска, програмски директор на ТВ Тера, во интервју за ЦИВИЛ Медиа зборува за состојбата со медиумските слободи во Македонија и притисоците со кои се соочуваат новинарите и медиумите.
ЦИВИЛ Медиа: Каква е состојбата со медиумските слободи во Република Македонија?
Ангелкова: Тоа е тема којашто ја вергламе долги можеби 25 години и мислам дека Балканот никако не може да се отараси од таа приказна, веројатно заради некои наслаги коишто ги имаме од минатиот век, а ги продолжуваме и во овој период. Сметам дека традициите да се создаваат медиуми и да се зборува за слободите на Балканот се многу поразлични од она што западната култура го имала како предизвик. Затоа тие „детски болести“ никогаш не ги гледав со презир, напротив сметав дека се дел од растежот на едно демократско општество. Она што особено ме мачи е што по 25 години сè уште се занимаваме со некакви тривијални работи наместо да ги надминеме и да се занимаваме со оние коишто навистина можат да значат предизвици за новото време. На пример, ако немавме регулација на почетокот на 90-тите кога го започнувавме телевизискиот бизнис, па периодот кога имавме преголема регулација затоа што имавме закони буквално за се, до период кога баравме дерегулација, односно либерализација на законите затоа што ќе изнајдеме капацитет ние самите да се регулираме, денеска се наоѓаме во ситуација да заклучиме дека проблемите со коишто денеска се соочуваме се речиси идентични со проблемите што сме ги имале во изминатите 25 години.
Мислам дека медиумите во Македонија никогаш не станале индустрија. Тие секогаш биле привезок на некаков спореден бизнис на нивните сопственици. Или, пак, ја сфаќале нивната улога дека треба да бидат во скут на некаква власт. И тој феномен, веројатно, има поврзаност со наслагите од минатото или на стереотипите коишто сме ги имале од некои минати системи. Потребни се тектонски промени во начинот за размислување и на оние коишто решиле да инвестираат пари во бизнис којшто треба да биде профитабилен, зборувам за приватните медиуми, меѓутоа, и на оние коишто сакаат да имаат допир со медиумската сфера од аспект на регулирање или третирање како бизнис којшто го користи јавното добро во улога на јавниот интерес. Секогаш ќе се отвора прашањето дали јавното добро смее да биде профитабилно или не, тоа не смее да биде профитабилно, меѓутоа, таа тенка линија помеѓу јавниот интерес и улогата којашто еден медиум треба да ја има кон јавноста како одговорност, објективност, вистинитост и транспарентност веројатно уште ќе ја бараме.
ЦИВИЛ Медиа: Дали сте биле мета на притисоци во изминатиот период и какви биле тие притисоци?
Ангелкова: Знаете, во релациите меѓу медиумите и властите во секое општество ќе се најдете во ситуација да бидете мета. Медиумите на овие простори, генерално, го имаат тој еден феномен да бидат блиски до одредени структури, мислејќи дека на тој начин ќе може да се профитира. Се гледаат краткорочните цели или некакви интереси на една таква дружба. За притисоци можам да зборувам многу затоа што мислам дека не постои медиум којшто не бил во ситуација или самиот да се стави во позиција па да биде повикуван на телефон заради одредени работи или пак да провоцира за да биде повикан од другата страна, па потоа да се нагодува.
За независни медиуми исто така не можам да зборувам. За автономни медиуми коишто зависат од пазарот. Пореметените механизми на пазарната економија создадоа една состојба во која повеќето медиуми ќе бидат во рацете на политиката и политичките интереси. Притисоци имало и ќе има. Начинот на којшто вие ќе се справите со телефонскиот повик или пораката којашто ќе ја добиете од другата страна, на еден фин или на еден помалку фин начин, зависи од тоа колку можете да кажете дека се занимавате со бизнис или сте одбрале професија во којашто можете да се носите со таквите предизвици.
За разлика од некои други системи кадешто тоа е регулирано на некаков поинаков начин ние сме многу мала средина и има премногу медиуми, страшна концентрација на медиуми или условно речено мала бара со многу крокодили. Таа желба за допадливост или можеби недопадливост можеби самите сме си ја направиле за да повлечеме такви проблематики од типот да бидеме цел на притисоци. Мислам дека по 25 години на создавање на независни, автономни или комерцијални приватни медиуми, навистина, е важно да се зборува дека се уште треба да се ставаме во позиција да зависиме или да кажуваме дека тоа е проблем за којшто не треба јавно да се зборува. Напротив, мислам дека треба да се проговори јавно и треба на некој начин еснафски медиумите да се поврзат и да си ги постават своите параметри врз база на кои можеби нема да бидат така лесно цел на притисоци.
ЦИВИЛ Медиа: Што би им препорачале на институциите, на државата, на владата да направат во наредниот период за да може да се надминат барем дел од слабостите односно лошите состојби во медиумската сфера и во медиумската слобода?
Ангелкова: Медиум во Македонија, можеше и се уште може да отвори секој. Со дигтализацијата желбата за дијалог во општеството е станата уште помоќна. Благодарение на социјалните мрежи и интернетот, којшто исто така дава право секој да го искаже своето мислење без одговорност за кажаното. И што се случува? Колку што сакаме да ги регулираме електронските медиуми, делумно да ги регулираме печатените медиуми, толку имаме дерегулирана, односно, нерегулирана сфера на оние коишто се занимаваат со интернет новинарство. Секако, со особена чест на исклучоци. Денес револуциите се прават главно преку интернет, заради тоа што електронските медиуми заради регулација и многу често заради самоцензура која што станува нормална дури и за новинарите, е причина за да не се зафаќаме со вистинските теми. Мислам дека треба да се направат одредени промени во законодавството, да се применат законските решенија коишто се во контекст на демократизацијата и плурализмот кога станува збор за медиумите. Исто така да се почитуваат правилата на игра и да не се спроведува селективно или инертно политиката. Сите медиуми во Македонија заслужуваат да останат медиуми.
Ослабнувањето на рекламниот пазар доведе до тоа голем дел од медиумите да бидат на работ на опстанокот. Затоа сметам дека ако опстанеме како медиуми онака како што фукнциониравме досега не знам колку ќе успее да опстане новинарството.
Има многу начини на коишто може да се подобри медиумската состојба во Македонија, особено во електронските медиуми. Меѓутоа мораме и ние како медиуми да се загледаме во сопствените слабости.
ЦИВИЛ Медиа: Дали сметате дека медиумските слободи може да се обезбедат подобро и на поквалитетен начин доколку медиумите повеќе и подобро соработуваат со граѓанскиот сектор?
Ангелкова: Јас мислам дека телевизиите се толку фокусирани на политиката заборавајќи го обичниот граѓанин. А обичниот граѓанин е нивниот гледач, а бројката на гледачи ним им носи параметри коишто или ја продаваат или не ја продаваат програмата којашто ја создаваат. Од аспект на тоа колку ние како цивилно општество и колку ние како медиуми коишто треба да се занимаваме со прашањата од јавен интерес, врзувајќи се со интересот на нашите гледачи, се враќаме на темата дека тоа е спрегата којашто треба нас да не интересира. Не дека политиката не е битна. Таа е битна. Меѓутоа, интересите на обичниот гледач и обичниот граѓанин мора да бидат примат во нашите програми, особено на локалните и регионалните медиуми. Она што тие можат да го направат во својата средина каде што продуцираат и емитуваат своја програма, националните медиуми и да сакаат тоа не можат да го постигнат, заради обемот и заради фокусот којшто го имаат. Затоа смешни ми беа обидите од пред неколку години кога многу мои колеги размислуваа да купуваат траси на интернационални вести или да следат големи политички теми. Не велам дека не се битни меѓутоа заборавајќи дека обичниот гледач е оној којшто е нивниот таргет. Мислам дека кај граѓанскиот сектор, односно невладините организации имавме некои осцилации на наплив и еуфорија на губење и некое повторно будење. Сега отприлика можам да речам дека донекаде е дефиниран и тој дел на невладини организации коишто навистина функционираат долго и оставаат свои траги. Или се појавиле нови коишто се релевантни за новото време. И оние коишто тоа го направиле од профитерски причини, се формирале, аплицирале, добиле некакви проекти и потоа ги снемало. Ние како медиум имаме навистина извонредни релации со невладини организации коишто сметаме дека придонесуваат за едуцирање на јавноста којашто нас не следи, но и за посочување на одредени прашања коишто и самите новинари не можат некогаш да ги забележат во шумата на некои квазинастани. Невладините организации, особено оние коишто имаат малку поистражувачки пристап на фокусот којшто нив ги интересира ни претставуваат навистина една извонредна база на користење и на експертски искуства но и на статистики коишто ние се обидуваме да ги искористиме и во нашите програми но и да направиме нешто заедно.
Еден од последните проекти којшто сега во моментот е во тек „Јас репортер“ или „Објави ме“, во којшто заедно со невладини организации сме во потрага по граѓани репортери коишто ги третираат прашањата од свој аспект.
Џабир Дерала
Обработка на текст: Маја Ивановска
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ермин Климента
Фотографија: Горан Наумовски